ПОЛИТИКА

Српската православна црква ја засилува својата машинерија на македонска почва

ПОТПОРА ИЛИ ДИЛЕМИ ВО ВРВОТ НА МПЦ!?

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Објектот "Малина" во Велес се подготвува да стане центар за разнебитување на македонското национално ткиво. Тој ќе функционира како еден вид интернационален духовен православен центар кој во Македонија ќе биде регистриран како невладина организација.
  • Во прилог на ова оди тезата на нашиот извор кој вели дека доколку во битката за Македонија не се пронајдат двајца соодветни црковни достојници што ќе бидат прогласени за владици, тоа ќе го сторат Српската православна црква и Грчката православна црква. Таквата структура на паралелен црковен Синод со седиште во Велес ќе ги замати односите во Македонската православна црква.

Посетата на архиепископот од Антиохиската патријаршија, примасот на Антиохиската Австралиско-новозеландска епархија, Неговото Високопреосвештенство г. Павле Салиба на Македонската православна црква покажа колку е длабок раздорот меѓу митрополите на Светиот архиерејски синод во врска со спорот со Српската православна црква. Неговото Високопреосвештенство г. Павле Салиба не е некаков случаен минувач или посетител на македонските светилишта. Тој е емисар пред емисарите, кој мора да ја преиспита климата во Македонската православна црква и расположението меѓу верниците. Целта е да го приближи Синодот до ставовите и гледиштето на Српската православна црква, односно до погледите на Грчката православна црква.

Овој "бермудски црковен триаголник", кој моментално е ангажиран околу жезлото што се кова и топи околу положбата на МПЦ со сестринските цркви, ќе настојува да ги притиска членовите на Светиот архиерејски синод и истовремено да испраќа сигнали преку своите емисари. Затоа набргу можеме да очекуваме фрапантни зачудувачки потези што тесно ќе бидат поврзани со разрешениот владика Јован, кој благодарение на нерешителноста на Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, и другите митрополити, не е расчинет и и натаму ровари низ македонското православно и христијанско ткиво.

Според предвидувањата на нашите извори, по прогласувањето на владиката Јован за егзарх охридски и плаошки од страна на СПЦ, следен негов чекор можеби е прогласувањето на негови владици кои паралелно ќе создаваат и инсталираат цркви и свештеници. Истиот извор анализира дека пионот силно ќе биде поддржан со средства и поттикнат од балканските сестрински цркви, СПЦ и ГПЦ. Доколку ова се случи, проблемот значително ќе се заостри затоа што постои колебливост во Синодот и длабоко мешање на политиката во функционирањето на Македонската православна црква. На тој начин, повторно македонските верници ќе треба да ја преземат религиската правда во свои раце и конечно на вистински начин да го осудат и протераат поранешниот владика Јован.

ПОДЕЛЕНОСТ

Проблемот е во Светиот архиерејски синод на МПЦ, кој можеби на лице и за јавноста, е единствен во однос на прашањето за нашата црковна автокефалност. Но, прашање е дали сите владици во своите контакти со другите цркви се искрени во тоа оти цврсто опстојуваат на таа определба, или дволично настапуваат, па затоа постојано сме сведоци на контрадикторните ставови и размислувања на митрополитите. Ваквиот суд беше очигледен и при посетата на Архиепископот на Антиохиската црква г. Павле Салиба кому не му беше јасно дали МПЦ сака автокефалност, лабава автокефалност или автономија за свој црковен статус?! Архиепископот Павле тоа го изјави по контактите што ги имаше со црковните достоинственици на МПЦ и информациите за преговорите со СПЦ за решавањето на меѓуцрковниот спор. Во таа пригода Дебарско-кичевскиот Митрополит, г. Тимотеј, се огради од дилемата што ја имал Антиохискиот Архиепископ и потенцираше дека тој не отстапува од автокефалните позиции на МПЦ. Но, Австралиско-новозеландскиот митрополит, г. Петар, не ја прокоментира изјавата на Архиепископот г.Павле за постоењето на различни струи во македонскиот црковен врв.

Посетата на Архиепископот г. Павле Салиба покажа колкав е раздорот во Синодот на МПЦ

Владиката Тимотеј изјави дека "тој не ја знае суштината на спорот со СПЦ и не ја знае балканската историја", односно не го прифаќа медијаторството на антиохискиот претставник во спорот со СПЦ. За разлика од него, владиката Петар изјави дека го прифаќа посредувањето на Архиепископот во контактите со СПЦ. Владиката Петар потсети дека Архиепископот Павле бил автор на решението со кое Американската православна црква ја добила автономната положба во односот кон Антиохиската Патријаршија.

МПЦ ќе биде призната како автокефална црква. Многу патријаршии не биле веднаш признати како автокефални и на тоа морале да чекаат и по 50 години. Но, на крајот волјата на верниците била исполнета. Сигурен сум дека од она што го прави сегашното раководство ќе произлезе најдобро решение. Проблем е можеби и во тоа што ние сакаме се да се случи во наше време. Мислам дека некои работи треба да му ги оставиме и на Бога, потенцираше Архиепископот Павле на трибината на Филозофскиот факултет во Скопје. Тука сум за да го согледам проблемот и потоа ќе разговарам со нашиот Патријарх, кој треба да реши дали ќе прифатиме да бидеме посредници меѓу МПЦ и СПЦ. Антиохиската православна црква во последниве шеесетина години е многу активна во посредување меѓу православните патријаршии, истакна Архиепископот Павле Салиба.

