КОМЕНТАР

Македонски плурализам

КОЧНИЧАРИ

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Соперништвото меѓу Брисел и Вашингтон, меѓу ЕУ и НАТО по нерешените балкански прашања, вклучително и македонското, & наметнува нов предизвик и скокотлив проблем на гарнитурата на Црвенковски од која се чека и одговорот.
  • Претстои работа, а народот набрзо ги чека резултатите. Главната препрека во целиот процес на севкупната стабилизација ќе биде албанскиот политичко-милитантен блок без разлика дали тој е дел на владејачкиот или опозициониот табор.

Светот денес живее во знакот на борба против тероризмот. Тоа е глобалниот интерес на мирољубивите и демократските општествени системи. Опасноста од модерното зло која особено се разви во периодот по Студената војна ги демне сите цивилизациски и плурални режими без исклучок. Во секое зло и добро. Велат, партнерите и сојузниците се бираат по сродноста на проблемите и маката.

Денешната состојба на планетава дава извонредна можност за консолидација на ставовите меѓу суперсилите, но и помалите државотворни субјекти заплиснати од идентичната наезда на кукавички атаци. Избегната е опасноста од класични и конвенционални судири карактеристични до самиот крај на минатиот век што недвосмислено ги анулира претпоставките за водење меѓудржавни војни. За нив е најдена замена - тероризмот, издигнат на највисоко софистицирано ниво, опремен и развиен според суперстандарди. Тешкоуништлив и добро забарикадиран тој влезе во порите на речиси секоја втора држава во светот. Се бори против сите системи кои му стојат на патот без разлика дали ги водат христијани или муслимани.

ТЕРОРИСТИЧКИ ОПШТЕСТВА

Фанатизмот и се поголемиот број негови приврзаници го создаде глобалното обемно движење против фундаментализмот. Аналитичарите секојдневно го поставуваат прашањето: зошто меѓународната коалиција досега не ги даде очекуваните резултати? Зошто американската и руската надворешна политика се уште стојат на различни позиции кога станува збор за борбата против терористичките мрежи? Двојните стандарди и неистородниот пристап кон проблемот доведува до процут на милитантните групации што пак придонесува за нивно длабинско инфилтрирање во виталните елементи на секое општество. Таквиот пристап овозможи денес да зборуваме за т.н. терористички општества во одредени држави на сите континенти. Стојат во сенка, но во огромен дел влијаат врз позицијата на соодветната држава кон меѓународната заедница. Истата таа меѓународна заедница придонела со својата улога за таков облик на државноста за да се амнестира нејзината позиција во процесот за потоа да ја сврти страницата и од новите поставени власти да побара решителни акции против сите облици на тероризам. И сето тоа е во ред, се додека не се види темната страна на проектот, а тоа е дека тероризмот веќе претходно си ја постигнал својата цел под маската за "човеково право", па оттука секоја преземена акција ќе биде излишна и нема да даде којзнае каков резлутат.

Ваква ситуација денес имаме во најмалку десетина држави-членки на Обединетите нации почнувајќи од Босна, преку Авганистан, Југославија, до Македонија. Состојбите можеби не се идентични, но во сите нив се провлекува една заедничка димензија - во почетокот тероризмот се поддржувал и развивал, а по интервенција им бил оставен на марионетските власти да се справуваат со него. Подобро упатените ова би го нарекле нов облик на модерниот колонијализам, односно големите сили ги контролираат немоќните привидни демократски режими преку платените терористички структури. Оној момент кога клонираните мутанти ја загрозуваат позицијата и улогата на нивните создавачи ризикуваат опасност да бидат елиминирани. Тоа барем досега неколкупати се потврдило во современата практика.

Интересна е македонската позицијата во оној турбулентен мозаик на глобални зделки, особено ако се гледа низ призмата на сложената балканска констелација. Само времето и новите луѓе ќе ја потврдат горенаведената анализа дека бевме сегменти на планираниот стратешки западен продор кон источната хемисфера и уште еден случај на т.н. колатерална штета која не значи ништо друго освен позитивен губиток за планерите и стратезите. Сега по трансферот на власта, Македонија влегува во периодот на безбедносна стабилизација која треба да ни ги врати шансите по патот за европска интеграција. Облакот помина? Или само привремено се разведри?

Македонија не беше дел од регионалните заговори за редефинирање на кревките граници, Македонија имаше конструктивна улога и сериозен пристап кон решавањето на крвавите балкански прашања. Сепак, таа остана последна на секоја топ-листа изгласана од центрите на воено-политичката моќ во Вашингтон и Брисел. Ние бевме единствениот случај на кој конструктивноста и позитивистичкиот пристап кон нештата не му се исплати. "Патриотската" реторика на нашите политички лидери радикално ги смени работите. Очите на евродипломатите уште некое време ќе бидат подзамижани кога е во прашање нашата искреност, кооперативност и решителност за фер-соработка. Првиот тест на ова поле за новата "мултиетничка" власт во земјава ќе биде новиот ангажман на лисиците на НАТО во кризните региони ако се има предвид делумно колебливиот став на безбедносните ресори по ова прашање. Соперништвото меѓу Брисел и Вашингтон, меѓу ЕУ и НАТО по нерешените балкански прашања, вклучително и македонското, & наметнува нов предизвик и скокотлив проблем на гарнитурата на Црвенковски од која се чека и одговорот. Требаше и треба претпазливо, консензусот не е доволен. Мора да се надгради, зашто времето од една декада го надмина. Претпазлива е и Европа затоа што овојпат нема да сака во своите нежни раце да држи жешки костени, во никој случај нема да сака да се впушта во нови изрежирани моменти на незадоволните групи и поединци.

