| |
Македонците го носат генот на античките Македонци
(Реакција на антимакедонските ставови на Васил Тупурковски)
Повод за ова мое обраќање се неодамнешните антимакедонски ставови
искажани од политичарот Васил Тупурковски во вестите на А1 ТВ на 02.11. 2002
година. Васил Тупурковски јасно и гласно кажа дека денешната македонска
нација нема никакви врски со античките Македонци и отприлика рече дека било
бесмислено да се тврди спротивното. Со ова Тупурковски не само што ја
навреди и омаловажи нашата славна античка историја (за која и самиот
пишуваше), туку и директно се спротивстави на денешната официјална
македонска историографија според која (барем според најновите учебници по
историја за основно и средно образование, а и според писанијата на наши
реномирани историчари) античките Македонци се составен дел од денешната
македонска нација. Со ваквиот свој антимакедонски став Тупурковски јавно се
спротивстави и на Македонската православна црква преку чиј Устав (но и преку
бројни други писмени или усни артикулации) античките Македонци исто така се
признати како предци на денешната македонска нација. Јавно го прашувам
Тупурковски да ми одговори на прашањето: доколку античките Македонци не ја
внеле својата крв и култура во денешната македонска нација, каде се тогаш
нивните потомци денес? (Се надевам дека нема да ми одговори дека побегнале
во Тајван подлажани по неговите милијарда долари).
Несфатлива ми е и хистеричната антимакедонска кампања што деновиве се
води во некои наши медиуми против македонската античка историја. Не знам
дали постои друг сличен пример на мазохизам во светот - некој да си плука
против сопствената историја. Историјата на античките Македонци не е историја
на Тунгузија, туку е наша македонска историја. Античките народи не
испарувале во воздух, туку ја приложувале својата крв и култура во
современите нации што се појавувале на нивната територија. Огромно е
наследството во денешната македонска нација од античките Македонци (за што
набргу нашата јавност ќе биде запозната преку мојата книга која штотуку
треба да излезе од печат, под наслов: "Античко-македонското наследство во
денешната македонска нација (прв дел - фолклорни елементи)", зад чија
содржина, преку својата рецензија, веќе застана лично директорот на
Државниот институт за фолклор "Марко Цепенков" од Скопје, д-р Трпко Бицевски.
Кампањата против нашата античка историја што се води на некои електронски и
печатени медиуми сигурно дека има своја позадина, но ме радува тоа што овие
медиуми конечно ги симнаа маските, па со ваквата антимакедонска кампања не
се ни свесни дека кај народот создаваат отпор кон самите нив. Овде не е во
прашање истражувањето на Метју Лиминг (иако се прашувам зошто толку
хистерични напади против него во време кога се уште не ја објавил својата
книга. Белки е културно да се причека што ќе објави, кои аргументи ќе ги
понуди, па тогаш да се реагира), туку тоа истражување некои го престорија во
невкусни напади против нашата славна античка историја. Сигурен сум и дека
многу бргу ќе дојде времето кога овие новинари ќе се срамат од она што сега
го прават.
На крајот ја користам оваа прилика и да одговорам на генетичарката која
на истиот датум имаше свој настап во вестите на ТВ Сител. Оваа генетичарка
учествувала во меѓународно истражување на гените на неколку балкански народи.
Морам да признам дека таа доста објективно зборуваше, но поради непознавање
на делови од македонската историја и самата влезе во контрадикторности. Така,
таа прво отприлика изјави дека не е можно ние да носиме гени на античките
Македонци, но веднаш потоа си опонираше самата на себе кога изјави дека,
според истражувањата на Меѓународната група, денешните Македонци генетски (во
дамнешната историја) биле блиски со Власите. Генетичарката со ова несвесно
потврди дека денешните Македонци го носат генот на античките Македонци,
затоа што (барем според оние историски книги што сум ги прочитал напишани од
историчари Власи) Власите се народ останат уште од антиката (некои ги
сметаат за потомци на славните Тракијци). Тракијците, пак, имале заедничко
дамнешно наследство со античките Македонци (за што пишуваат д-р Елеонора
Петрова, д-р Наде Проева и други наши и странски историчари). Оттаму, штом
Власите се потомци на антички народ, а денешните Македонци имаат заеднички
дамнешни гени со нив, генетичарката на ТВ Сител практично потврди дека во
најголема мера и денешните Македонци имаат антички корени.
