ВОЈНА

ОНА - Терористичка паравојска во Македонија (5)

МАКЕДОНИЈА - УШТЕ ЕДНА ФАРСИЧНА АМЕРИКАНСКА НАФТЕНА ВОЈНА

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Американските трупи довеле 15 автобуси, три камиони, три амбулантни коли и 16 ХУМВЕЕС за операцијата (во Арачиново) во која албанските бунтовници се префрлени во безбедното Косово кое е под окупација на НАТО.
  • "Последните два дена беа ужасни. Албанците го зазедоа половина Тетово и 80 отсто на селата околу Тетово. Има значаен број мртви и ранети цивили кои ги бркаат од нивните домови" - изјавил анонимен очевидец.

Големоамериканските ам-биции и интереси од секогаш фрлале око на најпроклетото парче земја во Европа, Балканот. Унитарноста на Балканот и посебно на поранешните ју-републики претставувала трн во окото на секоја нова американска администрација. Обидувајќи се да ја променат геополитичката ситуација на овие простори, а преку нив и во цела Европа, тајните служби на САД поткрепени од официјалните власти во Белата куќа се обидуваат и со тој обид успеваат да ги наведат малите балкански нации на крвави судири врз чија несреќа ќе се гради идната западна политичка хистерија за продор кон истокот.

Џорџ Буш издал наредба околу 80 американски војници да одат и да ги спасат 320-те албански терористи во Арачиново

И во ова продолжение на фељтонот посветен на делото "ОНА - терористичка паравојска во Македонија" на авторот Иван Бабановски ќе ги доловиме најинтересните и најавтентичните моменти од генезата и развојот на тероризмот на Полуостровот со сите заткулисни игри и предигри кои му претходеа во фазата на зародишот и неговата еволуција.

КРСТОНОСНА ВОЈНА ПРОТИВ ХРИСТИЈАНИТЕ

"Меѓународниот заговор чија цел била уништување на Југославија претставува големо злосторство против човештвото" - изјавил сер Алфред Шерман, советник за надворешно-политички прашања на Маргарет Тачер. "Овој заговор може да се спореди со Четвртата Крстоносна војна, црнечкото ропство, со Хитлеровиот холокауст или со репресиите на Сталин" - додава тој.

Бабановски си го поставува прашањето: Зошто светските господари ја разурнале Југославија која беше пример за мултиетничко живеење? и одговора: Затоа што како земја во која доминирале православните христијани морало да се попречи истите да станат и доминантна етничка група. На помош биле повикани Муслиманите и хрватските ултранационалисти - Усташите. Затоа новиот светски поредок (Владата на САД) ги куражела Хрватска и Словенија да се одвојат (1991 година) како и подоцна босанските Муслимани и Хрвати. Што се однесува до Русија, доминацијата на православните не би можела да се одбегне дури ни во смалената држава (147 милиони население). Така НСП се определила за "салама" пристап, едно по едно парче "меко убивање на Русите" со болести и изгладнување и преку регионални конфликти, како што се Чеченија и Дагестан. Еден од глобалистите, Ворен Цимерман, член на американскиот Совет за односи со странство, инаку последен амбасадор на САД во Белград, има речено: "Поранешна Југославија се граничеше со двајца НАТО сојузници. Таа дејствуваше како препрека при комуникацијата меѓу Западна Европа и третиот НАТО-сојузник - Турција".

Џејмс Пердју - вашингтонски "Тројански коњ" во Македонија

Не е чудо што Џорџ Буш постариот, уште додека бил член на Советот за односи со странство и дипломец на Јеил, упатил околу 500 американски војници во Македонија на почетокот од 1993 година. На Дивиот запад и Тексас таквиот симболичен потег би се нарекол ставање колец во земјата (околчување). Во политиката на Новиот светски поредок (НСП) присуството на САД во Македонија значи исто - колец во земја со кој се обележува новиот вазал (современиот протекторат). Бидејќи Македонија, Албанија и Бугарија се наоѓаат веќе во задниот џеб на Америка, НАТО можел да си дозволи да ја отуѓи номинално просрпската Грција и покрај тоа да го одржи својот географски континуитет. Всушност, "Зелената Магистрала" би ставила клин помеѓу Србија и Грција. Се што би било потребно да се комплетира оваа моќна оска би било сецесијата на Албанците на Косово од Србија и/или сецесија на Санџак и Црна Гора. Потоа многу полесно би била поделена Македонија помеѓу кандидатите за членство во НАТО: Бугарија и Албанија.

Боб Ѓурѓевиќ, мега коментатор на меѓународните политички збиднувања, на шести септември 2001 година на само пет дена пред траурниот ден за САД ќе ја објави специјалната серија за ситуацијата на Балканот. Истата ќе ја започне со "Макдонија: уште една фарсична американска нафтена војна". Еве делови од неа:

"Да му дадеме уште една шанса на мирот" - рекол македонскиот министер за одбрана, Владо Бучковски, кој се смета за умерен, што е еуфемизам за марионета на Вашингтон. Тој говорел на конференцијата за печат на деветти август за убиството на 10 македонски војници. Да беше тоа филм, би можел да се нарече "Босна III" или "Косово II", токму како и "Македонија". Купените медиуми на НСП ги повторуваат изреките на Стејт департментот. Наскоро на западната јавност & се соопштува и & се говори дека терористите кои Вашингтон ги обучил и финансирал се "национална ослободителна армија" или "национални востаници". Тие наводно се борат за "независност" или поголеми "права на малцинството". Кога локалната влада ќе одговори со воени средства на ужасните акти на насилство од страна на силеџиите кои ги обучил и создал Западот, таа влада, а не терористите, во западните платенички медиуми се прикажува како "неподобна" влада. Крајната цел на судирот на Балканот е таму да се испратат американски и други меѓународни трупи како "Мировници". Нивното присуство донесува уште едно парче геополитичка стратешка земја за НАТО, за сметка на Русија. А, истовремено дава и безбедност за идниот нафтовод од Црно Море до јадранските пристаништа. Буш ги турна САД подлабоко во балканската кал кон крајот на јуни 2001 година кога издал наредба околу 80 американски војници да одат и да ги спасат околу 320-те албански терористи во Арачиново (а нели во својата изборна кампања ветуваше повлекување на своите војници од Балканот). Американските трупи довеле 15 автобуси, три камиони, три амбулантни коли и 16 HUMVEES за операцијата во која албанските бунтовници се префлени во безбедното Косово кое е под окупација на НАТО.

