"Егејски мелос" е единствен во Република Македонија кој во целост се
занимава со собирање и негување на овој дел од културното и историското
наследство на македонскиот народ од Егесјка Македонија. Овој Ансамбл го
негува и историското и културното богатство од минатото, како и културното
наследство на повеќевековните поколенија во поглед на јазикот, обичаите,
фолклорот и сите други белези на националниот идентитет. Има настапувано во
повеќе земји во светот; Романија, Бугарија, Русија, Полска, Унгарија,
Словачка, Чешка, Германија, Австрија, Италија и Турција, а со голем успех
има настапувано и на Балканскиот фолклорен фестивал во Охрид на Трновските
средби на иселениците и на други традиционални фолклорни фестивали.
ГОСТУВАЊА
Основач на народниот оркестар "Егејски мелос" е господинот Атанас
Љоровски, меѓутоа тој е основач и на Културно-уметничките друштва "Гоце
Делчев", "Мирка Гинова", "Македонија" и на "Питу Гули" на Власите.
Денес исклучиво работам со Ансамблот "Егејски мелос" кој го
регистрирав по сите правила кои важат за основање на еден ваков Ансамбл,
вели господинот Љоровски. По многу патувања што ги реализиравме со КУД "Гоце
Делчев" во Америка и во Европа дојдов на идеја да пишувам песни и ора за
Егејска Македонија затоа што многумина наши иселеници ми говореа дека не
слушаат песни од нивниот роден крај. Тие ми велеа дека кога ќе слушнат
некоја песна од Егејска Македонија се чувствуваат како да се наоѓаат во
родниот крај. Уште од 1955 година кога се вратив од Егејска Македонија
првата работа ми беше да го основам овој Ансамбл. Порано се викаше "Народна
музика", потоа се викаше "Костурска музика", дури 1990 година конечно
решивме го регистрираме како "Егејски мелос". По ова започна нашата турнеја
во Европа и Америка и не можам да опишам колку убаво не примија.
ФОЛКЛОРНА ТРАДИЦИЈА
Преку постоењето на "Егејски мелос", господинот Љоровски успева да ја
достигне неговата цел, а тоа е што е можно повеќе да ги негува оние песни и
ора што биле создадени пред 70 години.
Не сакам нивната морфологија да ја сменам, а на тој начин таа да се
изгуби. Имам собрано 420 песни за кои самиот ја компонирам мелодијата,
вели господинот Љоровски. Имам многу песни поврзани со Гоце Делчев, за
трите Македонии - Егејка, Вардарка и Пиринка. Се надевам дека мојата работа
ќе ја префрлам на помлади кадри кои ја сакаат оваа музика, а на тој начин да
продолжи фолклорната традиција. Во Егеј гостував сам без мојот Ансамбл, а во
Пирин гостувавме во Благоевград. Имаме добиено повеќе награди - на
Балканскиот фестивал во Охрид, потоа во Прилеп "Златна гајда" итн. Летово
бевме и во Албанија, во Пустец и во Корча и бевме преубаво примени. Ги
слушнаа нашите македонски песни и солзи ронеа.

На почетокот поради недостиг од финансиски средства првата касета "Егејски
мелос" ја издава сам, со средствата од членовите. Таа била снимена во 1997
година во 3.000 примероци, додека втората касета е издадена во рамките на
Македонската телевизија. Насловена е како "Ора од Егејска Македонија" а
содржи 12 песни: "Љоровска гајда", "Потрчано в'мбелско оро", "Деволиче оро",
"Еј, Ѓорѓија јуначе", "Потрчано оро", "Машко в'мбелско оро", "Левото
в'мбелско оро", Егејски Љоровски чочек", "Бајраче костурско", "Љамче оро", "Меѓународно
оро" и "Касапско оро".