ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Музичка средба во Соборниот храм "Св. Климент Охридски"

НЕЗАБОРАВНИ ДУХОВНИ МИГОВИ

Пишува: Драган ЗАФИРОВ

  • Љубовта верата и надежта беа преточени во една сеопшта молитва кон нашиот Спасител.
  • Господин отец Ѓорѓи Кацарски со својата мудрост и беспрекорна љубов вложува голем труд овој наш македонски Соборен катедрален архиепископски храм да ја добие вистинската и заслужена убавина.

На 19 октомври 2002 лето Господово Соборниот катедрален храм "Св. КлиментОхридски" во Скопје приреди незаборавна музичка средба со хоровите "Менада" од Тетово, под раководство на диригентот Ивица Зориќ, градскиот хор "Стив Наумов" од Битола под раководство на диригентот Љубомир Трифуновски и хорското студио "Рустико" под диригентската палка на господниот Запро Запров.

Сите изведоа хорски духовни композиции од познати автори уште еднаш потврдувајќи ја големината и светоста на нашата православна црква. Катедралниот храм беше исполнет со бројни верници, вознесени од прекрасната музика која силно одекнуваше во нивните срца. Љубовта верата и надежта беа преточени во една сеопшта молитва кон нашиот Спасител.

Во новоизградената сала на долниот дел од Храмот се одржуваат свечени приредби. Во иднина ќе биде волшебна сала носител на прекрасни духовни средби, каде уметноста и естетиката ќе зрачат со невиден сјај. Старешините и сите служители во овој храм со својата љубов и самопрегорност успеаја на овој Храм да му дадат еден ренесансен облик, да му дадат вистинска душа, една духовна боженствена димензија како што наликува за овој свет објект.

Господин отец Ѓорѓи Кацарски со својата мудрост и беспрекорна љубов вложува голем труд за овој наш македонски Соборен катедрален архиепископски храм да ја добие вистинската и заслужена убавина. Тој работи со сето братство. Затоа овој голем и прекрасен собир на духовните хорови беше пример каков треба да биде и како треба да живее овој Свет Господов Дом.


КУРС "УЧИЛИШТЕ ЗА ЖИВОТОТ"

Пишува: Драган ЗАФИРОВ

  • Овој курс овозможува низ предавања, духовни средби, учество на богослужба молитва, дружење, разговори, заеднички Трпези на Љубовта и поклонички патувања секој да се запознае со основите на христијанската вера

Училиште за животот е почетен курс или циклус од девет предавања посветени за вистината на Животот која е откриена, покажана и докажана од Синот Божји и Синот Човечки - Исус Христос.

Овој курс овозможува низ предавања, духовни средби, учество на богослужба, молитва, дружење, разговори, заеднички трпези на љубовта и поклонички патувања секој да се запознае со основите на христијанската вера и со спасоносниот духовен живот во црквата Христова.

Курсот започнува со воведна средба на која секој може да постави прашање за се што го интересира во однос на христијанството и духовниот живот. По петтото предавање повторно ќе има духовна средба на која ќе се говори во врска со изминатите теми. Духовната средба завршува со трпеза на љубовта.

По деветтото предавање повторно има духовна средба со повторување на сите изминати теми. Целиот курс завршува со трпеза на љубовта и со учество на литургијата на Црквата преку причествувањето со Телото и Крвта на нашиот воскреснат Спасител.

Курсот може да го посетуваат сите оние кои го чувстуваат призивот на Животот, но и оние кои се сомневаат, па дури се противат на Животот. Курсот е бесплатен, а од посетителите се бара отворено срце за вистината и Животот, подготвен ум за размилување, молитвеност, отвореност за ближниот, духовност и духовитост.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"