кциите за придобивање на Титовата
Југославија од страна на западните сили во рамките на планот за дефинитивна
пресметка со ДАГ во 1949 година продолжија. Имено, на 17 февруари 1949
година владата на САД донесе одлука за либерализација на извозот кон
Југославија со цел да го убеди Тито да ја прекине помошта кон партизаните.
На 5 мај 1949 година Ф. Маклеан се сретна со Тито во Белград. Маклеан по
директива на британската Влада побара од Тито гаранции за еден решителен
пресврт на Југославија кон ДАГ, со возврат доделување економска помош од
западните земји. Тито на Маклеан му призна дека Југославија во минатото ја
помагаше ДАГ, но потенцира дека ситуацијата веќе е променета. Сепак, не може
да откаже давање на азил на бегалците од Грција, на кои сега не им се
дозволува да се вратат во своите формации. Тито се обврза дека во иднина
ниеден Грк бегалец нема да му дозволи повторно да стапи во редовите на ДАГ и
нема да и се даде помош на партизаните. Тито побара од Маклеан да не биде
оваа негова обврска обелоденета, бидејќи такво нешто многу ќе ги изложеше
Британците, затоа го одржа ветувањето, информирајќи ги само Американците.
РАЗГОВОРИТЕ ВО СКОПЈЕ
Под такви услови и ниво на односите меѓу двете партии, по иницијатива на
КПГ, во февруари и април 1949 година се водени разговори на ниво на
централни комитети. Делегацијата на КПГ предводена од членот на ЦК на КПГ и
министер за правда при ПДВ, Милитјадис Порфирогенис, во Скопје пристигна на
8 февруари 1949 година и истиот ден започнаа разговорите. Делегацијата на
КПЈ-КПМ ја сочинуваа Лазар Колишевски и Цветко Узуновски - Абас.
Целта на КПГ со оваа посета беше да ги обвини Југословените за
поткопувачка дејност против народноослободителното движење во Грција и да
издејствува право за принудна мобилизација на егејски Македонци од двата
пола, опфатени со наредбата за мобилизација на ГШ на ДАГ кои како политички
бегалци престојуваа во Југославија и дислокацијата на сите Македонци
политички бегалци од Југославија во Грција.
Горните тврдења и ултимативни тврдења и барање на КПГ содржани во текст,
однапред подготвен и одобрен од Политбирото на КПГ, на средбата го прочита
шефот на грчката партиска делегација. Текстот поделен на осум точки ги
обвини Југословените за агентурска дејност во Грција, за организирање на
непријателски движења кон ослободителното движење во Грција, составено и
спроведено од Македонци, кое се манифестира во поткопување на братството и
единството меѓу грчкиот и македонскиот народ, култивирање на фетишизам,
недоверба и сомневање во победата на ДАГ, поттикнување на Македонците од
редовите на ДАГ, давање азил на бегалци и дезертери, за организирана
антикапегеовска дејност водена од формирана група составена од поранешните
основачи и раководители на НОФ - Михајло Карамитчиев, Илија Димовски - Гоце,
Вангел Ајановски - Оче и Стерјана Вангелова - Славјанка, поттикната и
поддржана од југословенските власти. Во текстот се соопштува новиот став на
КПГ по македонското национално прашање прифатен на Петтиот пленум на ЦК на
КПГ од јануари 1949 година со кој на Македонците им го призна правото на
самоопределување и државност, преземените конкретни мерки за
материјализирање на ставот дека тој е прифатен со цел, покрај другото, да се
неутрализира, односно побие пропагандата што се води од Скопје дека КПГ води
непринципиелна политика по македонското национално прашања и неправилен
однос кон Македонците - борци. Порфирогенис категорички побара Југославија
да не има дава азил на дезертерите и на бегалците, да им ги враќа на
органите на ДАГ и воопшто да ја прекине дејноста што се води во Југославија
против КПГ - ДАГ.
