Разрешен Ставре Џиков

Собранието на РМ на 12 ноември го разреши Ставре Џиков од функцијата јавен обвинител заради, како што беше потенцирано, нестручно и несовесно работење. Џиков во своја одбрана реагираше на брзината на постапката за разрешување и се бранеше дека судиите и обвинителите не можеле да бидат независни од законодавната и извршната власт, затоа што ниту Владата, ниту Парламентот не го разгледале неговиот предлог да се формира државно-правен совет кој ќе ги бира судиите и обвинителите. Заклучокот на Собранието дека е исполнет условот за разрешување на Џиков ќе се достави до Владата која треба да предложи, а Собранието да се изјасни во врска со владиниот предлог за нов јавен обвинител.

Нови заменици-министри

На седницата одржана на 12 ноември, Парламентот избра заменици-министри во тринаесет од четиринаесетте ресори. Без заменик засега останува само шефицата на дипломатијата Илинка Митрева.

Ризван Сулејмани е заменик-министер за одбрана; Фатмир Дехари е заменик-министер за внатрешни работи; Мери Младеновска - Георгиевска е заменик-министер за правда; Димко Кокароски, заменик-министер за финансии; Џеладин Шатку, заменик-министер за економија; Бесир Јашари, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство; Никола Пановски, заменик-министер за здравство; Тале Герамитџиоски, заменик-министер за образование и наука; Максут Али, заменик-министер за труд и социјална политика; Тања Алтанџиева, заменик-министер за локална самоуправа; Мелпомени Корнети, заменик-министер за култура; Дејан Кошутиќ, заменик-министер за транспорт и врски и Драгољуб Матовски за заменик-министер за животна средина и просторно планирање.

Собранието формира и Комисија за спречување на корупцијата.

Четири обиди за ликвидација на Трајковски

Поранешниот шеф на обезбедувањето на Трајковски, Златко Кескоски, истакна дека под негова команда биле спречени два директни и два индирекни обида за ликвидација на Трајковски. Првиот пат биле спречени полициските резервисти кога сакале да го линчуваат Претседателот по акцијата за извлекување на терористите од селото Арачиново, а вториот пат бил спречен атентат во Софија.

Бошкоски ја испразнил касата на МВР

Новиот министер за внатрешни работи, Хари Костов, како што самиот изјави, во МВР затекнал празен Кабинет, долгови од 880 милиони денари, куп нерешени проблеми, како и обиди за подметнувања уште од првиот ден. Поради катастрофално лошата финансиска состојба во МВР, Костов најави дека државниот ревизор, заедно со Министерството за финансии, ќе спроведат целосна ревизија на финансиското работење и особено на поголемите јавни набавки во МВР во текот на 2002 година.

Албанците незадоволни од албанскиот јазик во Парламентот

Албанците не се задоволни што можат на собраниската говорница да зборуваат на својот мајчин јазик. Тие сметаат дека "соодветно на уставните измени" треба да им се овозможи на малите екрани да се слушаат оригиналните обраќања на тие што ги застапуваат во Парламентот, а не да се емитува симултаниот превод на македонски јазик. Портпаролот на ДУИ, Агрон Буџаку, вели дека во партијата немаат став за тие прашања, но тој лично смета дека би било добро третата програма на МТВ да ги пренесува оригиналните обраќања на пратениците. Во Македонската радио-телевизија велат дека тоа е неизводливо.

НАТО во Македонија и по 15 декември

Владата на РМ донесе одлука за продолжување на меѓународното воено присуство во Македонија и по15 декември годинава, кога завршува мандатот на "Килибарните лисици" во земјава. Како што информираше министерот за одбрана, Владо Бучковски, Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана во координација со претставниците на НАТО и на ЕУ ќе предложат мандат, времетраење, како и броен состав на новата мисија која е извесно дека по 15 декември ќе биде присутна во земјава.

НАТО против филмот "Како убив светец"

Дваесетина припадници на НАТО во саботата го спречиле снимањето на филмот "Како убив светец" на Теона Митевска, бидејќи не им се допаднала сценографијата во која имало натпис на англиски јазик "NATO go home" ("НАТО оди си дома"), воени џипови со ознаки "ТФФ", актери - војници и друго.

Вооружените НАТО-вци се обиделе да ја одземат лентата со снимениот филмски материјал, бидејќи како што изјави претставник на НАТО, се посомневале дека станува збор за криминалци кои се камуфлирале користејќи ги возилата со ознаките "ТФФ".

Откупени 70 функционерски станови

Седумдесет поранешни фунционери од претходната Влада, пред заминување, како што информираше Владо Бучковски, добиле амин да ги откупат службените станови. Бучковски информираше и тоа дека во ЕСМ, во период 01.01.1999 година, па до 05.11.2002 година, е откриено дека има фрапантна бројка од 2.125 нововработени, како и проценка за близу 3.000 вработени со договор за дело. Министерот за земјоделство, најавил постапка за утврдување на одговорноста на директорот на Фондот за земјоделство, Ненад Георгиевски, кој ненаменски ги трошел средствата. По разгледувањето на состојбата во ЈП "Македонски железници", се заклучило од актуелното раководство да се побара во најкус можен рок да се преземат неопходните чекори за да се надмине крајно неповолната положба во "Железници".

Нема тестови за рак на матка

Во лабораторијата на МАНУ во Скопје веќе неколку месеци нема тестови за рано откривање карцином на матка, кое се врши преку типизација на хуман папилома вирусот. Овој вид испитувања се неопходни за најмалку 50 жени неделно кои се упатуваат од Клиниката за гинекологија и акушерство и приватните гинеколошки ординации од целата земја. Ако вирусот, како што објаснува директор на Клиниката за гинекологија и акушерство проф.д-р Јован Тофовски, навреме не се дијагностицира, сосема е извесно дека карциномот ќе се прошири и тогаш нема спас.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"