Понудата на Антиохискиот Архиепископ Павле и Митрополитот Австралиско-новозеландски Петар ја помати изјавата на владиката Тимотеј, кој седејќи до Павле изјави дека лично не го прифаќа Антиохискиот Архиепископ како посредник во црковниот спор. Сепак, Павле Салиба за време на посетата на МПЦ појасни дека разговорите се во почетна фаза и дека тој се уште ја согледува состојбата во Македонија и се обидува да утврди што точно сакаат македонските владици.

Не знам дали сакате разводнета автокефалија или полна автономија во Српската православна црква. Лично мислам дека ако една епископија има средства да се издржува и ако има средства за црквата, таа може да добие независност, изјави Павле.

Дилемата за постоењето на "автономистичка" и "автокефалистичка" струја во врвот на МПЦ веќе подолго време ја разбранува македонската православна јавност. Иако повеќето од гласините имаат шпекулативен тоналитет, сепак тие делумно ја отсликуваат вистинската состојба во Синодот. Повеќекратните потези што во последниве неколку месеци ги влечеа владиците мошне негативно се одразија врз положбата и единството во МПЦ. Искрите најмногу дојдоа до израз во случајот со парафирањето на т.н. "Нишка спогодба" со која се предвидуваше МПЦ да стане "Охридска архиепископија" со "најширока црковна автономија во рамките на СПЦ". Тројцата митрополити што го потпишаа нацртот на документот - Петар, Наум и Тимотеј - подоцна изјавија дека тие "не се согласуваат со она што е напишано во него". Но, токму ваквата контрадикторност на македонските владици предизвика лавина настани што создадоа голем револт и огорченост кај верниците. Тие, верниците, впрочем ја спасија судбината на Македонската православна црква, но и на Република Македонија. Прашање кое е меѓусебно поврзано и нераздвоиво.

Подоцна раздорот во Синодот го распламти контроверзниот разрешен владика Јован кој се втурна во прегратките на српскиот патријарх Павле.

ПАРАЛЕЛНА ЦРКВА

Неговата брза пенетрација во црковната хиерахија се должи на поддршката што ја уживаше кај одделни митрополити во Синодот. Во тој циклус на игри и мешетарења Зоран Вранишковски направи таква рашомонијада што не се мери со кантар. Затоа вистинската улога на разрешениот владика Јован е очигледна. Тој додека бил во Преспанско-пелагониската, Брегалничката и во Повардарската епархија ја олеснил црквата за повеќе од 14 милиони денари и над 200 илјади евра, или вкупно 450.000 евра. Неговите финансиски малверзации и манипулации се преголем залак за некој да замолчи. Но, сепак, тој имал многу позначајна улога. Прво, финансиски да ги ограби и да ги осиромаши епархиите, а потоа да создаде терен за припојување кон СПЦ. Овој процес моментално е закочен, но тоа не значи дека нема повторно да се одвива. За таа цел, велат наши извори, се подготвува купениот објект "Малина" во Велес. Оваа стратегиска точка на оската Белград - Атина, односно врската меѓу Патријархот Павле и Архиепископот Христодолус, е мошне важна, бидејќи објектот се подготвува да стане центар за разнебитување на македонското национално ткиво. Тој ќе функционира како еден вид интернационален духовен православен центар кој во Македонија ќе биде регистриран како невладина организација. И така по веќе општопознатиот разработен систем ќе се занимава со религиска духовна анимација на сиромашните слоеви во Македонија, односно прибирање на православното население. Во прилог на ова оди тезата на нашиот извор кој вели дека доколку во битката за Македонија не се пронајдат двајца соодветни црковни достојници што ќе бидат прогласени за владици, тоа ќе го сторат СПЦ и ГПЦ. Таквата структура на паралелен црковен Синод со седиште во Велес ќе ги замати односите во МПЦ. Овој предизвик во Светиот архиерејски синод ќе ја продолжи натамошната ерозија и поделеност која веќе се чувствува во МПЦ. Митрополитите имаа шанса да го расчинат владиката Јован и да се дистанцираат од нишкиот документ. Меѓутоа, документот не е поништен и целосно отфрлен што во суштина негативно се одразува врз нормалното функционирање на Синодот.

Борбата за уништувањето на МПЦ ќе се одвива паралелно со политичката битка за името на Македонија. Притоа, мисионерите ќе се обидат преку гладниот стомак и информативните гласила да го плакнат македонскиот национален ум. Затоа битката за националното достоинство е отпочната, но прашање е кој кого во Синодот моментално штити и кој одвнатре од митрополитите ќе се обиде духовно да ја уништи македонската црква и македонската нација. Не попусто наместо МПЦ, Крстот и нашиот Господ Бог Исус Христос, над главите на потписниците им виси "Нишкиот документ". Тоа беше доволна гаранција за СПЦ и МПЦ да го ранат кучето што лае, Зоран Вранишковски. 


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"