| |
СВЕДОШТВА
Историјата не е само минато
АНТИЧКИ МОТИВИ ВО МАКЕДОНСКИТЕ НАРОДНИ ПРИКАЗНИ И ПЕСНИ (7)
Пишува: Александар ДОНСКИ
- И други мотиви од античката митологија останале во нашиот фолклор!
- Смешни тврдења на наши фолклористи за постоењето на овие мотиви!
О д античката митологија во
македонскиот фол- клор, преку античкитеМакедонци, стигналеи други мотиви.
Некои од нив се:
Мотивот за вештерката. Во античката митологија е спомната вештерката
Кирка од "Одисеја".
Мотивот за врколакот. Во античката митологија Кекропс бил престорен
во волк.
Мотивот за натпревар помеѓу човек и натриродно суштество. Во
македонскиот фолклор веќе наведовме примери на натпревар помеѓу свирач и
самовили, а има и други вакви случаи, додека и во митологијата се забележани
приказни со ваков мотив, на пример натпреварот помеѓу Атина и Арахна во
плетење и други.
Мотивот за врзана девојка, која е жртва на чудовиште. Во античката
митологија овој мотив е спомнат во приказната за Андромеда која требало да
биде жртвувана на чудовиште за да се сочува нејзината земја. Но, пред да се
случи тоа, таа била спасена од јунакот Персеј, кому нејзините родители му го
ветиле царството ако ја спаси. И овој мотив се среќава во македонските
приказни.
Мотивот на натриродно суштество кое води љубов со смртник. Вакви
примери веќе спомнавме во македонските народни творби во кои млад јунак се
жени со самовила. Во античката митологија исто така има неколку вакви случаи
(Афродита која водела љубов со Анхис и други).
Мотивот за персонализација на смртта. Во античката митологија
најпозната е приказната за стариот човек кој ја повикал смртта затоа што му
бил тежок товарот со дрвја. Но, кога смртта и навистина му се појавила, тој
се уплашил и и рекол дека ја вика за да му ги поткрене дрвјата. Смртта е
персонализирана и во некои творби од македонскиот фолклор.
Мотивот за персонализација на правдината. Во македонскиот фолклор
постојат неколку приказни во кои правдината е прикажана како човечки лик, а
во античката митологија постоело божество на правдината, кое се викало Дика.
Сигурно дека постојат уште вакви мотиви кои допрва треба да се проучат.
НЕЛОГИЧНИ ТОЛКУВАЊА НА АНТИЧКИТЕ МОТИВИ ВО МАКЕДОНСКИОТ ФОЛКЛОР
Во врска со постоењето на бројните очигледни фолклорни елементи во
денешниот македонски фолклор, кои се наследени од антиката, т.е. од
античките Македонци, само по себе се наметнува прашањето: од каде ваквите
елементи во македонските народни умотворби запишани во 19 и 20 век, доколку
Македонците од овие времиња и навистина немале никаква етничка и културна
врска со античките Македонци (како што тврдат малубројните странски негатори
на македонската нација, но и некои наши субјекти)? Кој им кажал на нашите
предци од 19 и 20 век да ги чуваат преданијата за Александар Македонски, па
дури и да го сметаат за наш македонски цар?
Пред да поминеме на анализа на овие прашања, треба да расчистиме со уште
еден момент. Имено, некој со право може да забележи дека во македонскиот
фолклор постојат бројни творби во кои се застапени ликови кои никогаш не
живееле во Македонија и кои воопшто не биле Македонци. Овде предничат
македонските умотворби за царот Соломон, како и за извесен број христијански
светители. Па, зарем тоа значи дека и Соломон и сите овие светители биле
Македонци? Или зарем денешните Македонци се потомци на Соломон и на
христијанските светители спомнати во нашите народни умотворби? Секако дека
не. Но, штом е така, тогаш можеби и умотворбите со античко-македонска
содржина се исти такви (увезени однадвор и прифатени од нашите предци
во 19 и 20 век)?
За да одговориме на ваквите забелешки, како прво треба да потенцираме
дека пошироките народни маси во Македонија сосема добро знаеле за цар
Соломон и за христијанските светители, а тоа го знаеле преку верската поука
што ја добивале главно во црквите уште од времето на помасовната
христијанизација на Македонците. Оваа поука главно се изведувала усно, така
што нашите длабоко религиозни предци знаеле многу приказни од Светото Писмо.