Колишевски и Узуновски категорички ги одбија обвинувањата за
непријателска дејност против народноослободителното движење во Грција, како
и барањата за принудна мобилизација, присилна репатријација на сета
македонска политичка емиграција, како и давањето политички азил на бегалци и
борци кои ги напуштаа редовите на ДАГ, со образложение дека тоа го обврзува
уставот, домашните и меѓународните закони. Освен тоа, вратените Македонци
борци беа осудени од преки воени судови на ДАГ и стрелани.
Во врска со издигнатата парола на КПГ, преку НОФ, на 3 февруари 1949
година, за формирање на македонска држава во рамките на Балканската
федерација, на средбата е водена остра дискусија. На забелешката на
Колишевски дека постои македонска држава, Порфирогенис одговори: "... нашата
партија, признавјќи му го правото на македонскиот народ за целосно
национално востанување, го остава самиот народ да избере како ќе го
искористи тоа право. Ќе беше грешка, ако нашата партија им сугерираше на
Македонците да одат во југословенска Македонија, бидејќи тоа ќе ја разбиеше
борбата, бидејќи има многу Македонци кои од разни причини ќе се
спротивставеа на едно такво решение".
Порфирогенис на крајот од средбата се закани дека КПГ јавно ќе ја обвини
Југославија, доколку не бидат прифатени погорните нејзини барања. Колишевски
на тоа одговори дека тоа е проблемот на КПГ и дека Југославија на тоа ќе
одговори.
По свое барање Порфирогенис на 9 февруари се сретна со горенаведената
група раководители на НОФ Михајло Керамитчиев, Илија Димовски - Гоце, Вангел
Ајановски - Оче и Стерјана Вангелова - Славјанка.
На средбата, на која се разви остра дискусија, наведените раководители на
НОФ, тврдеа дека далеку од борбата се наоѓаат по директива на Захаријадис,
дека не водат никаква непријателска дејност кон КПГ - ДАГ, дека КПГ ја
изигра спогодбата за обединување од октомври 1946 година, дека КПГ води
неправилна политика по македонското прашање, за омаловажување на Македонците
во борбата и слично.
МИСИЈАТА НА ПОРФИРОГЕНИС
Претставникот на КПГ, М. Порфирогенис, незадоволен од резултатите од
средбата во Скопје, побара средба со претставник на ЦК на КПЈ во Белград.
Барањето му беше удоволено и средбата е одржана во Белград на 16 февруари
1949 година. На разговорите КПЈ беше претставена од Крсто Попивода.
Порфирогенис на средбата во Белград ги повтори истите обвинувања и ги
постави истите барања што ги изнесе во Скопје и тоа: Југославија да прекине
со давање азил на дезертери и бегалци од Грција, да прекине со испраќањето
агенти со задача да организираат дезертерства на Македонци од редовите на
ДАГ, да и одобри и да и помогне на КПГ да спроведе тотална мобилизација на
борци за ДАГ од редовите на политичката емиграција во Југославија, да ги
изолира разбивачите и клеветниците на борбата што ја води КПГ, да дозволи да
се формираат организации на НОФ во Југославија.
И оваа средба заврши како таа во Скопје. Крсто Попивода ги одби
обвинувањата на претставникот на КПГ тврдејќи дека КПЈ сесрдно и многустрано
ја помагаше ДАГ. Од повеќе илјади Македонци што пребегаа во Југославија во
1949 година, 2.000 вратени назад и слично.
Порфирогенис ја повтори заканата дека КПГ јавно ќе ја осуди КПЈ доколку
не ги прифати погорните барања и радикално не се коригира.
Што се однесува на тезата на претставниците на КПЈ дека Југославија во
врска со давањето политички азил и по прашањето на мобилизацијата на
Македонците политички бегалци, мора да води сметка на својата и на
меѓународната регулатива, не држи. Познато е дека порано, односно од 1946 па
се до крајот на 1948 година КПГ со помош на југословенските власти вршеше
широка мобилизација на борци за ДАГ од редовите на македонската политичка
емиграција, на дезертерите не им даваше азил, односно ги враќаше назад, од
кои повеќето беа стрелани.
