ПОЛИТИКА

Инциденти, албанска мафија и најави за дестабилизација - дневна црна хроника ја тресе Македонија

КАПОНЕ МЕЃУ ФУНДАМЕНТАЛИЗМОТ И КАЛИМЕРО

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Лидерот на ДПА, Арбен Џафери, смета дека останувањето на Косово во рамките на Србија "ќе ја дестабилизира Македонија". Со други зборови Албанците се поврзани како "споени крвни садови" кога се во прашање нивните идеали и опсесии.
  • Албанската мафија станува доминантна во Велика Британија, а во Тетовско нивните колеги ноќе пред кафе-баровите вежбаат сцени од "Пресметки меѓу бандите на чикашкото подземје".

И клекнувањето на колена, за жал, не беше доволно за да се смират страстите во Република Македонија и да се закопаат засекогаш воените секири. Инцидентите и понатаму се секојдневие. По убиството на Ванчо Јосифовски само поради тоа што играл баскет, репертоарот на црната хроника не сопира, туку се редат и убиства на полицајци од резервниот состав, постојани пукотници, бомби кашикари, престрелки и што ли уште не како дел на македонското катадневие.

Албанците се на нозе кога станува збор за независност на Косово

Секоја чест за оние кои успеваат да бидат главни дури во британското подземје, а поздрав за нашите "способни" политичари кои не доведоа до дереџе на една "рамка" и до слушалки во највисокиот законодавен дом во државава.

Не ни се виновни ни САД, ни ЕУ, ни НАТО, ни ОБСЕ ни илјада други странски монитори и бабини деветини за ова денешново! Нормално дека ќе ни се смејат луѓето кога за да го исчистиме сопствениот дом бараме мислење, дозвола од нив. Какви домаќини сме ние кога дозволуваме секој да ни дотура мирудии во манџата. Има ли чаре?

Има ли фајде од држава на безредие и беззаконие кое сега ни "Волшебникот од Оз" не би можел да ги исправи работите и веќе сторените грешки? Дали единствено излезот е во некоја ветена земја преку барата, па преку бегството да побегнеме од наталожените проблеми, оставајќи ги на некој друг да ги реши? А, таму во западниот дел на оспоруваната за сопственото име -Република Македонија, токму Македонците од ден на ден се претвораат во се помало малцинство кое еден ден за да преживее ќе мора да зборува албански и да заборави дека живеело во Македонија! Реализам или песимизам во зголемена доза?

ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА?

А, во нашето северно соседство Албанците повторно се на потег.

Косово ќе прогласи независност ако во новиот устав на Србија и Црна Гора таа покраина биде третирана како дел од Србија, изјави во Брисел премиерот на привремената косовска влада, Бајрам Реџепи.

Но, освен заканата за независност, Албанците од Косово ја оспоруваат границата со Македонија. Браќата на Косово ги поддржува и лидерот на опозиционерската ДПА - Арбен Џафери според кого во случај Косово да остане во рамките на Србија тоа ќе ја "дестабилизира" и нашата држава. Според администраторот Михаел Штајнер, вклучувањето на Косово во новиот устав како дел од Србија "не е среќен потег", а за статусот на покраината одлучува Резолуцијата 1244. Бајрам Реџепи за односите со Македонија смета дека најголемиот проблем е со границата која според него треба да се реши без тензии, во директен контакт меѓу Косово и УНМИК, но без учество на Југославија.

Колку жртви и колку солзи се потребни за конечен мир во Македонија?

За демаркација на границата треба да разговараме како соседи. Може со договор да се смени и мал дел од територијата без никакви проблеми, изјави Реџепи.

Нам, сепак, ни останува нејасно на каков тоа мал дел од територијата алудира Реџепи и дали навистина нема да искрснат проблеми околу тоа.

ФУНДАМЕНТАЛИЗАМ

Која и каква е целта, може само да се претпоставува, но едно станува јасно - "фундаменталистичката мода" наголемо тропа во Тетово. Токму во време на нов милениум наместо чекор напред во модернизација, осовременување, пошироки сфаќања и поголема либералност особено на жените, некои се сетиле повторно да ги актуелизираат шамиите кај девојките и брадите кај момчињата. Имено, пред извесно време неколку асоцијации и здруженија, меѓу кои "Исламски младински форум", "Мерхамед", "Ислам и наука" и Здружението на жените на Македонија до директорот на тетовската гимназија доставиле барање со печати на овие здруженија и асоцијации, да се дозволи ученичките во албанските паралелки да можат да носат шамии, а учениците мали бради. Гимназијата, исто така, била преплавена со летоци со вакви барања до учениците и ученичките. Освен тоа, веронауката кај третоодделенците нашироко е прифатена кај Албанците. Но, не е само кај нив и не е од вчера! Додека третоодделенци - Македонци кои посетуваат веронаука има вкупно 452, бројката кај Албанчињата од трето одделение е 4.793 ученици според податоците од "Бирото за развој". Посебен коментар не е потребен.

