ЕКОНОМИЈА

Македонската радиотелевизија пред пропаст

СТОП ЗА ПАРТИЗАЦИЈАТА НА ЈАВНИОТ СЕРВИС

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Проблемите во МРТВ се со години наназад, потребно е раководство кое ќе ја стабилизира куќата и ќе & го врати статусот "сервис на граѓаните на оваа држава", а не сервис на партијата на власт како што беше минативе години, ни изјави Марко Коловски член на УО, на штрајкувачкиот одбор и на Синдикатот на МРТВ.
  • Иако мојот мандат завршува на 21 јануари 2003 година, сметам дека со промената на составот на Собранието треба да заврши и мојата функција. Оставката е предизвикана пред се од морални причини, но и од неможноста подолг временски период ефикасно да ја извршувам оваа раководна функција, изјави Љупчо Јакимоски во образложението за поднесената оставка на функцијата генерален директор.

Македонската радиотелевизија се наоѓа во катастрофално лоша финансиска состојба, а неодамна и генералниот директор на јавниот дифузер, Љупчо Јакимоски поднесе неотповиклива оставка.

Проблемите во нашиот јавен сервис се влечат веќе подолг период, а манифестирани се преку нередовни и ниски плати на вработените, неисплатени хонорари на соработниците, дотраена техника за работа (камерите се стари над 30 години) и така натаму. Освен тоа, со доаѓањето на Јакимовски на фотелјата генерален директор, станаа актуелни бугароманските тенденции во некои редакции на македонското радио, како што потенцираат некои колеги новинари. Според нив отказ од работа потпишан од генералниот директор добиле многумина истакнати новинари -ветерани, доајени на македонското новинарство (Горица Попова, Ѓорѓи Варошлија, Бранко Радовановиќ, Лидија Наневска и други) како дел од синдромот на раководниот тим, како што ни потенцираше Марко Коловски, член на УО, на штрајкувачкиот одбор и на Синдикатот на МРТВ. Долго време МРТВ, за жал и се уште, го има изгубено својот рејтинг поради својата провладина ориентираност и нејзино третирање како алат во рацете на владејачката гарнитура, општ е ставот на вработените во оваа куќа.

СОСТОЈБА

Состојбата во МРТВ е исклучиво тешка веќе подолг период, а се должи на две основни причини. Како прво тоа е непочитувањето на Законот за радиодифузија во делот за плаќање на радиодифузната такса за што виновници се оние што треба да ги спроведуваат законите. Втора причина е лошото раководење на МРТВ, зашто јас како член на УО, 3-4 години наназад сум укажувал на секој состанок илустрирајќи ги со конкретни постапки, истакна Марко Коловски.

Според него, не може ни да се размислува за она што би значело развој на куќата, во согласност со современите потреби, кое станува невозможно, бидејќи битката за гола егзистенција претставува императив.

Јавниот сервис пред извесен период беше потресуван од бугарофилски обиди и од малтретирања и отпуштања од работа на одредени истакнати новинари.

Но, сепак, се покажа дека тоа се залудни потези на еден грст луѓе кои очигледно се изгубиле во некаков процеп и неможност да ја прифатат стварноста дека македонскиот национален идентитет на никаков начин не може да биде оспоруван. Се надевам дека и тие, но и нивните ментори на високи државни функции го сфатија тоа и прашањето ќе биде ставено ад акта, констатира Коловски.

Во својата оставка генералниот директор вината за опструкциите ја става на сметка на одредена група луѓе од новата власт и идни кадри во раководниот тим на МРТВ кои според Јакимоски со закани и уцени бараат од службениците да ги спроведуваат нивните одлуки.

Толкувањата изнесени во оставката на генералниот директор дека опструкциите во МРТВ доаѓаат од групи и поединци со партиско или дневно профитерство се бесмислени, бидејќи сите постапки беа институционализирани преку официјални тела и органи на куќата, потенцираше Коловски.

