ИНТЕРВЈУ

Д-р Љубомир Цуцуловски, професор на Филозофскиот факултет во Скопје

МАКЕДОНИЈА СТАНА СОЈУЗ НА ПЛЕМИЊА

Разговарала: Жаклина МИТЕВСКА

  • Како може некоја коалиција да биде гарант на мирот и стабилноста во државава, ако е составена од луѓе кои до скоро пукаа и ги убиваа македонските граѓани? Како може да им се верува на луѓе чија мета беа македонски државни безбедносни сили и сите државни институции?
  • Според мене, прашањето за името станува се повеќе беспредметно. Имено, како што почнале работите да се одвиваат, прашање е дали наскоро ќе постои нешто што ќе треба да се именува. Колку што можам да видам, Република Македонија како држава систематски се разградува и еден ден може да се случи да сфатиме дека веќе и не постои нешто што би можело да се именува.

МС: Господине Цуцуловски, кое е Вашето гледиште за систематизацијата на високото образование, за работата на Штуловиот универзитет, но и на такви колеџи од типот на ММ колеџот, како и скандалот со фалсификувани дипломи?

ЦУЦУЛОВСКИ: Скандалозно е што и по две години од донесувањето на Законот за високото образование тој не заживеал. Значи, се работи сосема волонтаристички, онака како што ќе му текне на одреден министер. Во таква ситуација, високообразовниот систем почнува да се разградува и наместо него настапува несистемот. Тоа е добро за оние кои сакаат да се движат во матно, од никого невидени. За Штуловиот универзитет го мислам она што го мислам за секоја вештачка и наметната творба, како и за секој етнички универзитет кој се маскира како граѓански универзитет. Понатаму, нејасно ми е како е можен приватен универзитет кој е финансиран од странски влади? За колеџот ММ немам некое одредено мислење, бидејќи тој, колку што знам, се уште не е регистриран. Во таа смисла, тој не постои. Според тоа, како е можно да се има одредено мислење за она што го нема, што не постои? Фалсификуваните дипломи се работа на органите на прогон. Тоа не е проблем за еден универзитетски професор, бидејќи универзитетските луѓе се занимаваат со работи од науката, а не од областа на криминалот.

ПРАЗНИ ВЕТУВАЊА

МС: Новата Влада на Р. Македонија е веќе формирана. И покрај најавите дека во неа нема да има место за оние терористи кои ги окрвавиле рацете во текот на минатогодишната војна, тие влегоа и во извршната и во законодавната власт. Како ја толкувате изјавата на премиерот Црвенковски дека оваа Коалиција со ДУИ, односно поранешната ОНА, се прави во интерес на мирот и стабилноста?

ЦУЦУЛОВСКИ: Досега од Бранко Црвенковски се чуло се и сешто и од сето тоа што се чуло ништо не се случило. Што се случи, на пример, со неговите ветувања поврзани со аферата ТАТ, како и со храброто "ветување" дека "октоподот" ќе бил уништен? Можат да се наведуваат уште многу вакви примери, кои само би ја потврдиле претходната констатација - дека освен празни ветувања за него не постои ништо друго. Понатаму, како може некоја коалиција да биде гарант на мирот и стабилноста во државава, ако е составена од луѓе кои доскоро пукаа и ги убиваа македонските граѓани? Како може да им се верува на луѓе чија мета беа македонски државни безбедносни сили и сите државни институции? Дури повеќе, овие луѓе можеби не пукаа, но овие луѓе издаваа наредби да се пука. Тоа е пострашно, бидејќи во Нирнберг на обвинителните клупи не седеа извршителите, туку наредбодавачите кои, патем, беа и обесени. Понатаму, како е можно гарант на иднината и на демократијата во која било држава, вклучувајќи ја и Република Македонија, да бидат луѓе без формирано образование, растени по туѓи држави и заинтересирани за туѓи интереси? Воедно, прашање е колку од овие луѓе имаат македонско државјанство и, ако го имаат, на кој начин го стекнале. Според тоа, ова е само уште еден блеф, уште една празна фраза во низата поранешни фрази на господинот Бранко Црвенковски. Воедно, неговото тврдење дека оваа влада ќе обезбеди мирни и хармонични меѓуетнички односи, релаксирани од многу тензии, според својата суштина е истоветна со тврдењата на Љубчо Георгиевски и на Арбен Џафери дека нивната Влада успеала сосема да ги релаксира меѓуетничките конфликти. Како сето тоа заврши го знае секој граѓанин на оваа држава. Меѓутоа, сметам дека коалицијата помеѓу СДСМ и ДУИ ќе биде уште пострашна од претходната, бидејќи во претходната, барем во формална смисла, не седеа оние кои командуваа со туѓи и непријателски сили кои разбиваа и палеа се што е македонско: македонски куќи, македонски ниви и цркви, македонски луѓе.

