ПОЛИТИКА

Единицата за брзи интервенции - јаболко на раздор во МВР

"ЛАВОВИТЕ" МЕЃУ ЧЕКАНОТ И НАКОВАЛНАТА

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Според новиот министер за внатрешни работи, Хари Костов, припадниците на "Лавовите" биле изманипулирани од поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, и од генерал Стојков во врска со договорите за работа. Тоа биле само барања за согласност за прием на нови работници до Министерството за финансии, од каде не е добиена таква согласност.
  • Единицата за брзи интервенции ќе биде трансформирана и сите тие што се професионалци, стручни и без криминално досие ќе бидат распоредени во соодветни структури во МВР, изјави министерот Костов.

Политичката промена на власта во Република Македонија донесе низа реперкусии во дејствувањето и функционирањето на Министерството за внатрешни работи. Ако некогаш вообичаените кадровски поместувања или стручните реторики минуваа како издувен вентил за загубените позиции, сега токму поради се уште лошата безбедносна ситуација и дружбата со Али Ахмети, ваквата работа минува низ лупата на јавноста и политичката опозиција.

"Ние нема да прифатиме обична одлука од МВР за наше распуштање", велат "Лавовите"

Првите реакции пристигнаа од специјалната полициска единица "Лавови" којашто лани во екот на воената криза беше формирана. Но, наталожените проблеми во МВР не се единствени предизвици за новата гарнитура, туку се дамаклов меч за "банкарот".

Поранешниот банкар, главен менаџер на "Комерцијална банка", Хари Костов, сега прв полицаец, ќе има преголема одговорност. Од неговите потези ќе зависи реформата во полицијата, смирувањето на ситуацијата, но и судбината на државата. Затоа, дали раководните промени се морални, етички, стручни, оправдани или не, ќе покаже времето и доказите.

РЕВИЗИИ

Во најавата, министерот Хари Костов рече дека првата негова задача ќе биде финансиското чешлање на работењето на МВР и постапките за поголемите јавни набавки во текот на 2002 година. Класично примопредавање на должноста немало. Во кабинетот не затекнав каква и да е документација за активностите во МВР, освен една каса во која се наоѓаа незначајни документи. Поранешниот министер пред заминување си зел и уметнички слики од кабинетот, истакна министерот Костов на конференција за средствата за информирање. Тој потенцираше дека веднаш по неговото доаѓање на функцијата, некои од вработените во МВР направиле обиди "за незаконски подметнувања". Министерот го обвини поранешното раководство на МВР дека издавало наредби за следење и за прислушување одредени личности и обелодени документи со кои се наредува прислушување од 29 октомври, а кои тој требало да ги потпише. Во врска со реакциите на специјалната единица "Лавови", нејзиниот неразрешен статус и неисплатените плати, Костов објасни дека полицајците биле излажани од претходната гарнитура.

"Единицата за брзи интервенции ќе биде трансформирана", тврди новиот министер Хари Костов

За неисплатените четири плати на резервниот состав на полицијата, "Лавови", вкупниот долг е 480 милиони денари и 110 милиони денари дополнителни средства. Ова, заедно со неподмирените обврски кон добавувачите, изнесува вкупен долг на МВР од 880 милиони денари, истакна Костов.

Буџетот на МВР за 2002 година е пет милијарди денари, што значи дека ако остане истиот Буџет и за в година, веќе една петтина од него е потрошена, објасни министерот.

Припадниците на "Лавовите" биле изманипулирани од поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски и од Стојков во врска со договорите за работа. Тоа биле само барања за согласност за прием на нови работници до Министерството за финансии, од каде не е добиена согласност. Единицата за брзи интервенции ќе биде трансформирана и сите тие што се професионалци, стручни и без криминално досие, ќе бидат распоредени во соодветни структури во МВР, најави Костов.

Министерот во врска со оставката на генерал-мајорот Горан Стојков рече дека таа нему не му е дадена на писмено, а потенцираше дека не дал ниту усна наредба за отпуштање 960 припадници на "Лавовите". За кадровските промени што во МВР тој ги извршил, а од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше обвинет за реваншизам и за чистки, министерот Костов информираше дека досега се потпишани 32 решенија за раководни места, извршени се седум разместувања во Управата за безбедност и контраразузнавање и се укинати местата координатори за источниот и западниот регион.

За семејните назначувања објасни:

Сестрата на мојот шура е поставена за помошник-министер за финансии, меѓутоа тоа не е нејзиниот единствен квалитет. Таа е вработена во МВР од 1993, а од пред извесно време замина во Агенцијата за разузнавање, од каде што ја повлековме назад. Еден од началниците во УБК е брат на мојот кумашин, рече Костов.

