Х
век, незадоволните од централистичката политика на Егзархијата во Македонија
се и првите иницијатори за формирање на Тајната Македонска-Одринска
Револуционерна Организација. Есента 1893 година се покажа најпогодна за тоа.
Тогаш, од различни причини, во Солун се собраа најголем број од
иницијаторите за создавање револуционерна организација. Иако дел од нив
меѓусебно не се познаваа, тие брзо најдоа заеднички јазик за оживотворување
на своите замисли и идеи. На 23 октомври 1893 година се случи првата средба
на поголем круг луѓе во собата на солунскот книжар Иван Хаџи Николов. На
овој состанок, кој всушност е основачки состанок на револуционерната
организација, присуствуваа следниве шестмина: Даме Груев, учител од Смилево,
Христо Татарчев, лекар од Ресен, Иван Хаџи Николов, книжар во Солун, инаку
од Кукуш, Петар Поп Арсов, учител од с. Богомила, Велешко, Антон Димитров од
с. Ајватовци, Солунско и Христо Батанџиев, учител од с. Гуменџе, Воденско.
РЕЗУЛТАТИТЕ...
...што се постигнаа до крајот на 1893 година се повеќе од охрабрувачки.
Во почетокот на 1894 година, организаторите на состанокот од 23 октомври по
втор пат се сретнаа во Солун. На овој состанок по сумирањето на постигнатите
резултати и искуства, основачите разговараа за целите и задачите на
Организацијата, притоа изработувајќи ги нејзините програмски начела.
Организацијата требаше да биде: 1. Тајна и револуционерна; 2. Нејзината
територија да се сочинува од Македонија во нејзините географски и
етнографски граници, поради што и ќе се вика внатрешна; 3. Во неа да
членуваат лица што се родени и што живеат во Македонија без разлика на
верата и народноста; 4. Политичко кредо на организираните Македонци станува
автономијата на Македонија и 5. Да се чува самостојноста на организацијата
за да не падне таа под влијание на политиката на владите на соседните
слободни држави.

По прифаќањето на Уставот изработен од страна на Петар Поп Арсов, беше
конституиран и првиот Централен комитет чиј претседател стана Христо
Татарчев, а за секретар беше избран Даме Груев.
Брзото ширење на Организацијата во првата година од нејзиното постоење,
нејзиното излегување од рамките на Солун, ја наметна неопходноста од
свикување пошироко советување. Првото вакво советување беше одржано во
август 1894 година во Ресен, кое историчарите го оценуваат како "прв
револуционерен конгрес".
Годината 1895 за Револуционерната организација е значајна по два настани:
влегувањето на Гоце Делчев во Организацијата и бугарската четничка акција во
Источна Македонија.
Потребите наложуваа напуштање на тесниот карактер на движењето и
вовлекување на огромната селанска маса. Најголемата заслуга за новиот правец
на револуционерното дело има токму Гоце Делчев. Меѓутоа, покрај успесите,
организацијата во 1895 година се соочи со првите посериозни пречки од
бугарската надворешна политика.
Во летниот период на 1896 година во Солун беше свикан Конгрес на
Организацијата. Меѓу присутните 15-16 луѓе беа Пере Тошев, Даме Груев, Гоце
Делчев, Ѓорче Петров, Христо Татарчев, Христо Матов, Петар Поп Арсов, Иван
Хаџи Николов и други. Врз основа на прифатените принципи, Гоце Делчев и
Ѓорче Петров беа задолжени да ги изработат проектите на Уставот и
Правилникот. Прокламирањето на принципот дека Организацијата е "внатрешна",
македонската организација во условите кога во Софија беше создаден врховниот
комитет со претензии да биде единствен раководител и претставник на
ослободителното дело во Македонија, всушност значеше издигнување на правото
на Организацијата на полна самостојност и независнот, особено во границите
на внатрешноста на Македонија. Во духот на сето ова, беше изменето и името
на Организацијата која беше наречена Тајна македонско-одринска
револуционерна организација (ТМОРО).
На Конгресот во Солун Македонија беше поделена на шест револуционерни
округа со по неколку околии: Солунски, Битолски, Скопски, Штипски, Струмички
и Серски, покрај Одринскиот кој е надвор од Македонија, а за седиште на ЦК
беше одреден Солун. Покрај тоа, беше решено да се формира задгранично
претставништво на Организацијата, составено од 2-3 члена.
