Секои четири години граѓаните на Република Македонија гледаат и слушаат
една иста песна: Промени на промените. Но, какви и да биле, секогаш оставаат
лош впечаток, бидејќи еднаш започнатата промена не ја завршува својата цел.
Таа, без разлика што постигнала задоволителни и позитивни резултати, за
инает на противникот се запира за да наследи друга промена која според
политичарите е подобра и можеби ќе биде поуспешна од стопираната.
Во оваа политичка ујдурма на трансформации, реформи, реорганизации и
други форми на одење по трње, никој не се запрашува дали нашата држава има
толку пари постојано да се занимава со едни те исти промени. Затоа често
пати не фаќа сомнеж дека тие или другите не се способни да ги остварат
стратешките цели кои ќе ни донесат мир и благосостојба за целокупното
општество. Впрочем, нашите политичари и никогаш јавно и толку јасно не се
изразиле дека умеат, знаат за патиштата по кои не водат и за начинот на
остварувањето на македонските национални и државни интереси. Во тој раскол
на македонските политичари лани уживаа албанските терористи, а денес од
позиција на власт ни се смеат. Смеењето продолжува затоа што Македонците си
ги бркаат Македонците - бранители, а на теренот ОНА, ОВК и АРИ не ги
расформираат своите единици, туку ги средуваат и освежуваат своите сили.
НУЖНОСТ
Најсвеж е примерот со судбината на специјалната полициска единица "Лавови"
која сакале или не, со сите девијантни мани, стручни или криминогени
елементи, мора да ја прифатиме како наша реалност. Таа и лани и денес се
уште е дел од структурите на безбедносните сили на Република Македонија.
Како ќе биде трансформирана или како ќе се вика, тоа е друго прашање,
бидејќи мораме да признаеме дека "Лавовите" беа и се бранители на нашата
држава. Единицата беше основана со владина одлука, бидејќи за мошне кратко
време ни беа потребни сили што ќе се спротивстават на растечкиот и се уште
присутен албански тероризам и екстремизам. Во тој команден, раководен и пред
се дволичен политички хаос, кога Македонија одвнатре и однадвор беше на
колена, специјалната полициска единица беше нужност. Таа си ја оправда
својата функција, но нејзините резултати ги засенија поединци кои ја
злоупотребија единицата. Меѓутоа, во услови кога се води вистинска војна,
кога се брани таковината, но и честа и достоинството на македонскиот народ,
нема реска граница меѓу криминалците и патриотите. Сите беа бранители на
Република Македонија. Во тој општ хаос, во кој не се знаеше кој јаде, а кој
пие и кој се богати од товарот на војната, само патриотите беа на првите
борбени линии кај Жилче и Ратае, кај Умин Дол и во Радуша. Преостанатите се
криеја под "Јорган Планина". Затоа, ако оваа едница некому му пречи, не
треба да ги плаши, туку треба да ја зајакне и да ја доостручи и доопреми.
Патот што ќе биде одбран за нејзино трансформирање и професионализирање не е
битен, туку важноста е во стручноста и екипираноста.
ИНТЕРЕСОТ
Ако нам во иднина ни се потребни професионални војници, па дури и
полицајци за влез во НАТО-структурите, тогаш судбината на специјалната
единица "Лавови" не треба да биде доведена во прашање. Фактот што во
единицата има поединци со криминални досиеја не треба да не боли. Тој многу
лесно може да се разреши. Но, што ќе се прави со чесните бранители и
патриоти? Зошто нивната улога да се поистоветува со другите? Ако некој преку
нив сака да се пресмета со политичкиот противник, тогаш работата не е на
арно. Нека се бара виновникот во Парламентот. Истите актери, истите
политичари што не втурнаа во националната омраза, што убиваа и киднапираа
Македонци, се наоѓаат во пратеничките клупи. Впрочем, и "Лавовите" признаа
дека тие имаат многу подебели криминални досиеја од нив, а и подебели конта.
Затоа на полицијата треба да & се одврзат рацете да ги изведе пред лицето на
правдата. Но, мислиме дека токму нив некој ќе ги штити, бидејќи интересот е
заеднички, па макар и тој бил тесно поврзан со политиката.
И досега врските меѓу криминалците и македонските политичари не биле
раскинати, а тие нормално функционираа и за време на војната. Албанци
тргуваа со Македонци, а и едните и другите профитираа од војната. Само кој
загуби? Обичните Македонци и Албанци кои беа вовлечени во една мизерна војна.
Таа не донесе ништо ново. И едните и другите загубија...
ОСАКАТЕНИ
Настаните околу специјалната единица "Лавови" покажа дека проблемот не
лежи во името, кое патем и не е толку битно, бидејќи ако полицијата ги љуби
африканските ѕверови лавови и тигри, тогаш зошто АРМ да не се сконцентрира
на домашниот амбиент, волците и шкорпионите?!
Проблемот е во политиката која многу е инволвирана во функционирањето на
полицијата. Затоа, МВР не може да се зафати со одржување на редот мирот и
безбедноста на граѓаните на РМ. Ако таа успее да се откачи од нејзиниот скут,
тогаш ќе успее да ги поапси сите политичари со криминални досиеја. Вака
работите не мирисаат на добро. Кој стигне прави реформи, ја трансформира, а
не калкулира, односно пресметува колку ќе стави во сопствениот џеб. Затоа
ние никогаш не сме доживеале да добиеме отчет до каде се претходните реформи.
Колку полицијата се професионализира и се остручи, а колку тоа може да го
издржи Буџетот на РМ? Едно се планови и програми, а друго се реалните
состојби во земјава. Тие говорат дека сме осиромашени и осакатени за долго
време.
Прво, ланската војна и лошата безбедносна ситуација не исцрпија. Ја
исцицаа и последната капка крв од државната каса. Второ, целиот ситем е
растурен. Затоа, ако вака лесно се откажуваме и не знаеме што да правиме со
вистинските бранителите, ќе нема кој утре да не брани од терористите. Но,
дали ќе се знае кој ќе не брани... од самите себе!? Само Македонците знаат
да се самоуништуваат. За таа работа во светот ни нема рамни.