АМЕРИКАНСКИ ТЕРОРИЗАМ ИЛИ...?

Особено ова е иронија поради тоа што американските војници биле упатени таму да ги спасуваат албанските бунтовници помалку од недела дека откако Џорџ Буш и неговите високи чиновници за надворешни работи изјавиле дека не сакаат американските трупи да бидат вмешани во кои било операции на НАТО кои би следеле по примирјето. Белата Куќа и Пентагон очигледно сметаат дека користењето на американските војници за спасување на албанските терористи е легитимна мисија. Зошто? Затоа што секоја птица лета кон своето јато. Албанските терористи во Македонија ја воделе битката на Вашингтон исто онака како што тоа го правеле и три години порано на Косово. Еве, на пример, што рекол полковникот Дејвид Хенворт, американскиот жив војник со најголем број одликувања, за американската ЕСКАПАДА Арачиново во својата колумна од 10 јули: "Оваа операција не го помина тестот на исправноста за мене. Постојано се прашував зошто НАТО-офицерите би го ризикувале животот на 80 американски падобранци да спасат банда тешко вооружени колачи, определени да ја урнат востановената Влада на една земја, за која нашиот претседател и Министерството за надворешни работи постојано повторуваат дека сакаат да ја спасат".

Цитирајќи го Андреас Буро, политички аналитичар и претставник на Комитетот за основни права и демократија, германскиот весник "Франкфуртер рундшау" пишува: "Западот никогаш не ја следел сериозно политиката за попречување на конфликтите во Македонија, па макар и делумно, бидејќи САД сакаат да го зголемат своето влијание во тој дел од светот".

Како Вилијам Вокер на Косово, така и специјалниот пратеник на Стејт департментот, Џејмс Пердју, е вашингтонски "Тројански коњ" во Македонија. Неговата работа и задача е да го одвлече вниманието и да создаде збрка. Но, многумина Македонци не паѓаат на тоа. Еве, на пример, порака упатена на сајтот од TIM на 24 јули 2001 година од Македонија чиј идентитет е познат, но чие име не го соопштуваме поради неговата безбедност: "Последните два дена беа ужасни. Албанците го зазедоа половина Тетово и 80 отсто на селата околу Тетово. Има значаен број мртви и ранети цивили кои ги бркаат од нивните домови. Што се однесува до Западот, сакам да речам само една работа. Пред два дена, пред очите на нашата војска "мировниците" (на албанските бунтовници) им исфрлија два контејнера со оружје. Следниот ден Шиптарите го нападнаа Тетово. Дали треба уште нешто да се каже!?". Оттука "најдобар начин на борба против меѓународниот тероризам е да се спасат терористите да можат да се борат за нас и друг пат" - ова е мисла на еден "западњак".

По усвојувањето на Рамковниот договор во Собранието на Република Македонија започнува процесот на препокривање на трагите на контроверзните личности од западно потекло. Но, пред тоа истите имаат тешка задача - како да го убедат населението да го прифати охридскиот Договор, како да ги натера пратениците да гласаат за него во законодавниот дом. На примерот за најмените новинарски пера и закупените радио и тв часови во СРЈ, по доаѓањето на новата власт, може да ни биде сосема јасна ситуацијата во Косово и кај нас во Македонија. Тотално миење на мозоците кое скапо ќе ги чини изведувачите од проста причина што ние кои живееме на Балканот покажавме дека најчесто и немаме мозоци. Сега се поставува прашањето: Што очекуваме добро да се случи на Балканот, особено во Македонија, кога доларот е господ за газдите од НСП, а преостанатата боранија треба да заврши на депонија? Како воопшто сметаме да го поразиме албанскиот тероризам кога не се ни обидовме да издејствуваме пред Советот за безбедност на ОН документ со кој тоа би било сторено? На сите мора да им стане јасно - вели Бабановски - дека терористичките акции на парамилитантните качачко-балистички банди под името УЧК, ОНА, АНА и слично, не се ништо друго, туку вооружени платени убијци од кланот на Меделин - Колумбија кои треба на ограбените маси да им го свртат вниманието од организираниот грабеж што го спроведуваа легитимните власти, тајно поттикнувани и помогнати од т.н. меѓународна заедница под која мора да се сфати организацијата за координирање на организациониот криминал на глобален план. За да се оствари транзиција во "арамиски капитализам", беше нужно да се примени мега-тероризам во глобални рамки. Што мислите, каква врска може да има тероризмот во РМ со настаните во Израел по Втората интифада на Палестинците? Искрено да ви речам, и јас не знаев - вели Бабановски - па ниту на крај на памет не ми одело дека уривањето на авионот TU 154 со три мотори, сопственост на компанијата Сибир Ерлајнс, кој од израелскиот аеродром "Бен Гурион" летал за сибирскиот град Новосибирск и во кој загинале 66 патници, од кои 51 беше Израелец и 11 членови на посадата, има некакви допирни точки со нашите измешани криминализирани политички состојби на Балканот каде за несреќа сме се нашле, не по наша вина.

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"