Од горе реченото од Архиепископот Павле Салиба можеме да заклучеме дека
неговиот домаќин, Митрополитот Австралиско-Новозеландски, г. Петар, не ја
кажал вистината дека во Македонија постои МПЦ која работи како независна од
1967 година, а и десет години пред тоа како автономна. Зарем човек треба да
биде голем мудрец и многу учен па да го разбере двојниот аршин и дволичноста
на еден владика кон својата Мајка црква.
Второ што боде во очите како игла е изјавата на Архиепископот на
Антиохиската црква кој рече дека МПЦ не била позната во светот и дека тој не
знаел ништо за неа?
Ако Митрополитот Петар не сакал да му ја каже правата вистина и да му
објасни на човекот кој досега не знаел ништо за МПЦ, тогаш се наметнува
неминовно прашањето: како може еден висок црковноголемодостојник како што е
Архиепископот на Антиохиската црква, досега во неговиот живот да не прочитал
за постоењето на МПЦ?! Што е многу, многу е, па нека биде и од еден
архиепископ со многу високо образование! Па, нели тој Антиохиски архиепископ
живее во Австралија? Зарем не прочита ниту една буква во австралиските
весници за судовите на митрополитот Петар, милионските износи пари потрошени,
за изгорената црква "Св. Ѓорѓи" од Епинг, за расцепот и фамилијарните
поделби на Македонците? Ако не знае да ги чита и разбира македонските
медиуми, сигурни сме дека има прочитано и видено на австралиските телевизии
македонски владици и свештеници кои поголемиот дел од своето време го
поминуваат во австралиските судови тужејќи ги своите верни чеда, а знаеме
дека требаше да милуваат и простуваат прво како христијани, а уште повеќе
како наши владици и свештеници, отколку што поминуваат и служат во црквите
македонски, по гробиштата, по домовите, па и болниците. Старите ќе речат: "Да
не ни беше носот, можеби ќе пасевме трева и ќе живеевме во времето на
предавството на ЈУДА".
ЗИМСКИ СОН
Арно ама, во времето на ЈУДА религијата се ширеше пешки, а денес двајцата
високи црковни достојници религијата ја шират во Македонија со употреба на
мерцедеси, хеликоптери и авиони. Некој ќе рече дека навредуваме! Не, не
навредуваме само потсетуваме дека апостол Павле ја прошетал цела Македонија,
Турција, Египет, Италија и други земји пешки. И не барал "разрес, порез,
нарез", пари и имоти за неговите служби и за неговото учење. За возврат тој
бил гладен, измачуван и тепан од оние кои не го разбирале учењето на Христа.
Со посетата на Антиохискиот архиепископ на МПЦ на најдобар начин паднаа
маските и се видоа суратите на оние кои сакаа МПЦ да ја вратат под српска
автономија и оние владици кои се за независна МПЦ. При една наша посета на
сега веќе Блаженоупокоениот Поглавар на МПЦ, г.г. Гаврил, во неговиот стан
откако на животи под притисок го напушти Светиклиментовиот Трон на МПЦ, ќе
рече: "Пазете се чеда мои, отворете ги очите многу добро оти тој и во
задникот е Србин! Голем пријател е на Иринеј, Пахомие и Антилохие,
најголемите противници на МПЦ!".
Ако нема некој да не дупне со остен, ние Македонците ќе спиеме во зимски
сон и ќе чекаме други да ни ги решаваат проблемите. Зошто ни се потребни
медијатори? Зарем ние сме налудничави и килави, па не знаеме на Србите да им
кажеме само една реченица и тоа право в лице: "Ние имаме своја независна
Црква и точка".
На пример, пред неколку години ако не дојдеше Воислав Шешељ во Австралија
се уште ќе спиевме и немаше да знаеме ништо за судбината на Македонија. Ако
Австралија не не преименуваше во 1994 година во Славомакедонци и таму ќе
спиевме. Но, сепак, за борбата против Шешељ и Австралиската Федерална Влада,
како и поранешниот премиер на Викторија, прогрчки ориентираниот Џеф Кенет,
ние во Австралија не баравме олеснувачи и посредници за споровите. Ние јасно
и гласно им кажавме дека сме Македонци и ништо друго. Ама сите тогаш бевме
како еден. Првата демонстрација за признавање на Р. Македонија имаше 40.000
Македонци, втората демонстрација за префиксот "слав" имаше над 50.000
Македонци, но како еден бевме и гласно и насекаде влегувавме во сите
министерски канцеларии за правдата наша. Затоа, преку носот ни се дојдени
тие посредници и олеснувачи. Зошто посредници? Зарем нашите владици и
политичари се глувонеми и се со ограничено ментално здравје, па не знаат на
светот да му кажат што бараме и што сме по вера и националност? Колку повеќе
посредници, толку поголеми проблеми и разнебитување и растурање на
Македонштината на сите полиња, а особено во највиталните.
