СПОРТ

РАКОМЕТ: Четирите екипи во "Кале" презентираа квалитетна игра

НОВО ДОЖИВУВАЊЕ СО "КОМЕТАЛ"

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • "Кометал" во најсилен состав уште долго ќе биде непобеден во Кале, а секако дека и со респект ќе се дочекува секаде каде што гостува. Оваа мошне значајна титула со која само се потврди вредноста и големината на "Кометал" во ракометот на најдобар можен начин ги замолчи сите оние кои пред ова натпреварување предвидуваа дека токму тука и токму сега ќе излезат многу слабости и дека "Кометал" ќе биде поразен.
  • Организаторот на Купот, Ракометниот клуб "Кометал", успеа да собере сили и со максимални напори да се нашминка колку што се може салата во спортско-рекреативниот центар Кале и во една таква реновирана сала да се одржи ова мошне значајно натпреварување кое неофицијално го носи и насловот дека е европско клупско првенство затоа што на него учествуваат четирите моментално најдобри екипи.

Македонскиот клупски женски ракомет суве-рено владее во светот. Тоа на најдобар можен начин се докажа на натпреварите од женскиот ракометен Супер куп кој се одржа во Скопје, а на кој учество зедоа моментално најдобрите четири женски ракометни екипи - "Икаст" од Данска, "Херц Ференцаварош" од Унгарија, "Лада Тољати" од Русија и секако европскиот шампион, македонскиот "Кометал Ѓ. П". Сите четири екипи на македонските вљубеници во спортот им понудија два дена на квалитетен ракомет.

Ракометниот Супер куп како манифестација се одржува по деветти пат, а оваа година честа да го организира ова реномирано натпреварување му припадна на нашиот шампион кој е воедно и европски клупски првак, "Кометал Ѓ.П". Самото определување на домаќинот на годинешниот Супер куп беше одржано со сериозна забелешка на која со години се укажува од сите искрени љубители на спортот - сега и официјално од европската ракометна куќа, а тоа е дека ниту една сала во Скопје не ги исполнува условите за организирање на една таква манифестација. Меѓутоа, организаорот на Купот, Ракометниот клуб "Кометал", успеа да собере сили и со максимални напори да ја нашминка колку што се може салата во спортско-рекреативниот центар Кале. Во една таква реновирана сала се одржа ова мошне значајно натпреварување кое неофицијално го носи и насловот дека е европко клупско првенство затоа што на него учествуваат четирите моментално најдобри екипи. Исто така треба да се истакне дека ова беше и своевиден тест колку Македонија може да организира вакви натпревари, да се види каде можат да се направат пропусти и доколку ги има да не се повторат на натпреварите од европското првенство во ракомет за младинки кое ќе се одржи исто така во Македонија. Токму поради важноста на ова натпреварување можеме да се пофалиме дека целата организација помина беспрекорно со што докажавме дека Македонија може да организира и натпревари од европски ранг.

ПОБЕДНИК

Победник на ова натпреварување е екипата на "Кометал Ѓ.П" која своите витрини ги збогати со уште еден значаен европски трофеј. Воедно ова беше можност да ги видиме на дело новите засилувања на "Кометал" и да ја видиме работата на новиот тренер Леонид Евтушенко. Можеме да кажеме дека и новите засилувања импонираа и задоволија, а посебно управата на "Кометал" може да биде задоволна од новиот стратег Евтушенко кој успеа да дојде до оваа титула без притоа во составот да ги има носителите на играта како Кастратовиќ, Боева, Нацева. Но, и вака "скрпениот" состав на "Кометал" докажа дека во Клубот се работи професионално и дека игра и изгледа моќно дури и во ваков состав. Сигурно дека по ова натпреварување и по тоа што "Кометал" го покажа на ова натпреварување може да се заклучи дека во најсилен состав уште долго ќе биде непобеден во Кале, а секако дека и со респект ќе се дочекува секаде каде гостува. Оваа мошне значајна титула со која само се потврди вредноста и големината на "Кометал" во ракометот на најдобар можен начин ги замолчи сите оние кои пред ова натпреварување предвидуваа дека токму тука и токму сега ќе излезат многу слабости и дека "Кометал" ќе биде поразен.

ГОЛМАНКА

Она што е многу поважно и што треба да го израдува и новиот селектор Куновски е тоа што на ова натпреварување блесна младата голманка на "Кометал", Семра Радончиќ, која влета во последен момент за да го пополни испразнетото голманско место, но со своите одбрани во финалето беше најзаслужна за освоената титула. Тоа треба да претставува дополнителен поттик не само за "Кометал", туку и за другите македонски клубови да вложуваат во млади таленти затоа што тие се иднината на македонскиот ракомет кому многу му се потребни во овој период кога нашата репрезентација се соочува со смена на генерации и ни се заканува реално подолга апстиненција од големите ракометни случувања на репрезентативен план.

"Кометал" сега го очекуваат борбите во Лигата на шампионите каде го брани трофејот освоен минатата натпреварувачка сезона. Тешко е да се дојде до врвот, но уште потешко е да се остане таму. Сите противници на "Кометал" ќе играат против него со посебен респект и со посебен мотив. Токму поради тоа задачата на "Кометал" да го одбрани трофејот кој го освои во ова најсилно женско натпреварување ќе биде многу тешка, особено ако се знае дека во групата на "Кометал" е и екипата на "Лада Тоњат", учесник на овој турнир со девет репрезентативки во својот состав. Меѓутоа, по она што го видовме на овој турнир и поради фактот што во најскоро време се очекуваат да ги залечат повредите стандардните првотимки, со право можеме да се надеваме дека и оваа година "Кометал" ќе дотурка до самиот финиш на Лигата на шампионите.


ШАХ

Надеж за повторен успех

Македонската шаховска експедиција составена од машката и женската шаховска репрезентација учествува на 35-тата шаховска олимпијада која се одржува во Блед - Словенија. Македонските шахисти заминаа со скриена надеж дека е можно да се повтори успехот од минатата Олимпијада кога сензационално го освоивме седмото место и се најдовме веднаш зад светските шаховски велесили. Надежите се потпираат и на тоа што нашиот состав е засилен и со велемајсторите Кирил и Владо Георгиеви што ветува дека може да се освои место кое е блиску до врвот.

Женската репрезентација, пак, отиде на Олимпијадата со поскромни амбиции кои се во рамките на нејзините реални можности, а тоа е пласман околу 35 место.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"