КУЛТУРА

Промовирана книгата "Од низ системот што се распадна самиот од себе (1945-1988)" од авторот Мишко Божиноски

ЗА ВРЕМЕТО НА КОДОШИТЕ И ПОЛТРОНИТЕ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Авторот Мишко Божиноски во делото ги потенцира идеалите со кои се влезе во национално-ослободителната и антифашистичка војна, особините на ликот на борецот и градителот на новото општествено уредување кој беше искористен како демагогија и средство за издигнување на култови и нивно вечно владеење преку газење на човечки судбини.

Во Салонот 19,19 неодамна беше промовирана книгата на Мишко Божиноски насловена како "Од низ системот што се распадна самиот од себе (1945-1988)".

Пред голем број почитувачи на авторот и она што тој го пишува рецензентите професор Ѓорѓи Малковски и професор Стојан Ристески на најдобар начин ја претставија книгата.

Делото е во издание на издавачката куќа "ГОЦМАР Битола" - Скопје.

ЗНАЧАЈНО ДЕЛО

Честа да биде прв промотор на делото "Од низ системот што се распадна самиот од себе (1945-1988)" му припадна на професорот Стојан Ристески кој мошне опширно и разбирливо го претстави ова значајно дело.

Мишко Божиноски создаде грст значајни дела, меѓутоа одот низ системот што се создаде по национално-ослободителната и антифашистичка војна 1941 - 1945 година и неговото исчезнување авторот го пренел преку лично доживеаното, вели проф. Стојан Ристески. Со тоа делото има мемоарски карактер, темата се обработува преку главен лик, меѓутоа ова дело е само навидум монографско. Тоа има многу пообемно значење, бидејќи преку неговите идеали, жртвувања и патила се добива поавтентична претстава за периодот 1945 - 1988 година. Во предговорот авторот дава опширен вовед во кој ги потенцира идеалите со кои се влезе во национално-ослободителната и антифашистичка војна, особините на ликот на борецот и градителот на новото општествено уредување и искористени како демагогија и средство за издигнување на култови и нивно вечно владеење преку газење на човечки судбини. Една од "вредностите" на системот на СНРЈ - СФРЈ беше од неговите создавачи. Од трудољубивите и чесните сакаа да направат непријатели, а кодошите и полтроните да ги поставува на важни позиции и служби без разлика на нивното минато и наобразба. Главниот столб беше ОЗНА, односно УДБА - Службата за државна безбедност. Преку неа партиско-државниот врв постапуваше како што сакаше, а за компромитирање на располагање му беа сите средства, целта се остваруваше без никаква правна основа.

Мишко Божиноски, авторот на книгата

Професор Ристески потенцира и неколку главни негативни ликови кои биле на врвот на споменатата служба на кои авторот Божиноски им посветува неколку делови во неговата книга.

Сликата што ја дал авторот за портретот на раководството на Сојузот на борците и на Сојузот на комунистите на Македонија разоткрива многу работи. Овие структури многу се "заслужни" и за ова што ни се случува по осамостојувањето на Република Македонија преку неколкуте комунистички партии, понатаму истакна професор Ристески. На крајот авторот дава регистер на 382 имиња што се среќаваат во книгата за читателот да се запознае со многу ликови, но и со забелешки и податоци за оние кои беа егзекутори и закоравени застапници на титоизмот, а станаа големи демократи и борци за човекови права.

ХРОНОЛОГИЈА

Втор промотор на книгата на Мишко Божиноски беше професор Ѓорѓи Малковски кој истакна дека авторот по долгогодишна работа создаде дело во кое на многу сликовит, разбирлив јазик не враќа повеќе децении назад и го оживува времето исполнето со многу контрадикторности и недоречености.

Трудот на Мишко Божиноски претставува прво и единствено вакво дело во нашата држава, каде што на едно место дадена е една хронологија на настаните на еден подолг период согледана низ призмата на авторот, вели професор Малковски. Всушност, станува збор за една антологизирана и терминолошки ограничена биографија претежно врзана за периодот по ослободувањето на Македонија. Настани кои за првпат се најдоа во еден научен труд, настани за кои досега никој не собрал храброст вака автентично, критички да ги анализира и да ги стави на хартија. Трудот е поделен на седум делови и содржи вкупно 308 страници збогатени со повеќе автентични за првпат објавени фотографии. Првиот дел е како проширен преамбулен дел во кој се разработува периодот непосредно пред и во текот на Втората светска војна со различни гледања, ставови во однос на националното прашање и социјалекономската стварност кои подоцна придонеле да дојде до појави отсликувани во најлошата варијанта за создавање на лидерство и водење на сосема погрешна кадровска политика.

Делото "Од низ системот што се распадна самиот од себе (1945-1988)" претставува пионерски "од" со конкретно опфаќање на личноста и делото не само на авторот, туку и на други личности од тоа време.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"