ОБРАЗОВАНИЕ

Проект "Чекор по чекор" во основните училишта

ЦЕНТАР НА ВНИМАНИЕТО Е ДЕТЕТО

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Целта на овој Проект е да се надминат формите на наставна работа кај повеќе наставници каде што доминира монолошкиот приод кон содржините, вербализмот и занемарување на индивидуалноста на ученикот и да се надмине класичното: гледај, слушај и не допирај.
  • Во овој Проект е многу важно што ќе стори наставникот за да направи ученикот.

Проектот "Чекор по чекор" веќе седум години се спроведува во основното образование и според мислењето на наставниците, педагозите, но и учениците тоа е вистинскиот пат на вметнување на демократија во нашиот образовен процес. Веќе е минато времето кога учителите со стап во раката го наметнуваа своето мислење и ги учеа децата. Минато е и времето кога училниците беа само со клупи и табла, безлични и сиви.

Училницата е еден вид работилница за работа и изработка, но и простор за изложување на ученичките трудови

Денес училниците каде овој Проект се применува се во сосема поинакво светло. Учениците работат во групи и катчиња, а целата просторија е разиграна со различни предмети, украси, дури има цвеќе и завеси. Освен тоа, учениците се тие кои се во центарот на вниманието на часот, а не учителите и наставниците како што тоа беше практика во минатото. Децата за време на часот не се присилуваат за изучување на она што е според наставниот план, туку тоа се прави сосема ненаметливо. Но, државната образовна програма е задржана и Проектот се адаптира на нејзиното реализирање. Децата учат исти методски единици како и децата кои следат класична настава, но начинот на презентирањето и односот на наставниците кон учениците е сосема поинаков. Со овој Проект се надминува класичната поставеност на наставата каде на децата им се сугерира само да слушаат, гледаат и ништо да не допираат.

ТЕСТ

Од 11 основни училишта во Република Македонија како најуспешно според направениот интегриран тест од повеќе наставни предмети е избрано ОУ "Кристијан Тодоровски - Карпош" од Скопје. Во ова училиште овој Проект се спроведува веќе седум години.

Ние се вклучивме во првата група за експериментално спроведување на Проектот "Чекор по чекор". На почетокот со Проектот беа опфатени само децата од забавиште и прво одделение. "Чекор по чекор" се одвива сукцесивно, а оваа учебна година продолжува неговата реализација во две забавишни групи, две паралелки во прво одделение и по една паралелка во второ, трето и четврто одделение, ни изјави директорката на ОУ "Кристијан Тодоровски - Карпош" од Скопје, госпоѓата Лилјана Данева која потенцира дека и нејзиното лично задоволство од Проектот е големо, бидејќи центар на вниманието со "Чекор по чекор" станало детето, односно ученикот.

"Децата имаат слобода, но и почитување кон наставничкиот кадар", Лилјана Данева

Целта е да се надминат досегашните форми на наставата, како на пример монолошкиот приод - вербализмот. Во центарот на вниманието на часовите повеќе не е само наставникот, фокусиран е ученикот. Од наставниците се бара поголема креативност за реализирањето на часовите. Во училниците има поинаков распоред на мебелот, ентериерот. Задолженијата ученикот ги чувствува како обврска. Просторот во училницата е адаптиран за презентирање на ученичките трудови, вели педагогот на ова училиште, господинот Видое Цветкоски.

ПОРТФОЛИО

Секој ученик си има свое портфолио каде се внесуваат постигнатите резултати по наставните предмети. За разлика од порано, родителите можат да се вклучат во наставниот процес и реализирањето на некоја тема, а преку портфолијата можат во секој момент да видат каде се наоѓа неговото дете со постигнатите знаења. Со оглед на тоа дека ученичките трудови се изложени во целата училница, родителот може да направи споредба на трудовите на неговото дете со трудовите на неговите соученици.

"Родителите со Проектот повеќе се интегрирани во животот на училиштето", Видое Цветкоски

Родителите повеќе се интегрирани во животот на училиштето, па така и тие можат да ги гледаат резултатите на своите деца, а и на преостанатите, потенцираше педагогот Цветкоски.

Проектот бара и следење на наставата и постојано вреднување на резултатите. Во училницата исто така има и катчиња: литературно, драмско, ликовно, математичко и други кои се користат и на часовите, во рамките на предметот, но и во слободното време.

Училницата е еден вид работилница за работа и изработка, а воедно и простор за презентирање на трудовите на учениците кои можат да ги вреднуваат, самовреднуваат и споредуваат, не информираше педагогот на ова училиште.

Групната, тимска работа е присутна и се презентира на часовите. Кај учениците нема отпор во реализирањето на наставната програма, а евидентен е и натпреварувачкиот дух според констатацијата на педагогот Цветкоски. Исто така и наставничкиот кадар, според директорката на ова училиште, за кратко време се вклучил во Проектот, за кој претходно посетувале и стручни семинари.

ВПЕЧАТОЦИ

Првиот впечаток по примената на "Чекор по чекор" е дека децата конкретно од трето одделение не сакаа да си одат дома по завршувањето на часовите. Исто така до голем израз доаѓа слободата на индивидуата, како и тимската работа. Во меѓувреме се вклучивме и во Проектот "описно оценување" кое подразбира оценување само преку искази за вреднување, а не со бројки. Овој начин на оценување се надополни со "Чекор по чекор", вели директорката Данева.

Според неа, Проектот исто така од наставниците бара следење и вреднување на широк спектар активности на учениците. Во секој поглед учениците кои се вклучени во "Чекор по чекор" се порелаксирани, послободни, со други зборови, се однесуваат подемократски, а наставата ја следат во многу попријатна атмосфера. Добро е кога децата уште од најрана возраст се учат и воспитуваат во еден демократски дух, така што не ги чувствуваат острите спреги на нашиот образовен систем како во минатото. Тие се чекор понапред со своите добиени права, за послободно образување, но и реализирање на обврските.


Ние се вклучивме во првата група за експериментално спроведување на Проектот "Чекор по чекор". На почетокот со Проектот беа опфатени само децата од забавиште и прво одделение. "Чекор по чекор" се одвива сукцесивно, а оваа учебна година продолжува неговата реализација во две забавишни групи, две паралелки во прво одделение и по една паралелка во второ, трето и четврто одделение, ни изјави директорката на ОУ "Кристијан Тодоровски - Карпош" од Скопје, госпоѓата Лилјана Данева.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"