ОСТАВКА

Љупчо Јакимовски на функцијата генерален директор на МРТВ е назначен од страна на ВМРО-ДПМНЕ веднаш по парламентарните избори во 1998 година. Причина за неговата оставка, според неговото образложение, е неповолната ситуација во МРТВ која особено се заострила во периодот по септемвриските избори.

Во приложениот текст на неговата оставка Јакимовски објаснува дека по изборите во МРТВ се појавиле луѓе кои зборувале се најлошо за раководството, а тие се групирани во Синдикатот и во Советот на вработените, а целта им била да покажат примерно однесување пред новата власт, па затоа започнале со разни притисоци и опструкции врз раководството и со донесување незаконски одлуки со кои директно се мешаат во сферата на раководењето со претпријатието. Јакимовски во својата оставка ја споменува незаконски одржаната седница на Управниот одбор на втори октомври оваа година, на која присуствувале наместо 11, само 6 члена и на која се донесени заклучоци и одлуки, спротивни на законските одредби. Според констатацијата на веќе екс-директорот на МРТВ, седниците на УО ги свикува претседателот, што не било случај тогаш и затоа одржаниот состанок го квалификува како своевиден пуч врз раководството, бидејќи е надвор од прописите, законските и подзаконските акти. Згора на тоа, не е во ред УО со одлуки да ги суспендира законските надлежности на генералниот директор што се дадени со закон и кои не можат да бидат суспендирани со одлуки.

Луѓето кои ги иницираат ваквите активности се претставуваат како луѓе од новата власт и идни кадри во раководниот тим на МРТВ и со закани и уцени бараат од службениците да ги спроведуваат нивните одлуки, констатира Љубомир Јакимовски.

Тој, покрај другото, не оспорува дека финансискиот систем во МРТВ е целосно руиниран од наплатата на радиодифузната такса и долгиот преоден период на заминување на старата и доаѓањето на новата влада, но поради тоа нема можности за исплата на септемвриската плата на вработените.

НЕЗАДОВОЛСТВО

Вработените во МРТВ за кашата во која се наоѓаат, прстот го вперуваат во раководството на куќата. Штетните договори, неодговорното работење, велат вработените, се главните виновници за колапсот на јавниот сервис и нивните егзистенцијални проблеми. Вработените и соработниците не знаат дали воопшто ќе ги земат задоцнетите плати и хонорари. Претставниците на Синдикатот заедно со членовите на Советот на вработените и на Управниот одбор го споменуваат штетниот потпишан договор со "Промет тутун" од директорот Љубомир Јакимовски со кој му се одобрува наплата на сите маркетиншки услуги со попуст од 50 отсто од редовната цена што важи за другите субјекти. Покрај тоа, велат вработените, тука е и фактот дека износот на парите од радиодифузната такса која граѓаните ја плаќаат заедно со сметката за електрична енергија, во изминативе месеци е драстично намален затоа што парите се префрлени наместо на сметка на МРТВ, во Министерството за финансии, односно во буџетската каса.

Се надеваме дека ќе биде забрзана постапката за поставувањето на ново раководство во МРТВ. Се надеваме дека новото раководство освен тоа што ќе ја стабилизира состојбата во нашата куќа ќе го врати статусот "сервис на граѓаните на оваа држава", а не да биде сервис на партијата на власт, како што беше во изминатиов период, особено најдрастично изразено во последниве четири години, констатира Коловски.


Гордана Стошиќ - нов генерален

Собранието на Република Македонија го усвои предлогот на македонската Влада да ја именува Гордана Стошиќ за генерален директор на Јавното претпријатие Македонска радио-телевизија. Гордана Стошиќ е досегашен главен и одговорен уредник на Скај-нет, приватна телевизија од Скопје. Таа пред да стапи на оваа функција работеше и во А1, а беше новинар и во МТВ.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"