Мисијата на Порфирогенис во Скопје и Белград, како што приведовме, заврши
неуспешно. Југословенското раководство продолжувањето на дијалогот со КПГ го
условуваше да го води со Захаријадис, Јоанидис или Маркос. Тоа се
образлагаше со сериозноста на проблемите што се појавија во односите меѓу
двете партии. И покрај продолжувањето на натамошното заострување на односите
меѓу двете партии, раководството на КПГ настојувајќи да го реши проблемот на
резервите на ДАГ со нови борци по пат на мобилизација на Македонците од
егејскиот дел на Македонија кои, како политички бегалци се наоѓаа во
Југославија и да обезбеди транспорт на материјали и луѓе од Бугарија и од
други земји преку Југославија, реши да ги продолжи разговорите и преговорите
со раководството на КПЈ.
Во писмото на членот на ПБ на КПГ, Јанис Јоанидис, од 16 март 1949 година
до рускиот функционер М. Суслов во кое бара согласност на советското
раководство за продолжување на контактите и дијалогот со КПЈ, меѓу другото
се вели: "... прашањето на мобилизацијата на Македонците кои како политички
бегалци се наоѓаат во Југославија, ќе треба да се дискутира со
југословените". И од овој дел на цитираното писмо на Јоанидис, многу јасно
се виде значењето на македонскиот фактор во вооружената борба што ја водеше
КПГ.
И југословенското раководство беше заинтересирано за решавање на
проблемите во односите меѓу двете партии. КПГ поради Резолуцијата на
Информбирото против Југославија, која целосно ја прифати, ја откажа
дотогашната улога што ја играше Југославија за вооружената борба, почна да
бара нов центар. Радиостаницата "Слободна Грција" и дел од апаратот го
премести од Белград во Букурешт. Југославија, според КПГ, требало да служи
како техничко-транзитна база (пункт) за префлување на луѓе и транспорт на
материјали, улога што не сакаше да ја прифати КПЈ. Освен тоа, напорите што
ги правеше за излез од тешката економска ситуација, предизвикана од
економската блокада преку економската помош и кредити од Запад, ја
принудуваше постепено и внимателно ги намали во продолжение ја минимизираше
и на крај ги прекине односите со КПГ и да ја прекине помошта за ДАГ. Во тоа
време раководителите на КПГ се почесто изнесуваат ставови против КПЈ, а
радиостаницата "Слободна Грција" и печатот на КПГ објавуваат материјали на
Информбирото против КПЈ. Сето тоа му послужи на југословенското раководство
како мотив и покритие за преземање на мерки за повлекувањето на присуството
на Југославија во грчките работи. Некои настани што се одиграа тоа време го
правеа уште понервозно југословенското раководство во неговите односи со
КПГ. Имено, на 18 март 1949 година грчкиот дипломат Панајотис Пипинелис го
информира британскиот амбасадор во Атина дека југословенската Влада
применувајќи целосна конспиративност и предложи на грчката Влада средба на
грчки и југословенски претставник, по можност во Белград, на која да се
дискутира темата на подобрувањето на односите меѓу двете земји.
На 31 март лондонскиот дневник "Дејли-Меил" објави интервју на грчкиот
министер за надворешни работи, Константин Цалдарис, кој изјави дека се
очекува во текот на една година Грција и Југославија да се сојузници.
Изјавата на Целдарис предизвика голем интерес и реагирања. Горната изјава на
4 април беше демантирана од самиот Цалдарис и на 8 април 1949 година од
дипломатскиот уредник на "Танјуг". Радиостаницата на ДАГ "Слободна Грција"
ја пренесе и ја коментираше изјавата на Целдарис што беше повод за
заострување на односите меѓу КПГ и КПЈ.
(Продолжува)