Воедно, чувствувам потреба да нагласам дека кај нас веќе не постои партиска влада, туку дека постои етничка влада. Во конкретниов случај, постои двонационална влада. Ќе се обидам ова да го појаснам. Владината коалиција не е составена од оние партии кои добија најголем број гласови помеѓу граѓаните, туку таа е составена од оние партии кои добија најголем број гласови помеѓу своите етнички заедници. Тоа значи дека наместо да се решаваат битно политички прашања (економија, невработеност, социјални прашања, проблеми во образованието и здравството), ќе се решаваат етнички прашања, како што се прашањата за државните симболи, за правата на етничките заедници итн. На тој начин, наместо Република Македонија да биде заедница на нејзините граѓани, станува сојуз на племиња. Објективно, тоа значи враќање на една предполитичка состојба. Тоа, пак, значи уште еден прилог кон дестабилизација на унитарниот карактер на државава, бидејќи таа почнува да се гради како конгломерат од различни етнички заедници кои наместо да се грижат за општите интереси на државата, ќе се грижат за сопствените етнички интереси. Ова е уште еден аргумент повеќе зошто сметам дека тврдењето на Бранко Црвенковски за стабилизирачкиот карактер на оваа Влада, која е сосема неприродно составена, е само уште една негова фраза покрај другите негови фрази.

МС: Екс-премиерот Георгиевски во говорот пред законодавниот Дом, по повод формирањето на новата извршна власт, Владата ја нарече "влада на теророт" и им се извини на граѓаните за тоа што застанал зад кандидатурата на претседателот Трајковски. Дали, според Вас, ова е задоцнета реакција од негова страна?

ЦУЦУЛОВСКИ: На македонскиот народ му е доста од луѓе кои дополнително "стекнуваат" свест и се "освестуваат" за своите претходно сторени грешки. Љубчо Георгиевски не само што стоеше зад кандидатурата на Трајковски, туку тој директно го предложи, бидејќи тогашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ не беше некој дојденец од Марс или од Уран, туку токму тој, господинот Љубчо Георгиевски. Понатаму, зарем не ги премолча сите насилства што се случуваа за време на претседателските избори од 1999 година? И сега, токму тој, почнува да се прашува од каде на чело на државата се наоѓа овој несмасен човек, кој освен за бесмислено смешкање, како и за безцелно врткање околу себе, не знае за ништо друго. Додуша, знае и за уште нешто друго: слугински да се однесува кон се што ќе му дојде од "меѓународната заедница", како да е нејзин, а не македонски претседател.

МС: Препукувањата меѓу СДСМ и партијата на екс-премиерот Георгиевски веќе започнаа. ВМРО-ДПМНЕ најави бојкот на седниците во Парламентот до крајот на оваа година и уште на почетокот се промовира како силна опозиција. Дали ова ќе биде доволен мотив власта при донесувањето на важни одлуки добро да размисли, бидејќи секој нивен чекор ќе биде жестоко критикуван од опозицијата?

ЦУЦУЛОВСКИ: На овие луѓе им е сосема сеедно што граѓаните на Република Македонија мислат за нив. За нив е битно само да ги остварат своите цели, па макар цената било нивното достоинство (кое, патем, некогаш и некаде го загубиле), како и самата држава. Токму господинот Бранко Црвенковски и неговата партија тврдеа дека не е можен никаков дијалог, а уште помалку соработка со оние кои вооружено атакуваа врз безбедноста на Република Македонија, кои го рушеа нејзиниот територијален интегритет, кои издаваа наредби да се пали и убива секаде каде што ќе се стигне и каде што ќе се може. А сега, токму сега, тие се во хармонична коалиција со дојденците и платениците, со криминалците со дрога и човечки тела. Зарем од ваквите луѓе може да се очекува дека ќе водат сметка за мислењето на опозицијата, кога претходно ги погазија сите свои ветувања и програмски определби што ги дадоа пред своите избирачи и за кои, патем кажано, токму противничкиот претседателски кандидат за државата стана вистинскиот претседател на државата?

МС: Претседателот Трајковски формира нов тим кој ќе ги води преговорите со Р. Грција за разликите околу името. Според шпекулациите кои кружат во јавноста, наскоро се очекува на масата во ООН да се постави првпат нашиот предлог за употреба на двојната формула - меѓународната заедница да & се обраќа на нашата земја со уставното име Република Македонија, а со Грција да се бара прифатливо име за билатерална комуникација. Дали е тоа најдобро решение за нас?