Александар Донски
Случајот Тупурковски
Изјавата што ја даде мандатарот, веќе по втор пат премиер Црвенковски,
дека Македонија не е само на Македонците, по се изгледа многу од нашите
душмани ги осоколи до таа мера што почнаа јавно да се закануваат и да
плукаат по нас Македонците, или од парламентарната говорница или пак преку
електронските медиуми како Тупурковски.
Едните ни велат дека шиптарскиот јазик е многу убав и ние не сме го
научиле, ама ќе го научиме, а овој другиот пак тврди дека ние денешните
Македонци со нашите славни предци, античките Македонци, сме немале никакви
врски. Браво Василе. И види чудо. Таков човек со такво мислење се осуди дури
и да пишува за историјата на Македонија и Македонците од антиката до денес.
Арно ама, гледано од негов аспект, човекот си е потполно во право.
Најверојатно тој мислеше на самиот себе и припадниците на неговата раса или
нација, само којзнае како лошо се изрази, се слизна, па наместо циганите не
спомна нас Македонците. Зошто Циганите?
Многу едноставно. Кога војската на Александар се повлекувала или враќала
од Индија со себе понела и поголем број на домородното население, Индијци
како помошници, работници итн. Овие Индијци доаѓаат до и во Македонија и
остануваат тука засекогаш, па и до ден денешен, денеска познати како Цигани
или Ѓупци. Всушност, за ова пишува и самиот Тупурковски во неговите книги.
Овој индиски народ, денешните Цигани или Ѓупци, комплетно ја прифаќаат
Македонија како своја татковина и се потполно лојални граѓани кон
македонската држава, со исклучок на мал број поединци меѓу кои спаѓа и овој
досега прилично ценет господин Тупурковски.
Нечесно и грев би било од наша страна да тврдиме дека Циганите имаат
роднински врски со нашите славни предци. Врски со антиката имаат секако,
зашто во античко време се дојдени во Македонија, ама тоа не значи дека имаат
роднински врски со античките Македонци. Сигурен сум дека од ваков аспект
збрувал и Тупурковски мислејќи на себе и своите, ама многу погрешно се има
изразено. Во основа, сето ова е лесно за сфаќање и изразување за човек што
размислува со глава, ама за човек како Тупурковски кој размислува со
стомакот верувам дека е тешко и за сфаќање и за изразување. Сигурен сум дека
кога човек би му понудил "печено јагне и бел леб" Тупурковски (ако од него
се побара) на сите телевизиски станици ќе изјавува како тој е последниот
примерок на веќе исчезнатите американски "бизони".
Би било многу чесно од него кога на А1 би излегол да и се извини на
целата македонска нација и да објасни дека едно мислел, а зборувал друго. Во
спротивно можно е да биде исвиркан и исплукан секаде каде што ќе се појави.
Јован Ристов
Нечесни зделки и лаги!
Деновиве нон-стоп на мојот e-mail
ми пристигнуваат пораки од пријатели да внимавам, бидејќи ми се подготвува
сценарио за ликвидирање?! Кој го подготвува сценариото не ми е познато, но
гласи вака: Некојси Ристо Беломорски се изјаснил и ја известил јавноста дека
фрлил бомба пред Парламентот. Разузнувачките служби го толкуваат вака: Ристо
Поповски, роден во Беломорска Македонија, фрлил бомба пред Парламентот.
