Во Арачиново изгоре куќа на Македонец
Викенд-куќа, сопственост на скопјанецот Велко Стефановски, целосно
изгорела во подметнат пожар во скопската населба Арачиново. Според
полицијата, немало повредени и се трага по непознатите сторители.
Ахмети има повторен влез во Швајцарија
Швајцарските власти соопштија дека привремено ја укинуваат забраната за
влез во земјата на Али Ахмети, поранешниот лидер на таканаречената ОНА и
актуелен претседател на ДУИ, која е членка на македонската владина коалиција.
Ваквата постапка се должи на присуството на Али Ахмети на дводневната
балканска конференција во Берн.
Повеќе регрути македонски Албанци
Во октомвриската класа војници во АРМ отишле двапати повеќе македонски
Албанци отколку во која било друга партија регрути по минатогодишната криза.
Во октомвриската класа војници зголемен е и бројот на Срби, Турци и Роми,
односно се пријавиле 91 отсто од повиканите регрути.
Јован во рацете на обвинителството
Случајот со поранешниот владика Јован сега е во рацете на црковните
судови, македонското Обвинителство и на други државни органи. Тие мора да го
решат, да се утврди што и како е направено.
Секој треба да одговара за своите дела - изјави Поглаварот на
Македонската православна црква, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г.
Стефан во интервјуто за македонската редакција на Светскиот сервис на
Би-Би-Си.
Словенците ќе преговараат по штрајкот
Штрајкот на вработените во НИП "Нова Македонија" продолжува се додека не
се исполнат нивните барања. Вито Комац, претседател на Надзорниот одбор,
побарал од штрајкувачкиот одбор на "Нова Македонија" итно прекинување на
штрајкот и отстапување на водењето на куќата за да дојде до преговори.
Социјалните станови на преиспитување?
Од новиот министер за транспорт и врски, Милаим Ајдини, ќе зависи дали ќе
го поништи целиот конкурс за распределба на социјалните станови или само
спорните решенија за вселување. Народниот правобранител Бранко Наумовски, по
поплаките од одбиените кандидати побара да се изврши увид во постапката на
распределбата на становите.
Михајловски го опустоши Фондот за здравство
Војо Михајловски ја опустоши здравствената каса, а последнава недела од
фондовската каса на сметките на неколку веледрогерии, кои се депоненти во
Македонска банка, биле префрлени по 150 милиони денари. Со ова непотребно се
трупаат вештачки залихи на лекови и медицински материјал.
Нови граѓански потрошувачки кредити
Стопанска Банка од 15 ноември стартува со нови потрошувачки кредити за
граѓани во износи до 20.000 евра. Кредитите се доделуваат за најразлични
намени не само за еден, туку и за повеќе производи одеднаш.
За да се добие кредитот, барателот заедно со тројца членови од потесното
семејство, треба да има минимум 2.500 евра годишни приходи за денарските, и
3.500 евра за денарските кредити со девизна клаузула.
Телекомот нуди доброволни откази
"Македонски телекомуникации" им понудиле на вработените да ги напуштат
работните места на доброволна основа, со надомест од 16 месечни плати.
Одзивот на вработените за ваквата понуда бил мошне слаб, но според
шпекулациите, работното столче им се ниша на околу 500 вработени.
"Даме Груев" ќе си го задржи името?
По преговорите со премиерот Бранко Црвенковски беше предложено решение за
"случајот Шемшево". Околу 200 ученици - Македонци, како што беше договорено,
по двоиполмесечни перипетии конечно ќе седнат во училишните клупи,
училиштето ќе го задржи старото име, а директорот ќе биде - Албанец.
Со ваквата одлука не се согласува месното албанско население кое одлучило
да не го прифати старото име и да не ја поместува бистата на Јумни Јонузи од
дворот.
Жолтицата во пораст
Лекарите алармираат дека бројот на заболените од заразна жолтица во
Скопје постојано се зголемува. Од заболените 170 лица, кои се пријавени до
крајот на октомври, дваесетина се ученици во неколку основни и средни
училишта во Скопје, а има и неколку деца од една градинка. За спречување на
болеста неопходно е подигање на нивото на општата и личната хигиена.
|