Македонија ќе произведува телевизори

Во Скопје, Битола и во Прилеп ќе се отворат фабрики за производство на телевизори, фрижидери и ладилници од познатата турска марка "Беко". Во јануари ќе почнат подготвителните работи за отворање на фабриките во кои годишно ќе се произведуваат еден милион телевизори, 200.000 фрижидери и 20.000 ладилници.

Ајдован Адемовски, сопственик на скопската фирма "Евроазија-техника", која е генерален застапник на производите на "Беко" за Европа, вели оти инвестицијата ќе чини 50 милиони евра.

Штрајкувачите од "Вера Јоциќ" го блокираа патот

По 34-дневен штрајк, 300 конфекционери од Акционерското друштво "Вера Јоциќ" на 4 ноември го блокираа магистралниот пат Делчево - Благоевград. Оваа сообраќајница некаде пред влезот во Македонска Каменица, не беше проодна цели четири часа.

Штрајкувачите кои се сопственици на 35 отсто од акционерскиот капитал се противат на своеволноста на повратникот од Германија кој точно пред една година, легално и без попуст откупи 61 отсто од акциите на "Вера Јоциќ". Атанасов е посочен од штрајкувачите како човек кој не умее да обезбедува работа и прогрес во фирмата. Тие бараат управувачкиот пакет на акции да се препродаде на поупатен и поамбициозен човек од конфекционерската бранша.

Сменет директорот на "Тане Цалески"

Мирче Мирчески, дипломиран машински инженер, е нов директор на Фабриката за навојни производи "Тане Цалески" од Кичево. Досегашниот директор Влатко Јованоски е разрешен по барање на Надзорниот одбор на фабриката, кој на одржаниот состанок на синдикалната организација именува нов Управен одбор. На состанокот на синдикалната организација, кичевските металци упатија остри критики на раководството на чело со сега разрешениот директор Јованоски, посочувајќи го како главен виновник за негативните производствени и финансиски резултати на фабриката во изминатиот период.

ТЕЦ "Осломеј" пред исклучување

Рударските инженери во "Осломеј" тврдат дека и покрај фактот што неодамна е отворен нов рудник, тој сам од себе не претставува гаранција дека ТЕЦ "Осломеј" оваа зима ќе работи со максимален капацитет. Рударските стручњаци не кријат дека во рудникот не е обезбедена откривка на јаглен што овозможува термоцентралата зимава континуирано да работи. Ако нешто не се преземе околу (не)обезбедените доволни резерви на јаглен, лесно може да се случи при евентуален најмал дефект на транспортниот систем или на другите постројки во рудникот што е вообичаено во зимски услови, ТЕЦ "Осломеј" да биде исклучена од електроенергетскиот систем во државава.

Штрајк во "Полет"

Вработените во Автотранспортното претпријатие "Полет" од Делчево во петокот стапиле во генерален штрајк, со барање да им се исплатат заостанатите плати и придонеси и да се изврши финансиска контрола во фирмата. Тие бараат и ревизија на приватизацијата, зашто според нивните сознанија, новиот сопственик Бранко Мајсторовски планира транспортерите да произведуваат кондоми и пластика.

Директорот Јованчо Медарски со финансиски малверзации целосно ја уништи фирмата. Речиси сиот имот е ставен под хипотека. За новиот сопственик не знаеме ништо, само ни кажа дека овде сака да направи фабрика за кондоми и пластика. Единствен излез од тешката состојба е да се најде сериозен купувач, вели Драгољуб Јангеловски - Црногорец, претседател на синдикатот во "Полет".

Гарантен фонд за банкарски кредити

Малите и средните претпријатија, како можни двигатели на економскиот развој на земјава, отсега ќе го добиваат својот развоен потенцијал преку новоформираниот Гарантен фонд кој застанува на позиција да ги гарантира банкарските кредити. Засега овој Фонд издава гаранции само за кредитни линии од Комерцијална, Тутунска и Инвест банка, под услови утврдени од централата на Фондот. Максималниот износ на поединечната гаранција што може да биде издадена од Фондот за почеток е 20.000 евра, со тоа што гаранцијата не може да надмине износ од 60 отсто од главницата на бараниот кредит. Гаранцијата, како што истакнува Ацо Спасеноски, директор на Гарантниот фонд, може да се издава на кредити со максимален рок на враќање од пет години, вклучувајќи го и грејс-периодот, а провизијата што треба да ја плати корисникот на гаранцијата е еден отсто од висината на гаранцијата на годишно ниво.