Овие приказни подоцна тие им ги прераскажувале на своите деца и внуци,
правејќи притоа одредени измени во склад со непишаните
правила на усното пренесување. Ете затоа,
во нашиот фолклор постојат творби не само за цар Соломон, туку и за некои
христијански светители.
Масовната и речиси секојдневна верска поука на
Македонците низ вековите едноставно се врежала во свеста на мнозинството
луѓе и на тој начин придонела за појавата на овие ликови во македонските
народни творби.
Нормално дека при ваквиот процес е неспорно и мешањето на одредени
елементи од поднебјето на другите соседни народи. Така, на пример, постојат
поедини македонски народни творби во кои се споменуваат: Будим Град, Косово
Поле, Стара Планина, Дунав, Влашко, Цариград, Латинска земја, Арнаутска
земја, Анадолија, цар Душан, цар Шишман итн. Но, овие поими во ниту една
народна творба не се спомнати како наши (македонски), а освен тоа ваквите
творби се извонредно ретки.
Од друга страна, сите наши сериозни фолклористи признаваат дека во
современиот македонски фолклор постојат значаен број елементи од антиката (за
што веќе наведовме и примери).
Но, проблемот е во тоа што некои од овие
фолклористи, поради причините што ги наведовме на почетокот од овој фељтон,
како да се плашеа отворено да напишат дека народот што ни ги пренел
овие елементи имал свое етничко име, кое гласи: антички Македонци!
Наместо тоа, овие наши автори во своите дела користеа маскирни термини за
античките Македонци (најчесто квалификувајќи ги како: староседелци,
пред-словенско население и сл.) и никако не осмелувајќи се да скршат
јазик и јасно да кажат дека тоа биле античките Македонци (за чие
егзистирање во Македонија пред и по упадот на Словените веќе наведовме
историски сведоштва).
Посебна приказна е толкувањето на појавата на античко-македонските
фолклорни елементи во фолклорот на Македонците од 19 и 20 век од страна на
некои наши фолклористи и историчари. Имено, до не така одамна, потеклото на
ваквите творби (конкретно на мотивите со Александар Македонски) од страна на
овие автори (застапници на пан-славистичката теорија за исклучивото
заткарпатското потекло на денешната македонска нација), единствено се
толкуваше како наводен "производ" на некаков "романтизам" од 19 век,
наследен од средновековниот роман за Александар Македонски под наслов "Александрида"(!?).
Меѓутоа, нема апсолутно никаква основа да
се тврди дека некој роман објавен во Средниот век некаде во Европа ги
поттикнал нашите неписмени селски предци од 19 век да седнат и да создаваат
фолклорни творби посветени на главните херои од тој роман (за кој, всушност,
којзнае дали воопшто и слушнале дека постои). Практично причините за
појавата и егзистирањето на ваквата нихилистичка теорија ги наведовме на
почетокот од овој фељтон.
РОМАНОТ "АЛЕКСАНДРИДА"
Но, да поминеме на фактите. Романот "Александрида" за прв пат се
појавил околу 2 или 3 век по Христа во Александрија од непознат автор. За
време на Византија овој роман добил нова редакција, која била елинизирана.
Што се однесува до Балканот, се смета дека "Александрида" првпат
бил преведен на територијата на Бугарија некаде помеѓу 10 и 14 век (К.
Пенушлиски, "Митот и фолклорот", Скопје, 1996, стр. 61). Првиот
превод на територијата на Србија се случил на крајот од 13 век. Но, обата
овие преводи биле само во ракопис. Тоа не биле печатени книги и којзнае дали
воопшто ги имало во повеќе од неколку примероци. Оттаму, далеку од логиката
е да се тврди дека овие неколку ракописни примероци (објавени во туѓи земји)
биле поттик на Македонците од 19 и 20 век за "создавање" творби за
Александар Македонски. Напротив, познато е дека ракописните книги биле
пишувани во сосема мал број примероци и тие главно биле чувани по
манастирите и црквите, што значи дека не биле секому достапни, а да не
зборуваме за фактот што тогаш одвај дали имало по некој писмен за да ги чита.
