| |
ЦРКВА
Во манастирот "Свети Јован Бигорски" се негува култот кон Свети Јован
ВЕЛИЧЕНСТВЕН ХРАМ ВО БИГОРОВИТЕ КАРПИ
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- По својата голема вредност во овој манастир се издвојуваат дрвениот
иконостас кој е еден од најубавите во Македонија и кивот со свети мошти.
- Во манастирскиот комплекс се наоѓа и таканаречената голема машка
трпезарија чии ѕидови претставуваат вистински фрескоживопис.
П о кањонската долина на реката
Радика, на два километри од селото Ростуше, дебарско, се простира манастирот
"Свети Јован Бигорски".

Манастирскиот комплекс го сочинуваат манастирската црква, костурница
сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот
манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци. Манастирот, по
се изгледа претрпел големи оштетувања и разорувања во времето на турското
ропство. Денешниот изглед тој го добил во XIX
век кога воедно бил изведен и новиот живопис.
ЦРКВА
Се претпоставува дека црквата е настаната врз темелите на некоја постара
базилика од XI век,
поточно од 1020 година. Постои голема веројатност, иконата на Свети Јован
Претеча да била насликана во годината кога била подигната и живописана
старата црква. Новата црква која е изградена во 1800 година е огромна,
засводена е со високо издигната купола. Во нејзиниот состав има и
камбанарија. Нејзината богата внатрешност ја сочинуваат фреските, иконите со
иконостасот и нејзиниот дрвен инвентар во кој спаѓаат певниците, столовите,
владичкиот трон, амвонот и друго. Поголемиот дел од фрескописот, што се
наоѓа во големата полукалота на куполата, е дело на познатиот фрескописец
Дичо Зограф, којшто е автор на голем број фрески и икони во црквите ширум
Македонија. Преостанатите фрески во помалата полукалота на куполата се
настанати од раката на некој малку послаб зограф. Во тремот на црквата, од
левиот и десниот крај, во три зони се распоредени фрески што датираат од
XIX век. Во првата
зона се предадени фигури на светци - испосници, додека пак втората зона ја
исполнуваат сцени од животот на првите библиски луѓе - Адам и Ева и
композицијата "Страшниот суд".
ИКОНОСТАС
Еден од најубавите иконостаси во Македонија е на црквата "Свети Јован
Бигорски" кој е граден од 1829 до 1835 година. Изработен е во ситна дрвена
резба и претставува извонредно уметничко остварување на афирмираните
копаничарски мајстори Марко и Петре Филиповски од селото Гари. Тие не
пропуштиле да ги претстават во резба своите ликови преку сцената на
мајсторот во размислување и неговите содејци како делкаат. Оваа сцена покрај
тоа што е присутна на иконостасот во оваа црква, ја има и во црквата "Свети
Спас" во кои работеле овие мајстори. Дверите и крстот се позлатени.

Црквата-дел од манастирскиот комплекс

Иконостасот е еден од најубавите во Македонија
Дрвениот иконостас е поделен во шест хоризонтални појаси. Првиот во
основата е составен од правоаголни полиња на кои има орнаменти од флората и
фауната. Вториот појас, во кој се поместени престолните икони, завршуваат со
фигура на орел со раширени крилја. Третиот појас е поделен на три помали
хоризонтални раздели во кои симетрично се распоредени ангели, гроздови и
гранки од винова лоза и друго. Над нив се наоѓаат два реда икони - празнични
и со претстави на апостолите. Во централната партија се наоѓа големиот крст
на којшто е претставено Христовото Распетие. На обете страни од крстот
стојат фигури на змеј од чии усти се креваат иконите на "Св. Јован" и "Св.
Богородица". Исто така, нешто што е многу вредно во овој манастир е кивотот
со свети мошти донесени во 1835 година од Цариград. Тука има икони од "Свети
Јован Крстител", од "Свети Пантелејомон", од "Света Петка", "Света Марина",
"Свети Трифун", под нив во сребрениот оклоп се наоѓа дел од нивните мошти, а
во средината во крстот се наоѓа парче од дрвото од крстот на којшто бил
распнат Исус Христос. Манастирскиот амбиент го надополнуваат старите конаци
со дрвените пространи чардаци и трпезаријата исполнета со автентичен
инвентар од времето на изградбата (крајот на XVIII
и почетокот на XIX
век).

Бигорските конаци

Дрвената резба која ја изработиле браќата Марко и Петре
Филиповски


Моштите на повеќе светци

Големата машка трпезарија
"Мобимак" ќе издвои средства во висина од 20.000 евра за сенација на дел
од манастирот "Свети Јован Бигорски". Средствата се наменети за реставрација
на објектот на влезот од манастирскиот комплекс кој по времето на градење е
постар од преостанатиот дел.
Овие средства на "Мобимак" треба да бидат поттик за обезбедување
дополнителни парични средства од други физички и правни лица кои имаат желба
и се подготвени да помогнат околу санацијата на овој прекрасен манастирски
комплекс. Идејата за ваков вид помош потекнува од унгарскиот дел на
менаџерскиот тим на "Мобимак", па оттаму еден од носителите на овој Проект
ќе биде финансискиот директор, Питер Кунц.
|