Господа, ве молам, ниту јас самиот знаев дека толку далеку сум можел да
фрлам бомби. На крај ќе излезе дека сум "Ристо бомбата". Престанете да ме
ставате во вашите нечесни зделки околу војната кои самите ја направивте. Не
ми беше јасно дека сум толку голем човек. Со години сакате да ми наметнете
дека сум терорист?! Не знам од кои причини. Но, бидете сигурни, моите раце
не се извалкани со ничија крв. Додека на многумина од оние кои шират ваква
пропаганда против мене, им се извалкани рацете со крв од недолжниот
македонски народ.
Јас не можам да ја бранам Турција, Србија, Бугарија, Грција ниту пак
Албанија, бидејќи јас сум роден како Македонец и како таков останувам до
смртта. Никогаш не сум барал другите да бидат нешто друго од она што се.
Никогаш не сум сакал да се гради македонска држава како што вие направивте
со омразен народ, со војни и поделби. Мојата Македонија е многу поголема и
подемократска. Им се заблагодарувам на моите пријатели кои ме известија за
нечесната игра на оние кои ја турнаа Македонија во војна и сега сакаат преку
мене да си ги перат своите валкани алишта. Од мене не треба никој да се
плаши, бидејќи никому не му мислам лошо. Но, ви препорачувам дома да си ја
решите работата како што треба. Да направите план како ќе живеете за доброто
на целокупното македонско население. Инаку ќе ве снајде тотална катастрофа.
Јас се наоѓам надвор од катастрофата, ниту страдам за леб, ниту пак нешто ми
недостига. Како ќе го вработите македонскиот народ и како имате намера да му
помогнете по она што му се случи, е прашање на кое чекам одговор.
Нема потреба да се плашиме дека Албанците ќе не селат, тоа не можат да го
сторат туку тука. На оваа грутка земја на која ние и тие се родивме, вечно
остануваме да живееме или како пријатели или како непријатели, одлучете како
сакате. Јас не се плашам од вакви или онакви игри. Целиот живот сум во
опасност да загинам и од смртта немам страв, но се јавив за да ја демантирам
новата игра со мене. Не сакам повеќе да играм како што вие сакате да играте
со мене.
Ристо Поповски
Приоритетни задачи за Владата
(Отворено писмо до премиерот, господин Бранко Црвенковски)
Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија -
Скопје, Ви го честита конституирањето и собраниското верификување на новата
Влада на Република Македонија. Свесни сме за големите обврски што како Влада
ви претстојат во идното работење за доброто на граѓаните на Македонија. Ве
убедуваме дека Форумот за човекови права со своето членство ќе го поздрави и
поддржи секое настојување на Владата кое ќе овозможи просперитет на државава.
Форумот потсетува и особено инсистира новата Влада на Р. Македонија меѓу
другото да се погрижи за остварување и на следните приоритетни задачи:
Создавање погодни услови за безбеден живот на сите граѓани на целокупната
територија на државава; Еднаквост на граѓаните пред Законот. Во таа смисла и
разрешување на судбината на киднапираните лица; Враќање на иселените,
односно насилно протераните лица во своите родни живеалишта; Итно собирање и
регистрирање на секаков вид оружје кое бесправно или со дозвола го
поседуваат граѓаните; Спречување на криминалот и корупцијата во државата;
Спречување на каналите на сивата економија, незаконскиот проток и употреба
на наркотични средства, секаков вид човечка злоупотреба, бело робје (проституција)
и сл.; Преиспитување на незаконски стекнатото богатство и одземање на истото;
Создавање услови за заживување на стопанството, земјоделието во државата;
Вработување на работоспособните граѓани со акцент на младите, односно со
приоритет на социјалните случаи и незгрижени (загрозени) семејства.
Ја користиме оваа пригода да укажеме дека Форумот за човекови права на
Македонците од Егејскиот дел на Македонија особено е заинтересиран за
судбината на Македонците во Егејскиот, Пиринскиот и албанскиот дел на
Македонија, вклучително во СР Југославија и секаде каде живеат Македонци.