Протерани, киднапирани, деградирани - Македонците од западниот дел на државава

Двајца средношколци од кумановското училиште "Наим Фрашери" сакале да проверат дали "магнумот" пука посилно од петардите и истрелале неколку куршуми во воздухот. Локалната полиција била спречена да ги приведе револверашите, бидејќи наставниците и учениците ја блокирале улицата.

Во Средното економско училиште во Тетово учениците - Албанци ја бојкотираат наставата со барање да се ослободи нивниот соученик Фадил Ферати кој веќе неколку месеци е во притвор под сомнение дека е еден од мачителите на градежните работници од "Маврово". Средношколците - Македонци од Тетово за разлика од своите врсници - Албанци, својот револт за грозоморното убиство на нивниот соученик Ванчо Јосифоски го искажаа само со еднодневен мирен протест во знак на револт. Мајките од Тетово своите солзи и барањето за сопирање на насилствата заедно со фотографии со убиениот Ванчо ги упатија до многу еминентни домашни и странски личности. Болката, очајот, тагата на мајката на Ванчо е неизлечива, а стравот останува да ги демне и срцата на другите мајки од Тетово.

БИСТИ

На сред село чешма шарена и токму тоа се случи во центарот на Тетово, конкретно пред Домот на културата "Иљо Антески - Смок" преку ноќ никна биста на еден албански поет - Наим Фрашери.

Имињата на училиштата масовно се прекрстуваат. Проблемот во Шемшево се повеќе се замрсува, а не е поарно ни со тетовската гимназија, училиштето во Теарце и така натаму. Околу 200 ученици - Македонци од тетовската Општина Јегуновце скоро три месеци ја бојкотираа наставата во основното училиште во Шемшево, затоа што локалното албанско население незаконски го смени името на училиштето од "Даме Груев" во "Јумни Јунузи" и постави негова биста во училишниот двор.

Без премиерот Бранко Црвенковски и без консултации со другите министерства не може да се реши проблемот со училиштето во Шемшево, им рекол Азис Положани, министер за образование на родителите на учениците - Македонци од ОУ "Даме Груев" од Шемшево. Според Муса Џафери, министер без ресор од ДУИ, проблемот може да се реши ако училиштето добие ново име кое ќе биде прифатливо и за Македонците и за Албанците.

Премиерот Црвенковски, пак, на родителите им вети дека ОУ "Даме Груев" нема да го смени името, туку ќе му биде вратена старата двојазична табла. Од училишниот двор ќе биде отстранета бистата на контроверзниот "Јумни Јунузи", а низ селото 24 часа ќе патролира мешан состав на полицијата. Со поддршка на министерот Положани договорено е директор на училиштето да биде од албанската етничка припадност, но задолжително на работа да се врати протераната секретарка - Македонка.

МАФИЈА

Според најновите извештаи на Скотланд Јард и на Интерпол, албанската мафија станала доминантна во британското подземје. Албанските криминалци се опишани како насилни, смели, снаодливи и добро вооружени. Како што пишува весникот "Тајмс", албанската мафија е водечка во "бизнисот со проституција", а во скоро ќе завладее и со илегалниот пазар за трговија со наркотици. Италијанската и руската мафија за скоро време ќе можат вода да им носат на своите колеги - Албанци. Токму од таквите структури се влеваат најголемите средства за реализирање на албанската кауза. Токму, пак, од тие средства се поткупуваат важни политичари, новинари, дури и медиуми кои работат за реализирање на една голема идеја. Албанското лоби станува мошне силно и влијателно во светски рамки. Колку и кои само луѓе се на списокот на албанската мафија? За жал, зелените банкноти го вртат светот, а некои луѓе се купуваат полесно отколку пар чевли од "Шутка"!

Пред извесно време група маскирани лица се обиделе да киднапираат девојки - странски државјанки кои работеле како танчарки во тетовското село Боговиње, но биле ослободени под непознати околности од нивниот газда. Според полициски сознанија, исти криминални мотиви - трговија со жени или расправија во врска со тоа биле причина за друг инцидент во кафе-барот "Долар" во тетовското село Камењане. Неофицијално, исти биле мотивите за неодамнешните ноќни претрелки пред неколку ноќни барови во Тетово.

Патиштата во западна Македонија во вечерните часови, со првото смрачување стануваат "зона на самракот". Реинкарнацијата на фамозниот Ал Капоне и неговата фамилија е повторно на теренот. На нашите политичари слушалките им отежнале на главата на собраниските седници во Парламентот и под заканувачкиот "биг бос" од Западот личат на малку подзаборавениот цртан филм "калимеро нема правда".


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"