| |
ИНТЕРВЈУ
Професор д-р Људмил Спасов за Фондацијата "Небрегово"
КОНЕСКИ Е КУЛТУРЕН СТОЖЕР НА МАКЕДОНСКИОТ XX ВЕК
Разговарала: Милева ЛАЗОВА
- Нападите врз делото и личноста на Блаже Конески беа со цел да се
откажеме од македонскиот литературен јазик.
- Покрај многуте активности, Фондацијата "Небрегово" планира да продолжи
со објавување на брошурите со тематски наслови "Зошто го напаѓаат Конески",
"Како го напаѓаат" и "Кој го напаѓа".
Ф ондацијата за македонски
јазик "Небрегово" формирана е пред само една година на иницијатива на
неколкумина почитувачи и проучувачи на животот и делото на великанот од
Небрегово, Блаже Конески. Таа е создадена во траен спомен на овој голем
човек којшто стана симбол на новата македонска епоха на
XX век.
Фондацијата како невладина, непартиска, недржавна, успеа да реализира
повеќе активности: да ја откупи родната куќа на Конески и да преземе
сериозни мерки за нејзино обновување и претворање во спомен-музе,ј да ги
основа едициите "Поттикот на Конески" и да ја издаде првата книга "Студии и
огледи за Конески".
Еден од основачите на Фондацијата е и професорот Људмил Спасов кој ја има
функцијата извршен директор.
МС: Од каде идејата и кои беа мотивите за формирање на Фондацијата "Небрегово"?
СПАСОВ: Идејата за формирање на Фондацијата "Небрегово" се роди во
1998 година. Иницијатор, човек којшто прв ја даде оваа идеја, беше
господинот Миле Спиркоски од Прилеп кој делумно е по потекло и од селото
Небрегово. Бидејќи претходно имав неколку интервјуа и написи за значењето на
Блаже Конески, тој ми се јави и ми даде идеја дека може да се откупи куќата
на Конески во село Небрегово и можеби околу таа куќа да се формира нешто
како управа којашто би се грижела за куќата. По ова имавме средба со Љупчо
Палевски кој тогаш се занимаваше со градежни активности. Тој беше подготвен
да ги даде парите за откупување на куќата на Конески. На овој начин идејата
се реализира. Истовремено некаде кон крајот на 2001 година со господинот
Палевски разговаравме за идејата да се формира една фондација којашто ќе се
занимава токму со делото на Блаже Конески. На оваа идеја & се придружија
Атанас Вангелов, Петре М.Андреевски, Трајко Стаматоски, Лазар Китановски,
Наќе Стојановски и други. На овој начин Фондацијата заживеа, направивме
Статут, ја регистриравме и побаравме поддршка од македонската јавност.
НАПАДИ
МС: Кои активности ги има реализирано Фондацијата досега и кои се
следните?
СПАСОВ: Освен откупувањето на куќата во Небрегово, што беше почетна
активност на Фондацијата, повторно со поддршка на господинот Љупчо Палески
издадовме четири книшки кои излегоа во соработка со неделникот "Старт" и со
нашата Фондација, а деновиве го промовиравме и Зборникот "Студии и огледи за
Конески". Со ова развивме една поприлична активност не заборавајќи ја и онаа
акција околу куќата и организирање на една поголема промоција на Фондацијата
во Скопје и во Прилеп. Следните активности ќе зависат од нашите можности и
од поддршката, бидејќи Фондацијата не е на еден човек или пак на група луѓе,
туку е на целиот македонски народ. Најголемата активност којашто треба да се
реализира е обновата на куќата и нејзино уредување во спомен-дом "Блаже
Конески". Планираме тоа место да биде собиралиште на Македонците од земјава
и странство како што секој народ, секоја земја има, така да ги наречам,
култни места - на пример, такви се местата каде се родиле, работеле, живееле,
умреле таткото на италијанскиот јазик - Данте Алигиери, таткото на
германскиот литературен јазик, Гете, Хајне, потоа родното место на Примож
Трубар, на Шекспир, на Вук Караџиќ, на Франце Прешерн итн. Тоа се места каде
што се собира народот, младината се воспитува во националниот дух, на овие
места се одржуваат и предавања, се организираат симпозиуми. Е, такво нешто
планираме да стане "Небрегово". Една од идеите е да се организира
меѓународен симпозиум во Македонија за кој е планирано да стане
традиционален и кој ќе биде посветен на делото на Блаже Конески, а можеби и
пошироко - делото на Конески како инспирација. Меѓутоа, конкретна идеја ни
е, а веќе принципиелно е прифатена, таков симпозиум да организираме и во
Краков како еден многу значаен славистички центар. На овој сипозиум
планираме да се соберат луѓе кои се занимаваат со македонскиот јазик во
Полска и Македонци од Македонија кои се занимаваат со македонскиот јазик и
пошироко со македонската култура. Тоа ќе биде почит кон делото на Блаже
Конески, но и една активност за афирмација на самата Фондација. Планираме и
да продолжиме со објавување на брошурите, во смисла да имаме тематски
наслови - "Зошто го напаѓаат Конески", "Како го напаѓаат" и "Кој го напаѓа".
На овие прашања ќе се обидеме да одговориме затоа што треба на македонската
културна јавност и народ да им се претстави суштината за да нема дилеми, за
да нема двоумења околу ликот и делото на Блаже Конески и општо околу
македонската кауза.
МС: Од каде ќе се спонзорира Фондацијата "Небрегово" за да ги реализирате
овие активности?
