ОБРАЗОВАНИЕ

Јевстратие Димитријески против генералниот директор на "Тетекс" а.д.

ДЕНАЦИОНАЛИЗАЦИЈАТА ВО СУДСКИ ЛАВИРИНТ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Во 1986 година на господинот Јевстратие Димитријески од Тетово, за потребите на "Тетекс" а.д., му се одземени две парцели земјиште. Овој Комбинат, како што објаснува господинот Димитријески, не ја реализирал целта поради која го одзел имотот. Повикувајќи се на Законот за денационализација, тој побара враќање на имотот.
  • Со Законот за денационализација е исправена една голема неправда. Ние граѓаните во РМ се надеваме и веруваме дека правната држава која веќе заживува нема да дозволи никакви манипулации со овој Закон, бидејки со Уставот на РМ е загарантирана приватната сопственост на граѓаните, вели господинот Димитријески и се надева дека генералниот директор на "Тетекс" а.д., Глигорие Гогоски, ќе го почитува решението на Комисијата за денационализација на РМ и ќе го врати одземениот имот.

Во 1986 година, ја започнува својата приказна господинот Јевстратије Димитријески од Тетово, за потребите на "Тетекс" а.д. од Тетово, како што тогаш ми беше објаснето, односно за изградба на погон на овој текстилен Комбинат ми беа одземени две парцели земјиште. Станува збор за нива на место викано Клуково, со површина од 11.335 квадратни метри и нива на место исто така викана Клуково, со површина од 5. 200 квадратни метри.

"Тетекс" а.д Тетово не ја реализира целта заради која е одземен имотот, односно како што објаснува Димитријески, дел од просторот од првата парцела е бетониран и на него е изградена натстрешница без градежна дозвола која од Одделението за градежништво и урбанизам се третира како дивоградба, без никаква градежна дозвола. Втората парцела е ледина која е обрасната со трева и трње. Повикувајќи се на Законот за денационализација, односно на член 8 став 2, господинот Димитријески, односно барателите во својство на наследници на поранешниот сопственик Бранко Димитријески од Тетово, поднесоа барање за денационализација.

Комисијата за денационализација со седиште во Општина Тетово, со решение бр.17-782/1 од 11.01. 2000 година го одбила како неосновано барањето за денационализација, односно за враќање во сопственост градежно неизградено национализирано земјиште на КП бр. 6594 во ПЛ бр. 5197 со површина од 11.335 квадратни метри одземено со решение бр. 14-9461 од 13.01.1986 година, донесено од Одделението за имотно-правни работи Тетово, бидејќи на поранешниот сопственик Љубица Димитријеска на записник бр.14-2978 од 12.06. 1986 година спогодбено бил определен надомест.

Незадоволен од првостепеното решение, барателот Јевстратие Димитријески на 19.02. 2001 година поднесе жалба во која побарал да се укине првостепеното решение и предметот да се врати на повторно разгледување и одлучување поради погрешна и непотполно утврдена фактичка положба и погрешна примена на материјалниот закон.

ЖАЛБА

Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на денационализацијата, бр. 47-166/2, составена од Зоран Теофиловски, претседател, Владимир Захариев, Александра Наќева, Лилјана Поповиќ, Кимета Фејзулаху и Марина Христова, членови, решавајќи по жалбата на Јевстратие Димитријески од Тетово, изјавена против решението на Комисијата за денационализација со седиште во Општина Тетово, ДН бр.17-782/1 од 01.11. 2000 година, врз основа на член 23 од Законот за Владата на РМ (Службен весник на РМ број 59/2000) и член 59 од Законот за денационализација (Службен весник на РМ број 43/2000 - пречистен текст) донесе решение според кое жалбата на Јевстратие Димитријески од Тетово се уважува. Решението на Комисијата за денационализација со седиште во Општина Тетово, бр.17-782/1 од 01.11. 2000 година се поништува и предметот се враќа на повторно разгледување и одлучување.

Од приложените записници за извршен увид на лице место, од стручните лица, од 04.12. 2000 година и увид во изводот на Деталниот урбанистички план на град Тетово за КП бр. 6594 во КО Тетово, со површина од 11.335 квадратни метри може да се утврди дека предметната катастарска парцела која е одземена со Решение за одземање од владение градежно неизградено земјиште бр.14-9461 од 13.01. 1986 година, во полза на Општина Тетово за реализација на урбанистичкиот план на град Тетово, а за изградба посебен погон за производство на волница при Волнарскиот комбинат "Тодор Циповски - Мерџан" Тетово, на лице место нема промени на културата на ова земјиште (изграден погон) што значи дека намената за одземање на земјиштето не е реализирана. Извршениот увид, исто така, укажува на фактот дека оваа парцела не ја користи Волнарскиот комбинат "Тетекс", кој е заведен во ПЛ. бр. 3962 за КО Тетово, како корисник на КП бр. 6594, туку се користи за други цели по основ на договор за закуп што не претставува пречка за враќање на ова земјиште на претходниот сопственик, согласно член 25 од Законот за денационализација.

Второстепената комисија ценела дека првостепениот орган не ја утврдил потполно фактичката состојба поради што е изведен погрешен заклучок и погрешно е применет правниот пропис со тоа што во конкретниот случај, согласно членот 8 став 2 од Законот за денационализација по исклучок од став 1 на овој член, ако имотот постои, поранешниот сопственик, односно неговиот наследник, може да бара враќање на имотот, при што е должен да го врати надоместот што го примил, но при тоа не е меродавен примениот износ, т.е дадениот надомест, туку височината на она што барателот треба да го плати ќе се утврди според одредбите на УНП.

