| |
Изложби
Слики од Андреевски
Винстон-Салем, 5 ноември.
Во Галеријата "Домисил", во Винстон-Салем во американската држава Северна
Каролина, е отворена изложба на слики од уметникот Сергеј Андреевски.
Изложени се 20 дела - дел од циклусите "Бакнеж со рибите" и "Париски скици".
Најмногу од нив се изработени во техниката масло на платно.
Простор
Скопје, 5 ноември.
Во Културно-информативниот центар беше отворена изложба на слики "Простор"
од Марија Николоска. Делата на академската сликарка се изложувани на повеќе
групни изложби и ликовни колонии во земјава и странство.
Калиграфијата - визуелна поезија
Скопје, 6 ноември.
Во отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје беше отворена
изложбата "Калиграфијата - визуелна поезија" чиј автор е Драгица Живкова,
кустос при Музејот. На изложбата се поместени калиграфски сегменти, испишани
на натписните плочи, вградени на надвратниците од објектите изградени во
Скопје за време на Османлискиот период.
Будење
Берлин, 7 ноември.
Во галеријата "Sьdost
Zentrum" беше
отворена самостојната изложба на Новица Трајковски. Тој се претстави со 24
слики концепциски поврзани во Проект-изложба "Будење".
Книги
Нова Фондација
Скопје, 31 октомври.
Во МАНУ беше промовирана Фондацијата "Паскал Сотировски". За научното
творештво на академик Паскал Сотировски говореа академик Благој Попов, проф.
д-р Ферид Мухиќ и господин Боби Спирковски, претседател на Фондацијата.
Апокалипса
Скопје, 1 ноември.
Во Салонот 19,19 беше промовирана драмската поема "Апокалипса" од Михаил
Ренџов. Делото го промовираше проф. Владимир Георгиевски. Стихови од поемата
говореа Софија Гогова - Врчаковска и авторот. "Апокалипса" е во издание на "Блесок".
Перформанси
Белград, 4 ноември.
Во книгата "Скок во новата ера на планетарната уметност" од Добрица
Камперелиќ, која деновиве ја публикува "Нолит" од Белград, се застапени
фотографии од перформансите на двајца наши уметници - Златко Крстевски и
Трајче Блажевски. "Антивоените" перформанси се работени во Македонија како
начин на комуникација меѓу нашите и изолираните уметници за време на војната
во Југославија.
Едновековните корени на МАНУ
Скопје, 5 ноември.
Во Македонската академија на науките и уметностите беше одржан Свечен
собир со наслов "Едновековните корени на МАНУ". Собирот, всушност ја
одбележува стогодишнината од формирањето на Македонското научно-литературно
другарство основано од македонски интелектуалци во Санкт Петербург. За
Санктпетербуршкото другарство и за едновековните корени на највисоката
научно-културна установа зборуваше академик Блаже Ристовски.
Интернет-книжарница
Скопје, 5 ноември.
Под водство на Издавачкиот центар "Три" на Интернет е отворена и првата
специјализирана продавница за книги. Веб страницата е њњњ.книга.цом.мк на
која се наоѓаат 2.000 наслови (македонски, но и странски). Во
Интернет-книжарницата може да се најдат книги од сите жанрови: астрологија,
парапсихологија, критики, учебници, речници итн.
Театар
Есперанца
Скопје, 1 ноември.
Во Драмскиот театар премиерно беше изведена "Есперанца" од Жанина
Мирчевска, во режија на Александар Чамински. "Есперанца" е најновиот текст
на Мирчевска која живее во Словенија и чии текстови најмногу се поставувани
во Словенија, Хрватска и Црна Гора.
Награда за "Тетовирани души"
Скопје, 5 ноември.
По изведбата на театарската претстава "Тетовирани души" на сцената на
Драмскиот театар на екипата и беше врачена традиционалната награда на "Нова
Македонија" - "Златната плакета 2002". "Тетовирани души" наградата ја доби
како најдобра претстава прикажана во рамките на 37. Македонски театарски
фестивал "Војдан Чернодрински".
Музика
Настап
Скопје, 5 ноември.
Во Салонот 19,19 при Културно-информативниот центар, настапи дуото на
кларинетистот Бранко Павловски и пијанистката Милица Шкариќ, а гостин им
беше Мојца Седеу на перкашн. На програмата беа дела од Гобер, Дебиси,
Мартину и Нилсен.
Симфониски концерт
Скопје, 7 ноември.
Во Домот на АРМ, Македонската филхармонија одржа симфониски концерт со
солистот Гзавие Филипс на виолончело, гостин од Франција. Диригент на
концертот беше Леонид Николаев од Русија. Беа изведени делата на Гаспаров,
Чајковски, Римски - Корсаков.
ПроАртс Фестивал 2002
Скопје, 7 ноември.
Во просториите на Музејот на Современа уметност започна првиот " ProArts
Festival 2002". Организатор на Фестивалот
е продуцентската компанија "ProArts".
Целта на
овој Проект е пред се презентација на
македонската нова уметност и промоција на уметниците од Македонија од
различни области на уметноста: филм, сликарство, фотографија, музика,
анимации, графика, дизајн, стрип, мода, мултимедиа итн.
Филм
Еурека скрининг
Скопје, 30 октомври.
Македонија како годинашен претседавач на "Аудиовизуел Еурека" е домаќин
на петтото издание на "Еурека скрининг". Посетителите, продуцентите,
дистрибутерите и другите филмски професионалци од Европа до кои е упатена
генерална порака, како и македонските филмаџии, имаат можност да проследат
300 европски филмови, како за големото платно така и телевизиски, играни,
документарни и анимирани, стари и нови, долгометражни и краткометражни.
Темата на годинешниот скрининг е љубовта, односно љубовните приказни кои ја
донесоа особеноста на 36-те земји-членки на оваа Организација.
Денови на "Есенски музички свечености"
Во салонот на Македонскиот народен театар, започна Фестивалот "Есенски
музички свечености" со оперската претстава "Турандот" од Џакомо Пучини, под
диригентство на Оливер Балабурски. На Фестивалот ќе бидат изведени големи и
значајни дела, а ќе настапат околу илјада уметници од земјава и од странство.
На "Есенски музички свечености" ќе биде изведена балетската претстава "Порги
и Бес" од Џорџ Гершвин, ќе настапи камерниот оркестар "Арс музика" од Софија
со Васил Атанасов на обоа, а камерното студио "Бахус" ќе се претстави со
сонати на композиторот Јан Дисмас Зеленка. Една вечер од манифестацијата е
резервирана за џез со "Џез Пистолс" од Германија, хорот на ФМУ и Академскиот
хор при Универзитетот во Ниш ќе изведат "Вечер на Карл Орф", а Соња
Радојковиќ од Југославија ќе се претстави со клавирски рецитал. Последната
вечер е резервирана за големиот концерт на Балканската филхармонија на кој
ќе настапи Македонската филхармонија со триста музички уметници од различни
земји - членки на Балканската филхармонија, под диригентство на Милен Начев
од Бугарија.
|