СПАСОВ: Нашата Фондација не е ниту државна, ниту партиска, ниту
владина. Сакаме Фондацијата да биде дел од македонскиот народ, а тоа
подразбира дека средствата можат да пристигаат од секаде и тие треба да
бидат строго наменски. Секое спонзорство треба да се одбележи. Имињата кои
учествувале со одредена донација треба да стојат одбележани и да се знае
дека сите тие луѓе вложиле дел од себе си во македонската национална кауза.
МС: Имаше напади врз делото на Блаже Конески и од бугарска страна, но и
од некои луѓе од Македонија. Како ги коментирате овие напади?
СПАСОВ: Секој народ се стреми да создаде своја национална програма
која не мора да биде напишан текст од група луѓе, туку таа може да се состои
од активности коишто луѓето ги прават во смисла на надградување и афирмација
на својата нација. Во рамките на таа национална програма несомнен е и
научниот и уметничкиот удел на Блаже Конески. Конески е една од стожерните
фигури на македонскиот XX
век. Меѓутоа, во XIX
век ние имаме други личности кои се многу
значајни - браќата Миладиновци, Партеније Зографски, Крсте Мисирков кој е на
преминот на XIX и
XX век. Нападите
врз Блаже Конески фактички беа напади врз македонскиот народ и неговата
култура. Се мислеше, во рамките на овој "проект" дека одземањето на
македонската култура од македонскиот народ наједноставно ќе успее ако се
обезличи, ако се омаловажи личноста на Блаже Конески. Затоа тие напади беа
насочени против него и таму се измислуваа 1001 причина зошто ние Македонците
не треба да го почитуваме и зошто треба да се откажеме од него, а тоа
практично значеше да се откажеме од денешниов македонски литературен јазик,
па и да се откажеме од современата македонска култура. Мислам дека овие
напади беа планирани во земјава, но и во странство затоа што не се само
великобугарски, ако можам така да кажам, туку станува збор и за великосрпски
и за великогрчки итн. Тоа беа напади ориентирани и од непосредното соседство
кои одеа на штета на македонскиот народ и неговата држава.
Затоа, според мене, многу значајно беше излагањето на академик Георги
Старделов на споменатата промоција, коешто беше програмски ориентирано и во
него беа покажани причините зошто ние Македонците треба да го почитуваме
Блаже Конески и неговото дело и беше укажано на суштината на нападите врз
Конески. Во истата насока беше и излагањето на Трајко Стаматоски.
СОБРАНИ ДЕЛА
МС: Книгата "Историска фонологија на македонкиот јазик" беше објавена во
1983 година во Германија само на англиски јазик, а во Македонија на
македонски јазик е објавена дури 2001 година. Зошто во 1983 годна не се
објави на македонски јазик и зошто се чекаше толку долго? Кои беа причините?
СПАСОВ: Постојат книги, постојат дела од научен и уметнички карактер
- слики, архитектонски дела, театарски дела итн., коишто претставуваат
столбови на една култура и кои неа ја претставуваат во светот и кажуваат за
вредноста на народот кој ги создал овие дела, бидејќи во современиот свет
културните вредности во суштина се најголемите вредности. Како што гледаме,
економијата подлежи на глобализација, исто така дури и политиката.
Во 1983 година оваа книга беше објавена во рамките на една голема серија
историски фонологии на словенските јазици со цел, меѓу другото, да се
истакнат посебностите на помалите словенски јазици. А причините зошто кај
нас не беше објавена се различни, според некои недоразјаснети, но сепак
мислам дека едноставно во тоа време постоел отпор кај некои луѓе да се
објави ова дело, па можеби тоа е една од причините зошто оваа книга не
добила финансиска поддршка кога некои институции се обидувале да го објават,
иако се мислеше дека Блаже Конески можел да објави се кога ќе посака и каде
ќе посака. Но, очигледно не било така. Оваа книга е многу значајна затоа што
покажува дека македонскиот јазик онаков каков што го знаеме денес почнал да
се формира мошне рано, што значи го покажува правото на историската
посебност на македонскиот јазик. Другите словенски јазици дури подоцна се
издвоиле од словенската основа. Потоа се случиле и други промени во
граматиката што делумно биле повлечени од гласовните промени итн.
МС: Објавени се досега во неколку наврати избрани дела од Блаже Конески.
Дали планирате да ги објавите сите собрани дела од Конески?
СПАСОВ: Постои потреба да се објават собраните дела на Блаже Конески,
односно да се направи критичко издание. Ова значи дека треба да се дадат
коментари за современиот читател, да се објаснат одделните места што би
можеле да потикнат различни прашања и воопшто, да се даде коментар за
неговите дела. Се разбира оваа акција не може да се заврши за кусо време,
треба добро да се испланира подолгорочно, но не недогледно. Фондацијата може
теоретски тоа да го изведе, но практично & треба помош од повеќе луѓе
интелектуалци. Завршувањето на еден ваков проект ќе биде навистина празник
за македонската култура.
МС: Дали Фондацијата "Небрегово" ќе изгради биста или споменик на Блаже
Конески?
СПАСОВ: Повторно тоа е прашање на македонскиот народ, ако тој тоа го
сака, а мислам дека е логично да го посака. Меѓутоа, споменик или биста
треба да се направи и за целата серија културни дејци коишто се вградиле
себе си, некои и по цена на својот живот, во македонската култура. Крајно
време е да се дадат сите обележја на нацијата, а едно од обележјата се и
споменичните.
Во претходните години, мислам дека беше во 1996 година, Друштвото на
писателите постави спомен-плоча на самата родна куќа, иако таа тогаш се уште
беше приватна сопственост.
|