ОБРАЗОВАНИЕ

Веронауката, конечно, влезе во училишните клупи

ДА НАПРАВИМЕ ЧЕСНИ ЛУЃЕ ОД ДЕЦАТА

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Нашата цел не е да направиме теолози, туку да направиме чесни луѓе од децата. Децата да ја согледаат убавината на својата вера, да ги слушаат своите родители, постарите, авторитетите. Учениците исто така ќе научат што е тоа молитва, за нашиот Крст, за празниците кога не се оди на настава. Децата од исламската вероисповед, исто така, ќе учат освен за џамијата и за сите свети места. Целта е да не ни се случува како досега рушење на светилиштата, вели координаторот на вероучителите и вероучението во Република Македонија, назначен од Синодот на Македонската православна црква, проф. д-р Ратомир Грозданоски.
  • Портпаролот на СДСМ, Јани Макрадули, ни изјави дека СДСМ останува на ставот дека Министерството за образование треба да ја преиспита целата работа околу воведувањето на веронауката во образовниот процес. Не може без јавна расправа, без согледување на мислењето на родителите и преостанатите да се спроведува веронауката, особено не кај третоодделенците, а потоа тие во шесто одделение на часот по биологија да учат нешто сосема поинакво за потеклото на човекот, констатира Макрадули. Освен тоа, според портпаролот на СДСМ, интересот за веронаука бил само во две скопски училишта.
  • Последните резултати од "Бирото за развој" ја негираат констатацијата на Макрадули, според кои конкретно во Скопје за изучување на веронаука дополнително се пријавиле пет основни училишта, така што во вкупно 33 основни училишта на подрачјето на главниот град е застапена веронауката.

Од седми октомври оваа година веронауката стана и официјално дел од наставната програма за основците од трето одделение, кои доброволно се согласиле за факултативна настава. Триесет дипломирани теолози по православие и 12 по ислам веќе месец дена ги држат часовите по веронауката. И во Македонската православна црква и во Исламската верска заедница очекуваат дека веронауката ќе ги зближи децата од различни конфесии.

Сметам дека веронауката ќе заживее, особено кај оние кои денес се сомневаат и спорат во врска со нејзиното значење. Тие ќе видат дека многу им помагаме со веронауката. Најлошо е човекот да достигне врвни достигнувања во науката, а да остане нечовек. Ние сакаме покрај се човекот да остане човек. Покрај научник, да добиеме и вистински човек, вели координаторот на вероучителите и вероучението во Република Македонија, назначен од Синодот на Македонската православна црква, проф д-р Ратомир Грозданоски.

Веронауката ќе ја искорени омразата од детските души

Во нашата настава, Стариот завет и Куранот ќе имаат еднаков третман, а децата ќе го изучуваат Исус како божји пратеник. Од сите срца ќе ја искорениме омразата, а младите ќе ги учиме да го сакаат Творецот, да ги сакаат блиските и да прават позитивни дела за заедницата, изјави Јакуп Селимовски од Исламската заедница.

Наставата на основците со исламска вероисповед ќе се одвива на четири јазици - македонски, албански, турски и ромски. Наставниците не се во мантии за време на часовите, а се делегирани од трите религиозни заедници: Македонската православна црква, Исламската верска заедница и Католичката црква.

ИДЕЈА

Идејата за веронауката кај децата беше дамнешна. Но, со осамостојувањето се создадоа услови за нејзино реално остварување. Демократијата, ние луѓето од Црквата, ја разбираме и како слобода на црковен план. Но, за жал, беше потребен подолг период и во едно време бевме по малку разочарани дека нема да го усвоиме тој демократски живот и во црковното живеење. Но, за една голема радост, ова Лето Господово 2002 се оствари нашата радост која наскоро ќе биде радост и на сите ученици и родители кои ќе ја видат ползата од веронауката, изјави координаторот на вероучителите, проф. д-р Ратомир Грозданоски.

Наставата е факултативна и е на крајот од училишниот ден

Би требало да се потенцира, според Грозданоски, дека и пред официјалното воведување на веронауката во образованието постоела веронаука која се остварувала во Храмовите.

Според истражувањата на Министерството за образование и според заклучоците на МПЦ, децата од трето одделение пројавуваат најголем и најконкретен интерес за прашања од верата.

Тоа не значи дека ќе останеме на тоа ниво. Замислата на МПЦ е веронауката да се учи од забавиште до факултет. Ова е практика и во светот. Македонија е една од последните посткомунистички земји во кои се изучува веронауката, а пред нас се Украина, Чешка, Полска, а од минатата година и Србија, потенцираше Грозданоски.