Според него, МВР уште влегувало во нелегални зделки, бидејќи до нив пристигнала сметка за ангажирање на приватен детектив од Австрија кој работел на наводниот случај на фалсификат на изборите. Детективот од македонската полиција побарал да му бидат исплатени 150.000 евра за услугите. Министерот Костов информираше дека е запрен тендер за регистарски таблички доделен на "Варез ДОЕЛ", во вредност од 18,8 милиони денари. Според него, "Варез ДОЕЛ" е фирма со еден вработен, без сертификати за производство на регистарски таблички, а во сопственост на член на второстепената комисија на Владата за решавање на жалбите по постапките за јавни набавки. Костов рече дека е запрен и Проектот за новата опрема за производство на личните документи во Република Македонија, во вредност од 36 милиони американски долари, чии технички карактеристики на Проект никогаш не биле верификувани од надлежните во МВР. Тој оцени дека на Република Македонија не & е потребна толку софистицирана опрема за таа намена, а освен во Швајцарија, не постои ниту во една друга европска земја.

СИНДИКАЛНИ БАРАЊА

Целиот случај со "Лавовите" не е јасен. Нивната неразрешена положба и континуираните најави за отпуштање, односно расформирање, создаде конфузија, револт и незадоволство во редовите на ангажираните резервни полицајци. Прв во напнатата и замрсена ситуација реагираше командантот на единицата за брзи интервенции "Лавови", Горан Стојков, кој јавно поднесе неотповиклива оставка, бидејќи новото раководство во МВР од него побарало да ја распушти единицата.

Поднесов неотповиклива оставка како командант на "Лавовите", од три причини: морална, безбедносна и социјална. Како прво, не можам да учествувам во непристојните методи што се употребуваат за растурање на единицата. Од мене се бара да отпуштам 960 полицајци, а мал дел и понатаму да останат на работа, што ќе предизвика раздор и неслога меѓу соборците кои до вчера заедно го ризикуваа животот за земјата. Од безбедносен аспект, сметам дека не смее да биде распуштена најдобрата единица која многу даде за својата татковина. И како трето, од социјален аспект, илјада луѓе ќе останат на улица без работа, а од друга страна во МВР се вработуваат поранешни терористи, изјави Стојков пред новинарите.

Стојков на прес-конференцијата информираше дека неговата оставка била прифатена од страна на полицискиот генерал Зоран Јовановски и тој отсега официјално се наоѓа "на годишен одмор". За нов командант бил назначен полицискиот генерал Горан Ѓорѓиевски.

По објавувањето на неговата оставка во Стенковец, базата на "Лавовите", прес одржа и новоформираниот Синдикат на загрижените инволвирани полицајци Ние нема да прифатиме обична одлука од МВР за наше распуштање. Одлуката за распуштање треба да биде врз основа на закон, откако ќе се изјаснат Владата и судот за нашиот статус. Ние сметаме дека нашите луѓе треба да бидат вклучени во другите единици на МВР, но во секој случај ќе водиме правна борба нашите припадници да не бидат распуштени, изјави актерот Тони Михајловски, припадник на "Лавовите". Според Синдикатот, единицата за брзи интервенции нема да предизвика бунт и ќе го предаде оружјето доколку тоа се побара од неа. Ние сме војници под команда и под команда ќе го предадеме оружјето, категорично изјави Михајловски. Синдикатот најави дека "Лавовите" ќе бараат да бидат вратени нивните сега сменети команданти, доколку причините за смената биле политички, а оставката на Стојков ја оцени како "морална одлука под голем притисок". Во врска со оставката на генерал Стојков, неговиот надреден командант, генерал Јовановски, изјави сосема друго.

Не сум барал, ниту сум потпишал одлука за распуштање на единицата за брзи интервенции "Лавови". За нивната иднина допрва треба да се разговара, истакна на прес-конференција полицискиот генерал Зоран Јовановски. На моето биро пронајдов писмо потпишано од Стојков, во кое тој ме известува за негова оставка. Полициски офицер не може да даде оставка, бидејќи не е функционер. За такво прашање надлежен е министерот, објасни генерал Јовановски. Според неговите тврдења, 1.132 припадници на "Лавовите" немаат регулиран работен однос, наспроти 352 кои биле вработени, а единицата нема примено плата од август годинава.

Најголемиот дел од "Лавовите" имаат договор за работа на неопределено време, потпишан само од поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски. Таквите договори не се реализирани, бидејќи не се потпишани од министерот за финансии и Заводот за вработување, објасни генералот.

Според генералот Јовановски, "Лавовите" не треба да бидат распуштени, бидејќи се уште се потребни за безбедноста на земјата. Во соработка со странски експерти веќе била разгледана можноста за нивна трансформација во единица со 800 полицајци, во чии рамки ќе функционира и погранична единица. Доколку се прифати таков предлог, генералот најави проверка на минатото и способноста на нејзините припадници кои треба да исполнуваат "одредени критериуми".


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"