ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

ИСАФ

Гог ма Гог

Сте ја чуле сигурно оваа композиција од умни, предупредувачки зборови: "... Да се немало ИСАФ, да видел Господ!".

Исаф е библиски збор, и без разлика што има само четири букви, упатува на "четириесет пораки" да ги чуе царот кога нема исаф кон народот, и овчарот кога нема исаф кон овците. Некогаш во многудетните фамилии, на заедничката софра некој ќе заграбаше се, а некој ништо, тогаш обично мајката ќе го предупредеше лакомиот: "Имај исаф кон другите браќа и сестри!".

Или во турско, српско, бугарско и арнаутско кога ќе им суделе натчинетите на потчинетите, некој близок од потчинетите, пред да биде изречена пресудата, ќе викнел да го слушнат потчинетите: "Исаф имајте!". Тоа значело, немојте - сто и една!

Деновиве кога како гласноговорник на новата власт, министерот Бучковски излезе да соопшти веќе одамна соопштено, за пустошот на старата власт во министерствата, пријателски прокоментираа: Па, овие немале исаф!? Дали е исаф - мерка?

Опашките на власта се секогаш без - исаф... Тракторите во Велес, лубениците во Струмица се само ситница во споредба со невидениот пустош кого допрва ќе ни го извадат од корпата за валкана преслека. Не може повеќе да се освојува власта и да се доаѓа на власт во Македонија за да се краде. Затоа нешто треба да се стори во освојувањето на моралот, а не на власта, оти кај да е, и што да е, не ни бега - револуција. Ние можеме колку сакаме да ги менуваме политичките партии на власт, и да ги симнуваме премиерите, но вистинското прашање е како да воспоставиме нови, односно поинакви од овие постоечките - криминалниве!?

Она момче од полицијата, Верушевски, добро направи тоа што направи: да го врати едниот од двата стана. Но, ние знаеме да запреме тука и да си ги "измиеме" рацете, што ќе биде еден од најтешките гревови на целата нација, оти многу сапун ни треба да ги симнеме валканиците.

И не треба од тоа да правиме драма. Уредувањето на становите и куќите на "чисти понеделник" домаќините го прават тивко и долго. И државата треба така да се - одржува!

Крадењето крај нема, и нечистотијата мириса. Премногу сум потпрен на старата, добра македонска традиција и не кријам дека оттаму црпам и снага и разум. Се сеќавам на еден итар селанец кога им велеше на младите: Не лакомете премногу, оти на оној свет ништо не ќе можете да однесете, освен тоа што другите ќе ви облечат!!!

Замислите ја Македонија - држава во која на власт се доаѓа само за да се украде? Пак кај ќе ни биде крајот! Господе, можеме ли во Гинисовата книга да влеземе токму со најголем арамилак и да ја потемниме славата на Александар Македонски кој при освојувањето не само што не им земал на освоените, туку им давал.

Апсурд до апсруд. Кај нас и денес мајката ќе ти ја расплачат ако кажеш некој лош збор за лидерот на партијата, а ако украдеш блазеси ти!?

Чекајте! А, ако грешам? Ако сум само опседнат од гревот на крадењето, како што е опседната целата нација? Простете, извинете... Можеби имате право. Кажете ми која мечка затвориле за кражба?

Во затворите се некои врапчиња, и тоа - наврнати. Да ти е "грев" да ги гледаш... Тоа ти се вели држава по мерка на Платон или ако сакате, држава со луѓе без - исаф!


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"