Со посетата на архиепископот Павле Салиба на најдобар можен начин се
отсликаа сите тајни и јавни поделби што постојат во македонскиот црковен врв.
Постоењето на расцепничкото - "автокефалистичко", независното - "автономистичко"
и некакво "мешано" крило за независноста на МПЦ, значи дека има големи и
сериозни разлики кај владиците во САС на МПЦ што сигурно ќе предизвикаат
големи штети со несогледливи последици за Црквата.
Тоа ќе рече дека рибата смрди од главата и дека сите неправди што ги
трпиме во Австралија и на други места доаѓаат од самите владици кои на
подмолен начин сакаат да ја вратат МПЦ на понизок ранг и под управа на СПЦ.
Затоа толку горчлива жолчка се истури на сите македонски активисти во
Австралија како и она масовно иклучување на македонските православни верници
од Мајката црква како расколници, предавници, неверници, еретици...
Митрополитот Петар има исклучено од МПЦ и прогласено за расколнички 11 цркви
во Австралија заедно со нивните верници. Но, вистината, ете, уште еднаш
излезе на виделина, па вам ви останува да процените што се случува со МПЦ и
со Република Македонија.
ЗОШТО МЕДИЈАТОРСТВО?
На најубав можен начин неслогата меѓу самите владици ја видовме на
состанокот со Антиохискиот архиепископ помеѓу Тимотеј и Петар од каде што се
испрати јасна порака до другите православни цркви, ама и до нас,
македонските православни верници насекаде во светот, дека САС не ја брани
МПЦ. Напротив! Ја распродава и ја разнебитува!
Наспроти сите официјални соопштенија на САС дека не отстапува од
независноста на МПЦ, во контактите што се остваруваат со другите православни
големодостојници, некои наши владици се застапуваат за автономија и враќање
на МПЦ во скутот на СПЦ. Во таква состојба, тогаш МПЦ лесно станува предмет
на преговори, на работни документи (како што вели Петре), пишманење и
повлекување, како што се случи со "нишкиот документ". За тој документ
Митрополитот Петар рече во Мелбурн дека е невин и дека не знае ништо. Тој (нишкиот
документ) бил само потврда на други потпишани документи во манастирот "Водоча",
како и во Калишта каде што тоа се направило без негово присуство и благослов
и дека тој жестоко се спротивставил на тие претходни документи?! Каква
иронија!
И не е некое големо чудо во една ваква атмосфера од инкубаторот на МПЦ да
се испили српскиот егзарх Јован кој е сигурно поткрепен уште од двајца други
владици кои се готови да го следат расколникот Јован. Понижувачката
бело-српска камилавка ќе му припадне на еден од двајцата владици кои го
поткрепуваат сегашниот егзарх. Сето ова му беше речено на сегашниот Поглавар
на МПЦ, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, во Калишта во 2000
година, но за жал останаа само празни разговори и слики за спомен!
Во едно вакво безредие, анархија, арамилак и предавства, јасно е дека не
може да се има силна позиција за преговори која, тврдиме, не е потребна и
дека само прашање е на нечија лична истрајност на чесните владици, колку МПЦ
ќе опстои како независна Црква кога знаеме дека неколку владици - предавници
се застапуваат за промена на името во Охридска архиепископија и ставање на
МПЦ во автономен ранг под српската шајкача и извртените опинци.
На крајот да заклучиме дека понудата за медијаторство од страна на
Архиепископот г. Павле Салиба е сериозен чин што треба да се респектира. Но,
истовремено треба добро да се анализира и да се види што МПЦ ќе добие од
неговото медијаторство. Посредувањето меѓу МПЦ и СПЦ сигурно е меч со две
сечила. Доколку се прифати, тогаш треба да се прифатат и последиците кои ќе
произлезат. Господинот Павле Салиба, се чини, може да биде добар посредник,
ама и добар погребник на МПЦ. Такво едно медијаторство видовме и доживеавме
со потпишувањето на предавничкиот охридски Рамковен договор со кој ја
изгубивме безмалку половина западна Македонија и албанскиот јазик денес е
официјален јазик во Собранието на Република Македонија. Медијаторството е
опасна работа и показател за килавоста на нашите лидери и големоцрковни
достојници. Затоа порачуваме дека на Македонија не и се потребни посредници
и предавници. Македонија има добри синови кои можат да се изборат со
неправдите и да ја сочуваат својата држава.