Првиот печатен превод на "Александрида" во Европа се појавил во
1550 година, а првите печатени примероци на "Романот за Александар
Македонски" се појавиле во Србија и во Бугарија дури во 19 век.
Бугарскиот превод се појавил во 1844 година. Овој превод повторно бил
издаден во Цариград (1851 година) и во Букурешт (1867 година). Па, дали
можеби нашите главно неписмени предци по селата и по градските сокаци на 19
век ги читале овие книги, па седнувале да измислуваат творби за Александар
Македонски?
И ова е малку веројатно. Како прво, во првиот дел од книгата веќе
наведовме сведоштва од кои се гледа дека нашите предци од 19 век одвај дали
имале некој помасовен допир со соседните држави и култури, додека
интелектуалци од овие држави воопшто и не знаеле дека во Македонија во 19
век живее христијанско население (веќе ги наведовме примерите со Вук Караџиќ,
со Стефан Верковиќ и со други тогашни интелектуалци, кои биле изненадени
кога разбрале дека во Македонија не живее само турско население). Понатаму,
се знае дека првото издание во Бугарија на романот за Александар Македонски
имало околу 1.600 претплатници. Од нив само 17 биле од Македонија и тоа од
Скопје (К. Пенушлиски, цит. дело стр. 62). Па, зарем овие 17 претплатници (за
кои не знаеме ни дали биле етнички
Македонци) се јадрото што ги
создало македонските народни песни за Александар Македонски? Секако дека не,
а најголем доказ за ова е фактот што македонска народна песна за Александар
Македонски е забележана неколку децении пред печатењето на романот во
Бугарија и тоа уште во 18 век (според мемоарите на Франсоа де Тот). Понатаму,
овде е и патеписот од Пјер Белон од 1553 година (16 век!) кој исто така
сведочи дека во Македонија слушнал легенда за александровиот коњ Букефал. Па,
кој им ја кажал оваа легенда на Македонците од 16 век? Јасно е дека тие
никогаш во животот немале слушнато за романот "Александрида", кој во
печатена форма на Балканот се појавил дури неколку векови подоцна од нивното
време.
На просторите на бивша Југославија, средновековниот роман за Александар
Македонски ("Александрида") за првпат бил преведен на хрватски дури
во 1871 година во Загреб, и тоа од страна на В. Јагиќ, а во 1878 година е
преведен и на српски и објавен во Белград. Но, тогашните Србија и Хрватска
немале речиси никаква допирна точка со Македонците. Србија тогаш била
сиромашна и мала независна држава, а Хрватска и самата била под туѓинска
власт, без речиси никакви контакти со нашите предци кои живееле во мрачните
турски вилаети. Освен тоа, Македонците ни денес знаат бугарски, па ни
хрватски и српски (со исклучок на наследството од заедничкиот живот во
Југославија кога во македонските училишта се учеше српско-хрватскиот
јазик), а камоли тогаш, кога немале речиси никаков помасовен допир со овие
туѓи народи.
Практично, во хипотезата според која романот "Александрида" бил
причина за појавата на песни за Александар Македонски, недостасува убедлив
одговор на клучното прашање кое се однесува на механизмот според кој
содржината на овој роман стигнала до свеста на нашите (главно неписмени)
предци од 19, па и 20 век, посебно ако се знае дека овој роман никогаш не
бил објавен во Македонија.
Инаку, колку што знам, за првпат роман за Александар Македонски на
македонски јазик е објавен дури во 1965 година. Тоа е романот "Александар
Македонски"
од авторот Словомир Настасиевиќ, во превод на Трајан Бавтировски. Интересно
е што овој роман, во издание на Детска радост при НИП "Нова
Македонија", бил отпечатен во тираж од дури десет илјади примероци, што
и за сегашни прилики е многу, а камоли за тоа време! Романот прилично
објективно ги прикажува историските настани, но дури и неговиот голем тираж
не може да ги побие претходно наведените факти за запоставувањето на
античко-македонската историја за време на комунистичка Југославија. Дури
пред крајот на животот на оваа држава (средината и крајот на осумдесеттите)
се преведоа неколку книги од таа област за поширока употреба, како на пример
книгите на Елис, Вилкен и други.
(Продолжува)
|