ФОРУМ

НОЕМВРИСКА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ДРЖАВЕН И НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС

Согледувајќи ги актуелните севкупни неповолни состојби во државава, ВМРО-МАКЕДОНСКА е на ставот дека политичките субјекти во Република Македонија треба да постигнат консензус за приоритетите од државен и национален интерес.

За таа цел, Главниот одбор на ВМРО-МАКЕДОНСКА на седницата одржана во месец ноември акламативно донесе Ноемвриска Декларација. Декларацијата во суштина е платформа за прашањата од национален и државен интерес за Република Македонија.

Ноемвриска Декларација

1. Враќање на уставниот поредок, мирот, безбедноста и сигурноста на граѓаните на целата територија на Република Македонија;

2. Обезбедување еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, независно од полот, нивното етничко, социјално потекло и верска припадност;

3. Името на државата - Република Македонија - го симболизира идентитетот на државата на државата и на македонскиот јазик и затоа никој нема право и не смее да го менува;

4. Република Македонија е унитарна држава и нејзиниот суверенитет и територијален интегритет се неделиви, неотуѓиви и непреносливи;

5. Почитување на државните симболи, историјата и другите национални обележја на Република Македонија е должност и обврска на сите нејзини граѓани и е одраз на нивната лојалност кон државата;

6. Опстојување на заложбите на Република Македонија за членство во Европската унија и во структурите на НАТО-алијансата, како трајна определба и интерес на државата;

7. Национално помирување помеѓу сите политички сили со постигнување на национален консензус за сите прашања од државен и национален интерес на Република Македонија;

8. Заштита, развој и афирмација на сите вредности што го претставуваат македонскиот идентитет и развивање на македонската национална свест, достоинство и патриотизам;

9. Создавање услови за енергично сузбивање и елиминирање на митото, корупцијата и организираниот криминал;

10. Гаранција на приватната сопственост и човековите права на сите граѓани во Република Македонија;

11. Намалувањето на невработеноста и сиромаштијата е должност и обврска на сите политички сили во Република Македонија;

12. За сите прашања од национален и државен интерес да се одлучува со референдум на граѓаните на Република Македонија;

13. Активно учество на Република Македонија во Светската коалиција за борбата против тероризмот.

ВМРО-МАКЕДОНСКА,

претседател:

Борис Стојменов


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"