Форумот се залага и препорачува новата Влада да преземе чекори за
унапредување на односите со другите држави, да инсистира на рамноправна и
праведна политичка и друга застапеност и да воспостави реципроцитет во сите
сфери на живеењето. Форумот е убеден дека оваа Влада ќе направи се да се
спроведе и исполни предизборното ветување. Доколку новата Влада се залага и
успее во своите заложби, ќе ја има безрезервната поддршка на Форумот за
човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Во спротивно
ќе биде доведена во прашање безрезервната поддршка на членовите и
симпатизерите на Форумот.
Наум Абов, претседател на Форумот
Тврди столчиња за апашите!
Деновиве во Македонија сме сведоци на максимално влошување на и онака
лошите состојби кои се предизвикани од истите оние кои работеа на руинирање
и растурање на сопствената земја во изминатиот период од четири години.
Деновиве имавме невиден криминален чин на убиство во Тетово на кошаркарското
игралиште (во сите нормални земји доколку биде фатен извршителот и му се
суди, ќе добие смртна казна), имаме манипулација со средношколците
организирана врз принципите и методите што ги применуваше пред 5-6 години
сегашниот македонски конзул во Америка и неговиот сопартиец, сегашен
портпарол на најголемата опозициона партија, довчерашна владејачка, имаме
закани од отворен тип на најумниот албански политичар (кој очигледно ќе се
докаже дека е само обичен профитер како неговиот другар - Премиер), имаме
товарење на еден куп ѓубре пред вратата на новата влада (што би рекол Фрчко)
за истата таа влада да не може воопшто да ја отвори и тргне да работи. А
владата си има тековни и стекнати проблеми од американски тип кога
бунтовниците преминуваат во власта само за да има мир во куќата, што досега
го гледавме само во африканските и јужноамериканските држави, но од другата,
реална страна беше единствениот излез од ситуацијата во која не втурна
новиот 200 квадратен станар на Водно и неговиот ортак со брада кој тешко
зборува, но затоа брзо мисли и продава демагогија на феноменот.
И што е тоа што би требало на овој народ да му даде кураж откако ја
преживеа војна, откако ја голтна кнедлата или се израдува дека довчерашните
станари на планините сега ќе дремат во парламентарните клупи, и откако сфати
дека може да биде убиен и среде улица и дека тоа може да му се случи токму
нему и токму сега. Нам, на Македонците без разлика од етникумот, верата и
полот, ни треба чистилиште, затоа што од пеколот не можете да влезете
директно во рајот, мора да се прочистите од тие што грешеле. И се надевам
дека се уште ви е во сеќавање една предизборна реклама. Нема да коментирам
како партијата помина на изборите затоа што тоа во Македонија е релативна
работа, туку ќе му честитам на авторот на оној спот каде Македонија е
прикажана болна и дека единствениот лек за неа е испраќањето на една не
толку мала група на арамии од претходната власт на тврди столчиња во
затворите. Овој спот е вистинска слика на она што се уште ни се случува, на
болеста која ја боледуваме и која се уште како колера се шири и се заканува
да биде неизлечива. Затоа на Македонија и треба чистилиште, организирана и
правна природна селекција на оние кои се чесни, патриоти и домаќани и на
оние кои се апаши, туѓољупци и растурачи на својата држава, народ и имот.
Треба тврди столчиња за разноразни Љамбевци, Војовци, Балковци, Даравеловци,
Ѓорчевци, Станиновци, Љубевци, Пауновци, Змејковци, на чело со нивниот
премиер, мајсторот на дубарата, Георгиевски. Од ова не треба да се амнестира
ни довчерашниот мозок на апашлакот и разнебитувањето зачинето со
прислушкувањето - госпоѓицата Димовска, а ни молерот Мендух Тачи со
криминалната свита околу него. Притоа треба да се испратат за Хаг сите оние
кои направиле воени злосторства независно дали се членови на владејачки или
опозициони партии. Тоа е чистилиштето со кое новиот мандатар, министерот за
внатрешни работи и независното судство ќе ја направат Македонија повторно
правна, чесна и почитувана држава. Впрочем, ако се прошетате по чаршијатам
ова ќе го слушнете насекаде, народот тоа го очекува. Народот очекува тврди
столчиња за апашите.
