САД ја поддржува новата Влада
САД го поздравуваат изборот на новата македонска Влада, раководена од
премиерот Бранко Црвенковски, соопшти американскиот Стејт департмент.
"Ја поттикнуваме новата Влада веднаш да се соочи со сите предизвици меѓу
кои спаѓаат целосната имплементација на Рамковниот договор и натамошниот
напредок во реформите", се вели во соопштението и се додава дека САД силно
ќе продолжи да ја поддржува Република Македонија.
Брунс ни помага за влез во ЕУ
Јас сум тука да и помогнам на Македонија да биде поблиску до
Европската унија. Со македонските власти ќе работам за забрзување на влезот
на земјата во Унијата, изјави Алексис Брунс кој ја презеде од Ален ле
Роа функцијата претставник на Европската унија во Македонија. Според
него, во земјава има нов момент со формирањето на новата Влада која има
волја и можности да се справи со сите предизвици во земјава.
Нов преговарачки тим за името
Новиот преговарачки тим за спорот околу името со Грција на чело со
Љубомир Фрчкоски беше формално "инаугуриран" од страна на претседателот
Трајковски. Во тимот, покрај Фрчкоски, се вклучени и Виктор Димовски, Луан
Старова, Тодор Џунов, Сашко Георгиевски и Никола Кљусев, а неговото
претставување во Њујорк, најверојатно, ќе се случи идниот месец.
Георгиевски отпишал долг од НИП-от
Владата на веќе поранешниот премиер Љупчо Георгиевски во пакет со
договорот за продажба на нашето најголемо новинско-издавачко претпријатие на
словенечката фирма "Југ сторитве" презеде и отпиша долг од безмалку пет
милиони евра на НИП "Нова Македонија" кон државата и нејзините институции,
фондови, заводи и агенции. Сето тоа било со цел да не се испуштат "стратегиските"
словенечки газди.
Штрајк на вработените во НИП-от
На шести овој месец вработените во НИП "Нова Македонија" стапија во
дводневен предупредувачки штрајк, прекинувајќи ја работата од осум до 12
часот. Причина за штрајкот се неисполнетите барања кои се однесуваат на
исплата на заостанатите плати, хонорари, придонеси и ревизија на договорот
за продажба на ова претпријатие.
Лажни евра во оптек
Лажни банкноти од 50 евра се повторно во оптек и се причина на многу
измами и тепачки. Надлежните ги предупредуваат сточарите и другите што
тргуваат на сточните пазари во источниот дел на земјава да внимаваат при
промет со девизи, бидејќи според досегашните искуства, фалсификаторите
најчесто таму ги протураат лажните пари.
Пописот со успешен старт
Државниот завод за статистика, повикувајќи се на извештаите од реонските
пописни комисии, констатира успешен старт на најголемата статистичка
операција во државава. Во текот на првиот ден од Пописот на населението,
домаќинствата и становите се попишани вкупно 7.687 стана, 6.745 домаќинства
и 23.187 лица. Сепак, како главен проблем се наведува немањето на потребните
документи за пописот.
Во Кочанско се одгледува марихуана
Плантажа со марихуана, на очиглед на многу минувачи се одгледува на само
неколку километри од Кочани, во близина на Облешево. Екс-директорот на
јавната безбедност, Горан Митевски, иако бил информиран за дрогата во
Облешево, не презел ништо, бидејќи бил зафатен со изборите.
Домот "Гоце Делчев" чека пари
Државниот студентски центар не може да ги изгради планираните нови катови
во Студентскиот дом "Гоце Делчев", бидејќи Министерството за труд и
социјална политика не им го исплаќа долгот од околу 52 милиони денари.
Зградите на овој студентски дом не се реновирани од 1972 година, а со
доградба на нови катови би се добиле уште 177 легла за студентите.
Говорници за сурфање на Интернет
"Македонски телекомуникации" во центарот на Скопје ги промовираа новите
јавни говорници што до крајот на мај 2003 година ќе бидат поставени на
местото од старите на територијата на целата држава. Овие инвестиции "Телеком"
ќе ги чинат 1,5 милиони евра, а освен тоа во план е поставување на нови
телефони за сурфање на Интернет, праќање СМС пораки и е-пошта.
Културата на Власите
На манифестацијата "Денови на влашката култура" која се одвиваше два дена
во Скопје беше презентирана поезија, книги, музика, уметнички фотографии,
сликарство и филм. Манифестацијата покрај за Власите во Македонија беше
посветена и за Власи-гости од десет други земји.
|