рви зборуваа гостите од Полска.
Даниел Баначек и Куба Шредер. За состојбите во полската култура. За тоа дали
имаат културно државјанство или немаат. Ја фалеа фондацијата. Зборуваа за
својот театарски процес...
Втор беше Адис Бакрач, режисер од Босна. Зборуваше за војната во неговата
земја. За смртта. За дилемата дали тој, ние, културата работи за пари или не?
За корумпираноста на државата. Рече дека сака да работи со "Скрб и утеха".
Неговиот филм "Адис" ни ја смрзна душата. Приказна за коските и роднините.
Од јамата се вадат коските и роднините ги препознаваат дали се на нивните
блиски. Војната и нејзината режија. Полјаците беа дојдени со театарот "Биогрупа".
Беа тоа "Денови на Александар Македонски" во организација на КЦ "Скрб и
утеха" во чии рамки на кои се одржа работилница "Културата како заедништво и
различности" финансиски поддржана од Фондацијата Институт отворено општество
Македонија (Сорос). Гости беа театарот "Биогрупа" од Полска, Инк-продукција
од Сараево и културни творци на Македонците од Бугарија и Албанија.
Спасе Мезанковски, поет од село Леска во Преспа. Пишува на македонски. Ја
спомна македонската поделба на три дела во 1913. Зборуваше дека има отпор
кон културниот идентитет на Македонцте во Албанија, дека романот на Стерјо
Спасе "Зошто" е прв роман отпечатен во Албанија, и потоа забранет, дека
имаат право да учат на македонски само во реонот на Преспа до 4 одделение,
дека сите држави си зеле по еден остров од Преспанското Езеро (Македонија,
Грција, Албанија), дека државата Албанија не сака да финансира неалбанска
култура?!
По него реонот Голо Брдо, кај што живеат Македонците муслимани во
Албанија, ни го претстави Миранда Шутина. Немаат можност да учат на
македонски, на фолклорните групи не им се дава да носат народни носии и да
пеат на македонски на албанските фестивали на народна музика, од Друштвото "Мир"
имаат луѓе лежано затвор заради фолклорот?!
Нада Докле зборуваше за реонот Голо Брдо, Албанија и Косово, кај
Македонците со муслиманска вероисповест. Кај Гораните. Дека им се негира "горанскиот"
јазик, сакаат да ги асимилираат, не добиваат никаква поддршка од државата,
бараат образование на македонски јазик. Го спомна и Друштвото "Гора".
Фоте Никола од Корча рече дека не е можно да има само 4.000 Македонци во
преспанските села како што тврдат Албанците. Бараше образование на
македонски и во средно училиште, слично како и во нашава Македонија. Дека е
грев да се "уништи" месниот македонски фолклор во Албанија.
Адис Бакрач рече дека во Босна е забрането партија да биде на национална
основа. Се чудеше како е тоа можно во Македонија.
Миранда спомна дека им велеле какви муслимани сте вие, а не знаете
албански? Ако работиш искрено и право ќе стигнеш некаде, додаде.
Зборот го позема по патеките на духот Иван Г. Сингартиски. По стапките на
Аристотел. Во Бугарија можеш да бидеш се, но не и Македонец!, рече. Редеше
како да станал лично македонскиот филозоф и да словословосува. Каков
културен натпревар меѓу народите ќе биде ако се ништат Македонците, запраша.
Ако небото беше книга, а океанот мастило ќе немаше достатно за да се напишат
маките на неговиот народ. Настана тишина. Тихувавме. Потоа д-р Душко
Алексовски ни ги претстави своите откритија на карпите. Беседа за Александар
рече Васил Иљов.
Вечерите, дружењето беше како што им доликува на Македонците. Беше Даииси
(старо македонско име за јуни), раздајси, задушник, јуни кога траат
задушниците. Беа "Денови на Александар Македонски". Гостите од Полска се
фатија во орото, Босанците рекоа дека ќе прават филм за македонскиот цар,
Македонците пееја од пеаните Аполонови. Им сторивме Орфејски адет ги
искапивме во реката Треска пеејќи старомакедонски пеани.
Утредента свое претставување имаше "Скрб и утеха". Зборував за
македонскиот пример дека ете кај нас државата финансира култура на
малцинствата, а тоа не е случај кај Македонците во соседните ни земји. Збор
кажа Ердоган Максут како учесник во нашиот театар.
Куба Шредер од Полска рече нешто за својата земја кое ме замисли до срж.
Сме ги изгубиле корените? Монокултурна средина на раскоренети луѓе?! Нема
ниту дијалекти полскиот јазик? И дека научил нешто ново за Македонија.
Не знам зошто сето тоа ме погодува. Деновите на Александар Македонски
поткренаа потисната енергија. Чудно гостите од Полска и Босна немаат абер за
Македонците вон границите на Македонија. Работел ли некој нешто полезно за
својата земја овие десетина години? Години кога изгубивме се што ни е свето
и единствено - името, знамето, Уставот, територијата, Македонцте во
соседството... Запознавме прекрасни луѓе дојдени да го чествуваат Александра.
Беше како што им доликува на Македонците.
Откако Ганка С.Ц. ни го укина единственото работно место на "Скрб и утеха"
често ја подавам раката како просјак за да направам некоја културна творба
за македонската култура. Овојпат тоа ни го овозможи македонскиот "Сорос".
Интересно, ним не им пречеше дека наместо Бугари и Албанци ги канам
Македонцте кои живеат во тие две "пријателски сосетки". На "Деновите на
Александар Македонски". Како на пример за време на "Дионосивите чествувања"
на оние кои ја владееја македонската култура. Да, во секое жито има и
куколче, и во секое око има и р'ска греда. А што направивте вие? Нашите.
Укинување на културни работни места на оние кои не мислат како вас и други
лични богатења... можеби заради нечиј дедо кој ги славел едните , а го
отепале другите...Е море дедо?
Господ со Македонците.