ЦУЦУЛОВСКИ: Според мене, прашањето за името станува се повеќе беспредметно. Имено, како што почнале работите да се одвиваат, прашање е дали наскоро ќе постои нешто што ќе треба да се именува. Колку што можам да видам, Република Македонија како држава систематски се разградува и еден ден може да се случи да сфатиме дека веќе и не постои нешто што би можело да се именува. Затоа, сметам дека далеку побитно е да се сочува државата отколку името. Во крајна линија, Република Македонија е Република Македонија, сеедно дали тоа некој го прифаќа или не. Кој не го прифаќа тој факт, добар му пат, вклучувајќи ги во нив и оние креатури од "експертскиот" тим на необичната човечка фигура позната како Борис Трајковски.

ПАРАДРЖАВНИ ТЕЛА

МС: Безбедносната ситуација во државава е далеку од стабилна, а згора на тоа секојдневно ни се случуваат инциденти. Дали се уште постои опасност да ни се повтори минатогодишното крваво сценарио?

ЦУЦУЛОВСКИ: Секако дека постои, бидејќи не станува збор за краткорочен Проект, туку за Проект кој систематски се провлекува низ три века, почнувајќи од формирањето на Призренската лига во 19 век, па се до денес кога го зема својот најголем замав. Од друга страна, остварувањето на оваа монструозна идеја во значајна мерка е потпомогнато од македонските власти, особено од оние кои со државава управуваат од нејзиното осамостојување во 1990 година. Македонските безбедносни сили се распуштаат, секојдневно се омаловажуваат, инцидентите што некои од нивните припадници ќе ги направат се прогласуваат за пострашни од оние на терористите и агресорите. Притоа, тапоглаво се размислува да се уништи и она малку оружје со кое располага Државава, бидејќи велат не било сообразно на она од НАТО. Ако останеме и без ова оружје (мислам на авионите од типот "сухој", хелихоптерите МИ-24, тенковите...) буквално ќе бидеме повторно препуштени на милоста, односно на немилоста на оние кои убиваа и кои и натаму убиваат во оваа држава. Од друга страна, токму тие се легализираат, влегуваат во регуларните институции, како и во воените и полициски единици. Значи, и понатаму се вооружуваат и обучуваат и тоа на државна сметка. Сетете се само кои луѓе беа обучувани во Идризово, под будното внимание на Џејмс Пердју.

МС: Лидерите на партиите на македонските Албанци бараат преиспитување на договорот за разграничување потпишан меѓу владите на Македонија и Југославија. Тие освен што ја поддржуваат независноста на Косово, бараат и ново македонско државно знаме. За македонските политичари прашањето со границата е затворено, а портпаролот на СДСМ, Јани Макрадули, изјави дека изгледот на државното знаме е апсолвирано прашање и за тоа не може повеќе да се разговара. Постои ли можност, во интерес на некаков привиден мир, и опстојување на Коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ, Македонија да го смени државното знаме?

ЦУЦУЛОВСКИ: Несомнено. Доволно е само да се потсетиме кој го смени државното знаме - и тоа непосредно по атентатот врз претседателот Киро Глигоров - како и на фактот кој се согласи со промената како на уставното име, така и на самиот Устав. Ако сето тоа го направија во период на мир, може само да се замисли на што се ќе се согласат ако повторно им се заканат со оружје. Оние Македонци кои го потпишаа охридскиот Договор се подготвени на се. Од нив, едноставно, не може ништо добро и доследно да се очекува.

МС: Во јавноста се појави шпекулација за формирање на некаков "Совет на партнерство" во кој би учествувал и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Иако од СДСМ и ЛДП демантираат, според весниците на албански јазик во тој совет би требало да се решаваат евентуалните несогласувања на коалициските партнери за прашања за кои не би можел да се постигне договор низ институциите на системот (изгледот на пасошите, високото образование на албански јазик итн.). Ваш коментар?

ЦУЦУЛОВСКИ: Во Македонија веќе одамна проблемите се решаваат надвор од легалните државни институции. Одлуките се донесуваат од неформални и ад хок формирани тела. Тоа значи дека се суспендираат државните институции што значи дека се суспендира самата држава и дека на нејзино место се поставуваат некакви наддржавни или што е уште поточно, парадржавни тела. Таков беше случајот со потписниците на Охридскиот договор, бидејќи ниту во Уставот, ниту во кој било закон беше предвидено постоењето на таква група која ќе го има правото да потпишува одлуки со такво историско значење. Едноставно, работите сега се дојдени до таму што државата е тука само да го легализира она што некои нелегални групи го донеле како свој заклучок. Така, Владата и Парламентот се инструментализираат и се преобразуваат во декор на овие парадржавни групи. Според тоа, не гледам никаква причина да не се продолжи со оваа практика, особено затоа што: оној кој еднаш капитулирал и понатаму ќе продолжи да капитулира и, второ, тоа на посреден начин го потврди и Радмила Шекеринска, вечната скојевка и млада дама, која за ТВ "Телма" рече дека тоа било само идеја за која се размислува. Искуството, пак, покажува дека штом некој кај нас почне за нешто да размислува, тоа нешто е веќе одлучено и дека само останува да се причека денот кога тоа ќе биде обелоденето.