"Моби Посебен"

"Мобимак" а.д. неодамна го промовираше новиот тарифен модел "Моби Посебен". Овој тарифен модел е наменет за физички лица и сите правни лица чиј сопственик е лице со хендикеп. Месечната претплата за "Моби Посебен" е 200 денари, а понудените мобилни апарати се Сименс А40 + СИМ по цена од 4.700 денари, Алкател 501+СИМ по цена од 6.500 денари и Сименс С45+СИМ по цена од 20.200 денари. Овој пакет веќе е во продажба.

Нето-платата во август 11.665 денари

Просечната исплатена нето-плата по работник во август годинава изнесува 11.665 денари, што во однос на претходниот месец, односно јули годинава, претставува номинално зголемување за 1,6, а реално за 1,5 отсто. Меѓутоа, оваа августовска плата во државава не ја примиле дури една четвртина од работниците, или 24,6 отсто. Од фирмите кои биле испитани за да се дојде до овој податок, во приватна сопственост се 27,8 отсто. Во споредба со просекот од 2001 година, нето-платата во август годинава била поголема за 10,5 отсто, а реалната за 9,4 проценти. Натаму, соопштува Државниот завод за статистика, во август годинава во однос на истиот месец лани, зголемувањето на нето-платата е за 10,3, а на реалната за 9,8 отсто. Гледано кумулативно, односно во јануари - август годинава, споредено со истиот период минатата година, кај просечната нето-плата по работник има пораст од 5,9 осто, а реалната за 3,7 проценти.

Сертификат за "Давина"

Фирмата "Компрад" се здоби со сертификатот ИСО 9001:2000 за производството на природната минералната вода "Давина", со што стана прв и засега единствен производител на минерални води со ваков сертификат за квалитет кај нас.

"Давина" е природна минерална вода произведена на самиот извор кој се наоѓа помеѓу римскиот аквадукт и локалитетот Давина, близу падините на Скопска Црна Гора. Производството на минералната вода се прави во затворен технолошки процес, а се користат елементи со висок степен на квалитет и целосно еколошки епрувети, капачиња и лепило. Високиот квалитет е надополнет со убавиот и оригиналниот изглед на производот, уникатното решение на шишето и етикетата, истакна Владо Ралевски, генерален директор на "Компрад".

Во Струмица регистрирани само осум земјоделци?!

Од околу 30.000 жители што во Струмичко се занимаваат со земјоделство, досега како земјоделци се регистрирани само осуммина. Интензивната кампања "Биди земјоделец" што ја водеше претходната влада покажа најслаби резултати во овој регион во споредба со другите од источниот дел од земјава. Земјоделците не сакаат да ја регистрираат дејноста, бидејќи се разочарани од лошата откупна политика и зашто поголем дел од годинешниов род остана на нивите.

Еколошко вино

Еколошко вино е новиот тип вино што наскоро треба да се произведува во државава, по иницијатива на невладината организација Движење за спроведување и соработка на земјите од Југоисточна Европа (ДИС). Невладиното друштво, чија цел е производство на храна со високи еколошки карактеристики, ќе ги поттикне приватните винарски визби во земјава да прават еколошко вино според светските стандарди. Цената на еколошкото вино ќе биде трипати повисока од цената на обичните вина.

Продолжен откуп на јапонско јаболко

По неколкудневна пауза, на подрачјето на Општината Валандово продолжи откупот на јапонско јаболко. Моменталната откупна цена изнесува 15 денари за килограм.

Поради ниските температури во зимскиот период, бербата е преполовена на околу 200 тони, колку што се очекува да бидат собрани и калинки, чија берба е при крај. Јапонското јаболко се извезува главно во поранешните југословенски републики, а во соседна Грција досега се испорачани 10 тони.

Лекови со нови правила

Националното биро за лекови ќе им наложи на фармацевтските куќи "Јака 80", "Реплек" и "ИЦН Македонија" да престанат да го користат заштитеното име аналгин за нивната "паралела" на веќе етаблираниот лек на скопски "Алкалоид". Ваквото официјално барање е поткрепено со толкувањето добиено од Светската здравствена организација (СЗО) во кое јасно е наведено дека аналгин не е генеричко, туку заштитено име под кое препаратот го пласира нашата најголема фармацевтска компанија. Тоа значи дека овие три фирми на своите производи ќе треба да им дадат нови поинакви имиња што ќе се разликува од препознатливиот лек на "Алкалоид".

Подготвила: Жаклина МИТЕВСКА


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"