ФОРУМ

ТАЖНО, СОСЕМ ТАЖНО

Трајче Кацаров

  • И по десет години од 1992, сега сме 2002, тагата си останува иста: Се води војна, млади деца, невини, умираат; Во еден дел од мојата држава луѓето имаат по повеќе деца; Оние на богатите родители се прејадуваат, оние на сиромашните се болни и гладни; фабриките произведуваат мака што ја пакуваме и ја извезуваме во светот, а тој нема наситка, се дај па дај.

Патував кон морето. Годината беше 1992. Не патував сам. Со мене во автобусот марка "Чавдар" патуваше поголема група млади бугарски писатели. Убавина. Сите зборливи, златоусти. По патот можеше да избираш: Да ги броиш зелените дрвја што ни трчаа во пресрет, да гледаш во тилот на шоферот и да си го претставуваш полнолунието над Црното Море, да пееш песни од типот "На морето дупка трака рака трак!" или да разговараш на тема каде е рајот за писателите. Јас го избрав она што беше желба на жена ми - да читам книга и да не се ѕверам горе-долу, лево-десно.

Се заѕверив во книгата на Салман Рушди "Харун морето од приказни". Некој од сопатниците ќе извикаше: "Морето! Еве го морето!". Сите скокнуваа од местото и гледаа преку тилот на шоферот, а морето го немаше. Морето беше во она што јас го држев во рацете. Во книгата.

Беше црно и студено. Беше густо и нечисто. А јас навлегував се подлабоко и подлабоко и ми стануваше страв од тоа што го читам, што го доживував читајќи.

"Многу одамна во државата Алифбај имаше еден тажен град, најтажниот од сите градови. Толку беше тажен што си го заборави и името. Расположен беше крај жалното море полно со жални риби толку гадни на вкус така што луѓето повраќаа тага и покрај синевината на небото. На север од тажниот град имаше моќни фабрики во кои се произведувала мака, ја пакетирале и ја испраќале по целиот свет, а светот немал наситка на неа. Црн чад се издигаше од оџаците на фабриките за тага и се извиваше над градот како лоша вест. Во тажниот град луѓето имаа, во поголемиот дел, по многу деца. Децата на бедните боледуваа и гладуваа, децата на богатите прејадуваа и се држеа за парите на родителите".

Но, тажниот град како и сите други нормални градови си имаше луѓе кои го управуваа. Политичари. Нивните предизборни кампањи беа слични, дури исти на кампањата на политичарите во другите нормални градови. Во тажниот град живееше еден раскажувач на приказни, шахот Дрн-Дрн. Па сите тапанобијачи на политичките партии бараа тој да зборува во полза на нивните кандидати. Шахот Дрн-Дрн беше опсипан од понуди.

"Луѓето му верува на Рашид, шахот Дрн-Дрн, зашто тој никогаш не испушташе да додаде дека сите зборови се плод на неговата фантазија и дека во нив нема ниту капка вистина".

И така, политикантите имаа потреба од Рашид, шахот Дрн-Дрн, да им помогне да ги спечалат изборите.

Некој од писателите ќе извикаше: "Морето! Еве го морето!". Сите скокаа оти беа весели, оти го очекуваа доаѓањето на убавото. Јас бев тажен, зашто тоа што тие го очекуваа јас го држев во рацете.

Јас бев тажен, зашто тоа што го држев во рацете не ме водеше напред кон морето, туку ме враќаше кон мојот град, кон мојата држава, кон мојот народ, кои во тој миг беа многу тажни: Оти се водеа војни, луѓето гинеа, моќните фабрики произведуваа мака, децата на бедните гладуваа, на богатите се прејадуваа, а политикантите сите беа од породот на шахот Дрн-Дрн.

Од тогаш поминаа точно десет години. Не патувам. Седам дома. Повторно ми доаѓа до рака книгата на Салман Рушди "Харун морето од приказни" и повторно читам:

"И навистина над тажниот град врнеше таков дожд што човек можеше да се удави само дишејќи го воздухот".

Многу дожд имаше годинава, но тоа не беше дождот на градот во Алифбај, овој не ја миеше тагата. Оти и по десет години од 1992, сега сме 2002, тагата си останува иста: Се води војна, млади деца, невини, умираат; Во еден дел од мојата држава луѓето имаат по повеќе деца; Оние на богатите родители се прејадуваат, оние на сиромашните се болни и гладни; фабриките произведуваат мака што ја пакуваме и ја извезуваме во светот, а тој нема наситка, се дај па дај; Политикантите се сите роднини на шахот Дрн-Дрн, луѓето сите повраќаат мака, иако небото понекогаш е сино.

На крајот не ми останува ништо друго освен да се потсетам на песната на еден славен бугарски состав ФСБ:

Пак ќе се сретнеме/ по десет години/ за да раскаже/ секој од нас/ со што се изборил/ од што не заспивал/ и што надживеал.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"