МС: Македонските училишта во кризните региони почнаа да добиваат албански имиња. Таков беше случајот и со Основното училиште "Даме Груев" од село Шемшево, кое Албанците го сменија во "Јумни Јунузи". По протестите на шемшевци, премиерот Црвенковски вети враќање на името на ова училиште. Според Вас, каде е решението на овој проблем и дали ова е само уште еден од многубројните начини за етничко чистење на Македонците од кризните региони? Колку политиката е длабоко инволвирана во образованието?

ЦУЦУЛОВСКИ: Оваа етничка поларизација е сосема нормална со оглед на она што претходно го реков. Ако државата се гради по етничко-племенски принцип, не можете да очекувате нејзините граѓани да се однесуваат поинаку. Така, племињата почнуваат да трагаат по своите етнички простори, истиснувајќи ги од нив сите кои не се од иста етничка припадност. Почнува, со други зборови, да се случуваат етнички чистки над Македонците. Македонците повторно се бегалци, но сега во сопствената држава. Ако некако и можеше да се разбере фактот што претходно, во досегашната историја, Македонците беа бегалци во Грција, Бугарија и Албанија, сега станува крајно неразбирливо како е можно да бидат бегалци и туѓинци во сопствената држава. Токму ова е најголемиот грев на досегашниве власти.

МС: Политичарите во државава веќе одамна преку злоупотреба на децата практикуваат да си ги остварат своите цели, односно ширење на меѓуетничката омраза и нетрпеливост. Како гледате на средношколските протести и секојдневните тепачки помеѓу македонските и албанските ученици?

ЦУЦУЛОВСКИ: Недозволиво е да се става знак на еднаквост помеѓу акциите на злосторниците и реакциите на жртвите. Недозволиво е нацизмот и фашизмот на едните да се разгледува на исто ниво со реакцијата на македонските средношколци, па макар и не била најсреќно избрана. Не смее да се заборави дека не беа убивани и ранувани од огнено оружје албански малолетници, туку деца Македонци. Но, се направи токму тоа. Се потисна во заден план убиството на Ванчо Јосифоски, ранувањето на повеќе македонски деца, нивното претепување по улиците или пред училишните дворови, како што се потисна и неможноста безбедно да седат во своите училишта. Откако се случи тоа, господинот Ристо Пенов отиде да посети еден од претепаните немакедонци изјавувајќи притоа, без око да му трепне, дека не знаел за ранувањето на едно Македонче (во двете нозе) и тоа токму во Чаир. Надобудните и "граѓански" ориентираните медиуми почнаа да објавуваат репортажи за претепаните Албанчиња, да разговараат со нивните родители и пријатели, објавувајќи го сето тоа на своте ударни места. Се заборавија ранетите и убиени Македончиња, како што се заборавија (или намерно се потиснаа) еднонационалните масовни "труења" на Албанците, на тој невиден спектакл под небото на Македонија. Понатаму, од овие умно-умни глави, од овие "конструктивни демократи", средношколците беа проглесени за политички изманипуларини, заборавајќи дека такво нешто токму и ним, на самите новинари, може да им се припише за нивните оправдани протести против притисоците што се вршеа над нив. Или, можеби, едните имаат право на протести, а други тоа право го немаат? Некои отидоа дури дотаму што мотивите на средношколците ги сведоа на сосема вулгарно ниво: демонстрирале, бидејќи сакале да избегаат од часови. Значи, забушавале! Значи ли тоа дека и стечајците, како и невработените, гладните и страдните за правда и елементарно внимание, излегуваат на улица колку да не работат? Онака, сакајќи да забушат. До вакви монструозни идеи за средношколските протести можат да дојдат само оние глави кои ништо во својот живот не почувствувале, на кои секогаш се им било дадено. Тоа се слуги, кои во секого гледаат слуга, бидејќи за слугата само слуги постојат. Но, она што посебно ме загрижува е сознанието дека речиси ниту еден интелектуалец сериозно не си го постави прашањето: зошто младите протестираат? Или, барем следново прашање: може ли да се манипулира со среќни и задоволни суштества? На тој начин, почна да се удира по самарот, а на магарињата им се дозволи и понатаму со сите нас да се магарчат. Потоа, велат, тоа било демократија со достоинствен вид. 


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"