По Солунскиот конгрес започна процесот на брзо и масовно ширење на
Организацијата, но истовремено се појавија проблемите. Еден од трајните и
значајни проблеми беше финансискиот, бидејќи купувањето оружје бараше се
поголеми средства. Тоа принуди да се пристапи кон грабнувањето богати
поединци, а особено странски поданици и Турци за преку нивниот откуп да се
дојде до пари. Од повеќето такви обиди, единствено успешно беше изведен
планот со грабнувањето на американската мисионерка Мис Стон во август 1901
година. Тоа воедно беше шанса да се слушне вистината за положбата во
Македонија и за борбата на македонскиот народ за слобода која со сите
средства се прикриваше од соседните балкански држави.
Уште на првите чекори од своето организирање, Револуционерната
организација пристапи кон издавање своие нелегални весници. Првиот весник "На
оружје", според Ѓорче Петров, бил издаден во Битола во 1895 година. Во исто
време во Солун Даме го издаваше весникот "Востаник". Покрај овие два весника,
печатени органи до Илинденското востание имаа Скопската организација под
наслов "Освобождение" и Серската под наслов "Свобода или смрт". Надвор од
границите на Македонија во 1898 година се појави весникот "Бунтовник",
уредуван од Ѓорче Петров, а кон крајот на 1901 година весникот "Дело"
уредуван од бугарскиот поет Пеју Јаворов.
НАСТОЈУВАЊЕТО...
... да се избегнува судирање со органите на турската власт не можеше
многу да помогне. Колку повеќе растеше силата на Организацијата, толку
почесто доаѓаше до судирања, а тоа од своја страна водеше кон откривање
поединци, групи и организации, што често имаше последици за револуционерното
движење.
Провалите му нанесоа тешки удари на делото на Револуцијата, меѓутоа во
исто време тие беа и знак на ширината и силата на Организацијата и ја
афирмираа борбата на македонскиот народ пред светската јавност. Сепак,
најтешки и најопасни за револуционерното дело на македонскиот народ беа
аспирациите на бугарската државна политика. Таа дејствуваше преку
Егзархијата и преку вооружените четнички формации, испраќани од името на
Врховниот комитет во Бугарија.
Во почетокот на 1903 година Организацијата одржа нов Конгрес во Солун на
којшто беше донесено решението за кревање востание. Тоа беше потврдено и
санкционирано на Смилевскиот конгрес во мај 1903 година кога повеќето
делегати се изјаснија за подигање востание во Битолскиот револуционерен
округ.
На Рилскиот конгрес во 1905 година Организацијата се преименува во
Внатрешна македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО). Беа
донесени нов Устав и нови правилници, беше формиран нов Централен комитет на
чело со Даме Груев, а се бараше и децентрализација на Организацијата.
По Илинденското востание дејсноста на Револуционерната организација
започна да слабее. Се појавија две тенденции - едната на чело со Јане
Сандански и другата на чело со Христо Матов.
Во периодот на Младотурската револуција, ВМРО ја легализираше својата
политичка дејност и ги распушти своите вооружени чети. Еден дел од членовите
на Организацијата, на чело со Јане Сандански, ја формираше Народната
федеративна партија, а Христо Матов го формираше Сојузот на бугарските
конституциони клубови. За време на балканските војни и во текот на Првата
светска војна, многу дејци учествуваа на страната на бугарска војска. По
Првата светска војна (1919 година) ВМРО ќе ја обнови својата политичка и
четничка активност. Станува збор за врховистичкото крило на Тодор
Александров, Петар Чаулев и Александар Протогеров, кое активно учествуваше
во бугарскиот политички живот и ја поддржуваше бугарската ревизионистичка
политика во однос на Кралството на СХС, Грција и Романија. По потпишувањето
на Мајскиот манифест во 1924 година, Тодор Александров беше убиен и
раководството на ВМРО го презема Иван Михајлов кој се пресмета со своите
противници. Во историјата се познати крвавите настани од Горна Џумаја и
убиството на видни македонски револуционери. По убиството на Александар
Протогеров во Организацијата се појавија две струи: михајловисти и
протогеровисти.
Крвавите меѓусебни пресметки и притисокот на балканските држави да се
запре четничката активност на ВМРО ја принудија бугарската Влада по
државниот удар во 1934 година да ја забрани активноста на оваа Организација.