Фрчко "нема виза" за ООН

Минатата недела беше објавено дека професор Љубомир Фрчковски е "инаугуриран" како преговарач за името со Грција од страна на претседателот Борис Трајковски. Меѓутоа, иако Фрчковски веќе настапува како официјален преговарач за името, претседателот Трајковски нема испратено писмо до генералниот секретар на Обединетите нации, Кофи Анан, под чие покровителство се водат преговорите со Грција.

Во Чешка осуден македонски државјанин

Македонскиот државјанин Светозар Велјановски деновиве бил екстрадиран од Бугарија во Чешка, бидејќи по него била распишана потерница преку Интерпол. Тој се сомничи за измами кои ги реализирал до 1997 година во Чешка. Успеал да земе парични заеми кои никогаш не ги вратил, а потоа Велјановски пребегнал во Бугарија. Во меѓувреме чешките правосудни органи го осудиле на шест години затворска казна.

Потврден долгот од 9,3 милиони долари за ОКТА

Високиот комерцијален суд во Лондон во врска со тужбата што "Џетоил Мамидакис" ја покрена уште во 1999 година против скопската Рафинерија ОКТА, донесе конечна пресуда на штета на ОКТА. Според пресудата, скопската Рафинерија ОКТА, чиј сопственик од 1999 година е грчката национална нафтена компанија "Хеленик петролеум" треба да му плати оштета на "Џетоил Мамидакис" во износ од 9,3 милиони долари.

Две понуди за прилепскиот пивски слад

Словенечката фирма "Оточац" и македонската фирма "ДМ компани" со холандски капитал понудиле да бидат стратешки инвеститори на фабриката за производство на пивски слад во Прилеп која веќе е во стечај. И двете фирми нудат да ги вратат на работа сите 93 вработени и да го преземат плаќањето на обврските чија вкупна вредност е 600 илјади евра. Кој од двата предлога ќе биде прифатен ќе зависи од доверителите.

"Групата Дукаѓини" на обвинителна клупа

Според најавата на Ројтерс петтемина поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово, познати како "групата Дукаѓини", тврдат дека не се виновни за четирите убиства за кои се обвинети. Оваа група се товари за киднапирање на пет Албанци од кои убиле четири.

Петтемина обвинети беа уапсени во јуни годинава од меѓународните сили на Косово, КФОР и од меѓународната полиција на УНМИК.

Во Окружниот суд во Приштина веќе е во тек судскиот процес против петтемина обвинети.

Седум неизвесни години за Косово

Шефот на УНМИК, Михаел Штајнер, во интервјуто за германскиот весник "Тагешигел" истакнал дека формирањето ефикасни демократски институции е неопходен предуслов за постигнување договор за конечен статус на Косово. Штајнер смета дека овој договор ќе биде постигнат полесно ако се стабилизира ситуацијата во покраината, додавајќи дека според негова проценка, за ова прашање нема да се расправа во наредните седум до десет години.

Триста евра за преку граница

Албанската полиција од градот Либражд уапсила еден албански државјанин кој за 300 евра се обидел илегално да префрли тројца албански државјани. Илегалците во Македонија влегле со цел полесно да емигрираат во Грција, но тројцата сега се вратени во Албанија.

Европа и се заканува со визи на Бугарија

Поради злоупотребата на укинувањето на шенген од страна на повеќе бугарски граѓани, некои европски држави се решени повторно да воведат визи за Бугарија. Такви предупредувања доаѓаат од Холандија, Белгија и Норвешка, затоа што се забележани се повеќе бугарски граѓани како илегално престојуваат во овие држави.

"Одисеја Балканика - Македонија 2001" во Дрезден

Младата композиторка Дарија Андоновска учествуваше на Фестивал и семинар за современа музика и лирика од Источна Европа кој се одржа во Дрезден, Германија. Андоновска како единствен претставник од Македонија учествуваше со една композиција, напишана по нарачка од украинскиот Ансамбл "Фресцос" специјално за Фестивалот. Композицијата е насловена како "Одисеја Балканика - Македонија 2001".


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"