По тоа прашање, македонскиот владин кабинет и дипломатите од Брисел имаат слични погледи и ставови. Едноставно, не сакаат повеќе неволји. Но, не се тие кои ќе можат да ги креираат состојбите. На спротивната страна секогаш ќе се изродуваат нови урбани милитанти кои ќе имаат задача да ги туркаат коцките на соживотот и да ја елиминираат кревката стабилност на пошироките простори. Ако меѓународниот фактор не е решен да влезе во конфронтација со малубројниот радикален корпус на заговорниците за големи држави, ако новата македонска власт акцентот на решавањето на проблемот има намера да го стави на дипломатијата, а не на воената разврска, како ќе се неутрализираат формациите на новоформираните одреди? Политичарите од едната и другата страна би рекле: со доследна имплементација на охридскиот Рамковен договор. Добро, но што со оние радикални компоненти и политички истомисленици кои отфрлаат секаков нов проект на македонскиот Устав кој предвидува соживот и јакнење на мултиетничкото општество.

"КАБИНЕТ ОД СОНИШТАТА"?

Кој е моделот и начинот со кој тие ќе се "опаметат"? Дипломатијата? Демократскиот пристап? Се сомневам. Тоа се термини и модели од кои генераторите на кризи се одамна оперирани. Посредништвото на странскиот фактор не дал досега позитивни ефекти по македонската државност, бидејќи тој секогаш стоел меѓу "две еднакви страни", иако едната била официјална и призната, а другата разбојничка и осудувана. Непрофесионално и погубно за меѓународната заедница би била уште една авантура на некакво посредништво за проблемите од понизок безбедносен и институционален ранг. Со тоа ќе се омаловажи и потцени спсобноста на кабинетот на Црвенковски и ќе се создаде поинаква слика кај јавното мислење кое бегаше од марионетските потези на некои политиканти и бараше спас од преголемата доза на учество на Европејците и Американците во внатрешната политика на државата.

Црвенковски ги има сите основни предуслови решително и сам без какви било стројници да се справува со напластените институционални и безбедносни пробелми. Волја за тоа има, барем според реториката на неговите ресорни избраници. Претстои работа, а народот набрзо ги чека резултатите. Главната препрека во целиот процес на севкупната стабилизација ќе биде албанскиот политичко-милитантен блок без разлика дали тој е дел на владејачкиот или опозициониот табор. Менувањето на нивните улоги практично не носи ништо позитивно во решавањето на проблемот на народното незадоволство. Тенденциозниот, неизбалансиран и недемократски пристап кон проблемите е дел од албанското политичко милје кое неминовно ќе биде составен дел од активностите и во рамките на, како што некои го нарекуваат "кабинетот од соништата" на Црвенковски. Најавата за формирање власт која треба да ги редуцира несогласувањата меѓу ресорните министри е вовед во уште еден излет од нормалниот тек на одлучување. Поставувањето на неофицијални надоргани со поголемо формално значење од извршната власт кои треба да ги обликуваат конечните решенија доставени до владините институции ќе ги усложни, ќе ги забави работите и ќе ја намали важноста на највисоките институции во државата. Советот треба да ги елиминира кочниците кои ќе ги одолговлекуваат конечните решенија и тука нема ништо спорно, но од друга страна разликуваме сериозна деградација на и онака деградираните институции во системот.

Последниве две години покажаа колку државните органи потклекнаа под пресијата на условно речено параорганите формирани од партиските моќници од обата етникума. Моќта на законодавниот дом се претопи во незначителна сила која само ги верификуваше решенијата на неофицијалните и вештачки создадени тимови на партиите. Следуваше поигрување со функцијата претседател на државата која во крајност беше во расчекор со уставните надлежности и овластувања. И сето тоа било во знакот на што побрза стабилизација на земјата. Да, но надвор од законските рамки донесени од истите лица - прекршители на тие одредби. Многу логично се поставува прашањето: дали новонајавениот совет на отплеткување на замрсените преговори значи само продолжување на курсот на запоставување на релевантните и легални установи во државата и дали институциите ги ставаме во улога на заложници на нечии теснопартиски и тесноперсонални интереси? Многу е веројатно дека за секоја ситна и незначителна работа ќе дојде до парализација на соодветниот владин ресор, а преку него и на целата влада. И се разбира парализацијата ќе потрае се додека не се активира неофицијалниот совет кој треба да понуди конечно компромисно решение.

Оттука, надредната позиција е очигледна. Стручно и експертски треба со сериозен пристап да им го одредиме местото и улогата на институциите кои некогаш нешто значеа. Дали ќе бидат она што треба да бидат или само класични механички извршители на налогодавците?! Дали е на повидок нов преседан?! Кочничарите веќе ги активираа кочниците.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"