ПС: Македонците се познати како наивен народ. Јас не би сакал да е
така, но нешто не ми е логично овие денови во однос на испитувањата што ги
врши господинот Леминг во однос на македонското античко потекло од
Александар Македонски. Има една теорија која во моментов се врти меѓу
народот и вели: Македонија ја доби битката за името, бидејќи целиот свет ја
ословува со уставното име или само Македонија, што е уште попозитивно и
новата власт околу таа работа има крајно олесната позиција за разлика од
Георгиевски кој се согласил со името Горна Македонија со своите грчки
бизнис-партнери. Има ли подобра шанса за враќање на позициите на грчката
страна од евентуалниот доказ на господинот Леминг дека Македонците т.е. ние
не сме потомци на Александар, туку тоа се Грците од Северна Грција?! По
автоматизам, грчката страна има нов решавачки аргумент и светски доказ за
кој ќе ечи светската пропаганда од нивна страна, бидејќи резултатите и
испитувањата биле прифатени од Македонците и тие се нуделе сами за
испитување со што самите сме си се наместиле. Со тоа ќе се докаже дека ние
сме Словени за што Георгиевски отсекогаш грчевито се држел, бидејќи тоа е во
доктрината на ДПМНЕ за историските корени со Бугарите, и тој ќе се покаже
како победник со својот договор за Горна Македонија како добра волја на
Грците кон него, бидејќи ние ќе имаме загубени позиции. Аргументите кои
велат дека ова е уште една голема игра која ние и Р. Македонија треба да ја
изгубиме, треба да знаеме што се прават Англичаните кои никогаш не биле
пријатели на македонскиот народ (единствени не ословуваат со референцата
токму поради Грција), а за тоа говорат фактите при прогонот на Македонците
во Егејскиот дел на Македонија, при сите делби на Македонија, при
формирањето на сегашна Грција со помош на Черчил, фактот дека коските на
Филип се токму во Англија каде што има голем дел од грчката оставнина, а
факт е и тоа дека Грција и Англија се земји кои секогаш имале заеднички
интереси. Затоа не треба да бидеме наивни како милион пати досега дека се во
животот е случајно и дека некој нема друга работа, туку сака да докаже дека
сме потомци на Александар. На Западот се се прави со причина или како што
пишува во англискиот Парламент: "Интересот е вечен".
Сокол Таневски, Скопје
Апел за помош
Ние сме тројца во семејството. Се викаме Александар,
Анета и Јованче. Ние сме редовни читатели на "Македонско сонце". Бараме
преку вашето списание ако е можно да ни се помогне.
Ние сме социјални случаи. Бевме во Скопје и баравме помош
и никој не сакаше да ни помогне. Само со ветување, ни бараа 300 евра за
запишување во Заводот за ментално здравје. Каде да ги најдеме тие пари? Ние
сме деца без родители, без никаква помош од никаде. Социјално земавме, а
сега и тоа ни го укинаа и немаме ни да јадеме, ни пари како да живееме во
Македонија.
Три месеци бев во Армијата на Македонија. Не знам за кого
одев! Треба да ни помогне државата. Ама, нас никој не не гледа. Секој си
мисли за себе. Ако сакате да ни помогнете, а не ни верувате, дојдете каде
што живееме сега, па ќе се уверите дека немаме ни малку пари за живеење. Ви
се молиме како на Господ да ни помогнете.
Нашата адреса е:
Александар Кузмановски
Населба "Билјаник", Горно Оризари
7000 Битола
Тел. ++389 47/261-399
|