ПРАВДА

Министерството за финансии преку Комисијата за одлучување по барањето за денационализација со седиште во Општина Гостивар постапувајќи по барањето за денационализација поднесено од барателот Јевстратие Димитријески од Тетово, заведено под Д.Н. број 17-782/1, од 01.11. 2000 година, врз основа на член 15 од Законот за денационализација (Службен весник на РМ број 43/2000) на ден 29.12. 2001 година го донела следното решение во кое се вели дека барањето за денационализација ДН. бр 17-782/1, од 01.11. 2000 година поднесено од барателот Јевстратие Димитријески со ЕМБ 0512946470008 ул "Балтепе " број 3 Тетово, се уважува. Недвижниот имот градежно неизградено земјиште со површина од 11.335 квадратни метри со к.п. бр. 6594, пл. бр. 5197 на КО Тетово, поранешна сопственост на Љубица Димитриевска, е национализиран со Решение бр. 14-9461, од 13.01. 1986 година на Одделението за имотно-правни работи на Собранието на Општина Тетово, се враќа во сопственост недвижниот имот градежно неизградено земјиште во површина од 11.335 квадратни метри со к.п. бр. 6594, пл.бр. 3893 на КО Тетово на наследникот на поранешниот сопственик Јевстратие Димитријески. Се задолжува поранешниот сопственик да уплати износ од 1.159.185 денари на жиро-сметка 40100-697-19457 - Министерство за финансии - средства за денационализација - враќање на даден надомест за одземен имот во рок од 15 дена по правосилноста на ова решение. Разликата за зголемената вредност на недвижноста што се враќа во сопственост ќе се утврди со дополнително решение. Се задолжува корисникот Волнарски комбинат "Т.Ц.М - Тетекс" Тетово недвижноста што се враќа да ја предаде во сопственост на поранешниот стопственик во рок од 30 дена по правосилноста на ова решение.

И покрај ваквото решение, вели Димитријески, "Тетекс" а.д., односно неговиот генерален директор Глигорие Гогоски, не ги почитува горенаведените решенија на Владата, Министерството за финансии, преку Комисијата за денационализација, и ми ја оспорува приватната сопственост која со Уставот на РМ е загарантирана. На горенаведените парцели со луѓе вооружени со калашникови од неговата паравојска ми ја оспорува сопственоста, не дозволувајќи ми да влезам во посед на парцелите кои биле сопственост на моите предци, а се одземени насилно.

Поради ваквото однесување на Гогоски, Јевстратие на 10 април 2002 година поднесува тужба до Основниот суд во Тетово.

Во пресудата се вели дека се уважува тужбеното барање на тужителот Јевстратие и се утврдува дека тужителот е сопственик на парцелите КП. 6589/2 и КП. 6594 и Судот со присилно извршување со асистенција на полиција ќе му овозможи непречено трајно владение на истите.

Во меѓувреме, "Тетекс" а.д. поднесува тужба со која ја оспорува сопственоста на имотот на Димитријески. Од приложениот доказен материјал во тужбеното барање, односно од поседовните листови, како што вели господинот Димитријески, се согледува дека земјиштето е во сопственост на РМ, а "Тетекс" а.д е заведен како корисник. Исто така, според Димитријески, одобренијата на "Тетекс" а.д. за градба се однесуваат за други парцели, а не за оние кои се во негова сопственост.

Јавното правобранителство на РМ за подрачје Тетово поднесе барање под број ДН бр. 55/02 од 01.02. 2002 година до Министерството за транспорт и врски, ПЕ Тетово под број 03-227/1-1 во кое предмет-известување се наведува: Во врска со вашето барање за третман на објектот што се наоѓа на КП бр. 6594 КО Тетово за кој надлежниот орган издал одобрение за адаптација од натстрешница во магацински простор за царинска работа, Ве известуваме дека одобрението кое е издадено за адаптација - натстрешница, Органот ја третира како постоечки објект кој не е предвиден со урбанистички план - истиот нема одобрение за градба.

За овој случај досега биле закажани три рочишта, но ниту едно не е одржано. На четвртото судење кое е закажано за 14 ноември, господинот Димитријески се надева дека ќе биде отфрлена тужбата на "Тетекс" а.д. затоа што според него, целата документација на "Тетекс" е невалидна.


Во врска со проблемот за којшто пишуваме, го побаравме судијата од Основниот суд Тетово, Шемседин Јусуфи, кој по изземањето на претходниот судија, Никола Ристоски, (објаснувањето од страна на Димитријески, по чие барање претседателот на Судот во Тетово го иззема Ристоски од случајот, е поради пристрасност), го води случајот. Јусуфи ни објасни дека нема овластување да дава изјави за медиумите. Но, сепак, посочи дека за овој случај треба да се исполнат некои услови, иако не сакаше да прецизира за кои услови станува збор. За да дознаеме кои се тие услови не покани на јавната расправа која е закажана за 14 овој месец.


Со цел да бидеме објективни, односно да ја слушнеме и другата страна, го побаравме и генералниот директор на "Тетекс" а.д., Глигорие Гогоски. И покрај нашето инсистирање, поради, како што не информира неговата секретарка, преголема зафатеност, останавме без изјава и објаснување од господинот Гогоски.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"