Книги

Плет

Скопје, 11 ноември.

Заводот за Етнологија при Институтот за Географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје и Македонското студентско етнолошко друштво во рамките на едицијата "Живо наследство" го промовираше првото нејзино издание "ПЛЕТ". Промоцијата се одржа во просторот на Музејот на Македонија.

Писмо

Скопје, 14 ноември.

Во МАНУ беше промовирана книгата "Појава и развој на писмото" - со посебен осврт кон почетоците на словенската писменост на академик Петар Хр. Илиевски. Книгата ја промовираше академик Зузана Топољинска, а фрагменти од книгата читаше Славко Нинов.


Театар

Елин

Куманово, 9 ноември.

Во Кумановскиот театар премиерно беше изведена претставата "Елин" од Теодора Димова, во режија на Зоја Бузалковска. Претставата е во копродукција на Детскиот театарски центар и Кумановскиот театар.


Музика

Спектар

Крива Паланка, 10 ноември.

Во организација на Регионалниот центар за соработка "Спектар" од Крива Паланка, во Домот на културата беше одржан целовечерен концерт на класична гитара во контекст на Проектот "Македонија - културен мост меѓу источните и западно-европската култура". На концертот беа исполнети дела од автори на класична и јужноамериканска музика.

АРС

Скопје, 11 ноември.

Во организација на Дирекцијата за култура и уметност од Скопје во рамките на Есенските музички свечености во Музејот на град Скопје љубителите на класична музика имаа можност да го следат настапот на АРС-музика од Република Бугарија. Како солист настапи нашиот обоист Васил Атанасов.

Најмила

Скопје, 13 ноември.

Во Музеј на град Скопје, Калиопи деновиве ќе го промовира вториот албум насловен како "Најмила". Албумот е снимен во живо од концертите кои беа одржани во рамките на минатогодишната турнеја низ Македонија. "Најмила" содржи 13 песни и две бонус.

Ора од Егејска Македонија

Скопје, 14 ноември.

Во Домот на АРМ, на 19 ноември во 13 часот, Ансамблот "Егејски мелос" ќе ја промовира најновата касета насловена како "Ора од Егејска Македонија". Касетата содржи 12 песни, а е во продукција на МРТВ.


Филм

Во системот

Белград, 9 ноември.

Во Гете Институтот за Југоисточна Европа во Белград се одржа премиерата на видео-филмот "Во системот" направен по сценарио и во режија на Ана Глигорова. Овој филм, чие сценарио беше избрано на конкурсот на Гете Институтот минатата година, е во продукција на овој институт со седиште во Белград, а копродуцент е "К-15".

Судијата

Солун, 14 ноември.

На меѓународниот филмски фестивал во Солун, кој трае девет дена, во официјалната програма на секцијата "Балкански преглед" беше прикажан филмот "Судијата", на нашата Жанета Вангели. Филмот имаше две проекции.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"