Македонски граѓани бараат бугарски пасоши

Укинувањето на визниот режим за Бугарија од страна на Европската унија од април 2001 година, енормно го зголеми бројот на македонските граѓани особено од Охрид кои бараат бугарско државјанство и патна исправа. Досега неколку илјади граѓани на Република Македонија поднеле документи од кои повеќето веќе поседуваат бугарски пасош.

Покрај личните документи, барателите на бугарско државјанство и патна исправа треба да поднесат изјава заверена на нотар во која се наведува дека нивните предци имаат подалечно потекло од Бугарија и дека тие ќе бидат лојални граѓани на Република Бугарија.

Нови "дипломирани" фалсификатори

Деновиве МВР откри уште дваесет и едно лице, државјани на Македонија, осомничени за незаконско набавување диплома за наводно завршено високо образование на универзитетите во Албанија и во Бугарија. Осомничените за паричен надомест набавувале дипломи и индекси кои подоцна ги доставувале до Министерството за образование за легализирање на дипломите и добивале нострификација.

Досега поднесени се 74 кривични пријави против граѓани за сторено кривично дело фалсификување документи.

Малцинствата во Грција

Според Аранасиос Парисис, претседател на Грчкиот комитет на Европското биро (ЕБЛУЛ), четириесет милиони луѓе во Европа говорат на јазик различен од официјалниот во нивните национални држави и Грција во тој поглед не е исклучок.

Во оваа земја постојат неколку јазични малцинства и цел на нашата организација е да го запознаеме грчкото општество со тој факт, вели Парисис. Грција, сепак, не е само една нација, една религија, една идеја. Но, зошто би било штетно знаењето на друг јазик. Со господинот Брезигар разговарам на некаква комбинација од македонско-српско-словенечки, поради тоа што јазикот ми е познат. Сега, со влегувањето на уште неколку источноевропски земји во ЕУ јазиците кои имаат словенски корен ќе бидат поприсутни.

На 15 ноември ќе се одржи првата конференција на ЕБЛУЛ во Грција и воопшто прва од таков тип што се одржува во оваа земја на која ќе се проговори за постоење на малцински јазици во Грција.

Балканот не може без Македонија

Институтот за мир во САД во својата последна анализа за состојбите на Балканот, меѓу другото, потенцира дека доколку не успеат напорите за мир во Македонија, сите меѓународни активности на Балканот во последнава деценија ќе бидат без ефект. Симптоматично во оваа анализа е што Институтот се залага за трансформација на милитантното присуство на НАТО во Македонија во мониторинг-мисија во која ќе има цивилни и воени лица.

Вашингтон "го турка" Балканот во НАТО

Американскиот заменик-државен секретар, Ричард Армитаџ, на средбата во Белата Куќа со амбасадорите на Македонија, Хрватска и Албанија во Вашингтон истакнал дека САД ги поддржуваат аспирациите на трите земји за приклучување во НАТО. Тој на заедничката средба со македонскиот амбасадор Никола Димитров, хрватскиот Иван Грдешиќ и албанскиот Фатос Тариф, нагласил дека САД го поддржуваат проширувањето на НАТО што треба официјално да се случи на претстојниот самит во Прага.

Македонско прво приватно радио во Албанија

Во Пустец, Мала Преспа, од денес стартува првото приватно радио на македонски јазик во Република Албанија "Радио Преспа", во сопственост на Организацијата за заштита на правата на Македонците во Република Албанија "Друштво Преспа". Радиото дневно ќе емитува по шест часа радио-програми на македонски јазик, претежно вести и македонска народна музика. Ги поседува сите потребни документи за легална работа во Република Албанија, концесија и фреквенција од Албанската радио-дифузија, а засега ќе покрива четири села Пустец, Леска, Зрновско и Шулин, од вкупно девет села во областа Мала Преспа.

Писатели Македонци во Албанија

Во Тирана е објавена петта книга "Детски бисери" од писателот Хасан Шахинај, етнички Македонец. Тој е еден од осумтемина писатели Македонци во Република Албанија кој има значаен број литературни дела. Досега има објавено пет книги на албански јазик: "Невина желба", романот "Магична Струга", "Хоризонт", "Раскази за Дримкол" којашто е одобрена од Министерството за наука како задолжителна лектира во основните училишта во Република Албанија, и збирката поезија, раскази, поговорки, максими од македонските села и области во Република Албанија. Набргу во коавторство Хасан Шахинај и Цветан Мазнику подготвуваат издавање на Македонска енциклопедија.

Електронска комуникација Македонија - Албанија

"Градиме мостови преку граници со користење на компјутерска и комуникациска техника и проектно ориентирано учење", Проект на граѓанското здружение "Интернационална мрежа за образование и ресурси" од Битола, стана еден од 20-те финалисти и потенцијален победник на годинашниот "Стокхолм челинџ", од вкупно 600 проекти од 78 земји во светот.

Целта на Проектот е да се оформи мрежа на млади луѓе од Македонија и од Албанија што ќе комуницираат и работат заедно. Во новите комуникациски мостови преку границите се вклучени 250 ученици Македонци и Албанци од техничките училишта во Албанија и во Македонија.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"