ЧАС

Денешните родители прегазени од напорното темпо на живот немаат многу време да им посветат на своите деца, особено кога станува збор за нивното воспитување. Токму тука е попрецизната цел на веронауката - воспитувањето. Децата на овие часови се запознаваат со самата вера и вистината за верата. Часовите се одржуваат по завршувањето на другата настава и присуството на учениците е доброволно.

Замислата е веронауката да се учи од забавиште до факултет, проф д-р Ратомир Грозданоски

Нашата цел не е да направиме теолози, туку да направиме чесни луѓе од децата. Децата да ја согледаат убавината на својата вера, да ги слушаат своите родители, постарите, авторитетите. Учениците, исто така, ќе научат што е тоа молитва, за нашиот Крст, за празниците кога не се оди на настава. Децата од исламската вероисповед исто така ќе учат освен за џамијата, и за сите свети места. Целта е да не ни се случува како досега рушење на светилиштата, истакна координаторот на вероучителите.

Досега никој на децата не им објаснува зошто не се учи за Велигден, Божиќ и зошто овие празници се битни за православните верници. Децата ќе научат и за тоа што е тоа молитва, дека покрај разговор со другите има и разговор со Бога. Покрај другото, децата ќе се запознаат со црковната уметност.

ИНТЕРЕС

Искрено, очекувавме повеќе. Но, и со ваквиот одзив бројот на посетители на часовите по веронаука рапидно се зголемува. Во иднина се надеваме дека бројката ќе го достигне посакуваниот процент. Денес во некои градови како Радовиш, Штип, Виница интересот за веронаука е огромен и на него се присутни цели класови, потенцираше проф. д-р Грозданоски.

Сепак, со новите избори и новиот политички состав на Владата имаше најави дека постои можност веронауката да биде укината. Портпаролот на СДСМ, Јани Макрадули, ни изјави дека СДСМ останува на ставот дека Министерството за образование треба да ја преиспита целата работа околу воведувањето на веронауката во образовниот процес.

Не може без јавна расправа, без согледување на мислењето на родителите и преостанатите да се спроведува веронауката, особено не кај третоодделенците, а потоа тие во шесто одделение на часот по биологија ќе учат нешто сосема поинакво за потеклото на човекот, констатира Макрадули.

Освен тоа, според портпаролот на СДСМ, интересот за веронаука бил само во две скопски училишта.

Би било многу недемократски кога СДСМ би ја укинала веронауката од училиштата. Демократски е да му се дозволи на оној што сака да ја спознае својата вера да има целосно право на тоа свое определување, вели Грозданоски во врска со ставот на СДСМ за кој смета дека повеќе е став на портпаролот Макрадули.

СОМНЕЖ

Сомнежот за воведувањето на веронауката доаѓа од родителите кои се скептични, бидејќи израснале во поинакво, комунистичко време. Децата, напротив, се мошне љубопитни, особено третоодделенците, за прашањето за својата вера, констатира Грозданоски кој вели дека во поглед на веронауката сите се првоодделенци - и родителите и децата.

На самиот почеток вероучителите знаеле дека ќе имаат проблем со родителите.

Сакаме да им порачаме на родителите дека она што тие го губат во изминатиов период со оглед дека повеќето родители се "викенд-родители" и немаат доволно време за своето дете и неговото воспитување, поради своите обврски, нека дозволат место улицата, вероучителите да го воспитаат нивното дете, вели Грозданоски.

Во училиштата, исто така, велат дека родителите на третоодделенците гледаат со сомнеж на факултативната настава по веронаука. Дали она што е ново влева и одредена доза на страв за негово автентично спроведување? Дали комунизмот во кој израснале родителите е се уште доминантен во нивните глави?

Колку и како веронауката заживеа во нашите основни училишта говорат податоците добиени од "Бирото за развој" според кои во централните училишта во Република Македонија има вкупно 340 третоодделенци кои редовно ја следат наставата по веронаука. Според "Бирото за развој" има дополнително пријавени седум училишта од Скопје, Гевгелија, Велес и Радовиш со 112 третоодделенци, така што вкупната бројка на посетители на часовите по веронаука изнесува 452 ученика.

Координаторот на вероучителите е длабоко уверен дека веронауката ќе заживее во нашиот образовен систем и дека и понатаму ќе се шири во вид на концентрични кругови, па ќе ја имаме од забавиште до факултет.


Сметам дека веронауката ќе заживее, особено кај оние кои денес се сомневаат и спорат во врска со нејзиното значење. Тие ќе видат дека многу им помагаме со веронауката. Најлошо е човекот да достигне врвни достигнувања во науката, а да остане нечовек. Ние сакаме покрај се човекот да остане човек. Покрај научник, да добиеме и вистински човек, вели координаторот на вероучителите и вероучението во Република Македонија, назначен од Синодот на Македонската православна црква, проф д-р Ратомир Грозданоски.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"