Свети Великомаченик Димитриј е роден во Солун. Бил син единец, подарен од
Бога по молитвите на неговите набожни родители. По смртта на татко му кој
бил солунски војвода, царот Максимијан го поставил мудриот и храбар Свети
Димитриј за царски намесник на Солунската област. Му наредил да го убива
секого што го признава името на Распнатиот. Но, "...словото Божјо не се
врзува".
ЧЕСНИТЕ МОШТИ
Добриот војник на Исуса Христа, Свети Димитриј, јавно го прославуваше
Господ Исус Христос и стана за солуњаните втор апостол Павле. Пред царот
смело изјавил дека е христијанин. Фрлен во затвор, го прославувал Бога: "Боже,
не напуштај ме, за да ја објавувам.... силата Твоја и правдата Твоја на
сегашниов род и на идниот род... Ќе се радува устата моја кога ќе Ти пеам и
душата моја која си ја избавил. И јазикот мој секогаш ќе зборува за Твојата
правда...". Царот дознал дека Нестор го победил гладијаторот Лиј со
благослов на Свети Димитриј. Затоа издал наредба Димитриј да биде убиен. На
8 ноември војници влегле во затворот. Го затекнале на молитва. Од неговото
лице зрачела необична светлина. Исплашени од тоа не му се доближиле, туку го
избоделе оддалеку со копја. Неговото тело христијаните тајно го погребале
ноќта. Над гробот на Светителот во Солун прво бил изграден мал храм, а
подоцна од благодарност кон Светителот што го излечил, на истото место
познатиот велможа од Илирија по име Леонтиј подигнал голем храм. Во скапоцен
ковчег во новиот храм биле положени чесните мошти на маченикот кои се
целосно нераспаднати. Од нив течело, благомирисно исцелително миро. Затоа
Светителот е наречен Мироточив. Чуварот на светото Православие со своите
свети и чудотворни мошти и со храмовите во целиот свет, подигнати во негово
име, меѓу кои и прекрасниот храм во подножјето на Скопската тврдина, како да
им пркоси на сите времиња и ги повикува верните на 8 ноември да дојдат во
Божјиот дом да му се поклонат, за да им ги открие бисерите на Христовата
вера и љубов, да ги почувствуваат чудата и неговата сила и во векот во кој
живееме.
СЛУГИНКА ХРИСТОВА
На 9 ноември се слави ученикот на Св. Великомаченик Димитриј, младиот и
храбар Свети Маченик Нестор. Во тоа време царот Максимијан за да се
развесели себе си и незнабожниот народ, наредувал да се приредуваат
гладијаторски игри во арените во кои биле жртвувани христијаните. Нестор
длабоко во себе страдал гледајќи како горостасниот Лиј ги измачува и убива
христијаните, фрлајќи ги врз многубројните копја. За сето тоа во затворот го
известил Св. Димитриј и решил да излезе сам на мегдан со Лиј. Свети Димитриј
го благословил и му рекол: "Ќе го победиш Лиј, но ќе настрадаш поради Христа".
Нестор го победил Лиј, го фрлил врз копја и Лиј умрел. Затоа царот наредил
Нестор да биде исечен со меч, а Димитриј избоден со копја.

Св. Великомаченица Параскева - Петка
На 10 ноември не може, а да не се сетиме на страдањата на милосрдната
девојка со сонцезрачна убавина, Света Великомаченица Параскева - Петка од
Иконија. За време на царот Диоклецијан обвинета од незнабожните граѓани дека
верува и го проповеда Распнатиот Христос била изведена на суд пред кнезот на
таа земја. Ја озари Светиот Дух и нејзиното мило лице стана светло. Со чисто
срце во кое го носеше Бога, светата девојка одговара: "...Името на вечниот
живот ми е: христијанка, слугинка Христова, а името на мојот привремен живот
е Параскева". По наредба на мачителот била тепана со сирови жили. Ја обесиле
на дрво и со железни нокти и ги дереле ребрата, а со крпи и ги триеле раните.
На тој начин и го одрале месото се до самите коски. Потоа ја симнале од дрво
и ја фрлиле во темница. Таму и се јавил ангелот Божји и ја излечил од раните.
Со молитва ги разрушила идолите во незнабожечкиот храм. Тогаш кнезот наредил
ребрата да и ги палат со оган. Но, и тие мачења ги издржала. На крајот
кнезот наредил со меч да биде исечена. Кога и ја отсекле главата, небото
прозборело: "Радувајте се праведни, зашто се венчава маченицата Параскева!".
Со благослов на Неговото Високопреосвештенство,
Митрополитот европски, г. Горазд