| |
Тврди столчиња за апашите!
Деновиве во Македонија сме сведоци на максимално влошување на и онака
лошите состојби кои се предизвикани од истите оние кои работеа на руинирање
и растурање на сопствената земја во изминатиот период од четири години.
Имавме невиден криминален чин на убиство во Тетово на кошаркарското
игралиште (во сите нормални земји доколку биде фатен извршителот и му се
суди, ќе добие смртна казна), имаме манипулација со средношколците
организирана врз принципите и методите што ги применуваше пред 5-6 години
сегашниот македонски конзул во Америка и неговиот сопартиец, сегашен
портпарол на најголемата опозициона партија, довчерашна владејачка, имаме
закани од отворен тип на најумниот албански политичар (кој очигледно ќе се
докаже дека е само обичен профитер како неговиот другар - Премиер), имаме
товарење на еден куп ѓубре пред вратата на новата влада (што би рекол Фрчко)
за истата таа влада да не може воопшто да ја отвори и тргне да работи. А
владата си има тековни и стекнати проблеми од американски тип кога
бунтовниците преминуваат во власта само за да има мир во куќата, што досега
го гледавме само во африканските и јужноамериканските држави, но од другата,
реална страна беше единствениот излез од ситуацијата во која не втурна
новиот 200 квадратен станар на Водно и неговиот ортак со брада кој тешко
зборува, но затоа брзо мисли и продава демагогија на феноменот.
И што е тоа што би требало на овој народ да му даде кураж откако ја
преживеа војна, откако ја голтна кнедлата или се израдува дека довчерашните
станари на планините сега ќе дремат во парламентарните клупи, и откако сфати
дека може да биде убиен и среде улица и дека тоа може да му се случи токму
нему и токму сега. Нам, на Македонците без разлика од етникумот, верата и
полот, ни треба чистилиште, затоа што од пеколот не можете да влезете
директно во рајот, мора да се прочистите од тие што грешеле. И се надевам
дека се уште ви е во сеќавање една предизборна реклама. Нема да коментирам
како партијата помина на изборите затоа што тоа во Македонија е релативна
работа, туку ќе му честитам на авторот на оној спот каде Македонија е
прикажана болна и дека единствениот лек за неа е испраќањето на една не
толку мала група на арамии од претходната власт на тврди столчиња во
затворите. Овој спот е вистинска слика на она што се уште ни се случува, на
болеста која ја боледуваме и која се уште како колера се шири и се заканува
да биде неизлечива. Затоа на Македонија & треба чистилиште, организирана и
правна природна селекција на оние кои се чесни, патриоти и домаќани и на
оние кои се апаши, туѓољупци и растурачи на својата држава, народ и имот.
Треба тврди столчиња за разноразни Љамбевци, Војовци, Балковци, Даравеловци,
Ѓорчевци, Станиновци, Љубевци, Пауновци, Змејковци, на чело со нивниот
премиер, мајсторот на дубарата, Георгиевски. Од ова не треба да се амнестира
ни довчерашниот мозок на апашлакот и разнебитувањето зачинето со
прислушкувањето - госпоѓицата Димовска, а ни молерот Мендух Тачи со
криминалната свита околу него. Притоа треба да се испратат за Хаг сите оние
кои направиле воени злосторства независно дали се членови на владејачки или
опозициони партии. Тоа е чистилиштето со кое новиот мандатар, министерот за
внатрешни работи и независното судство ќе ја направат Македонија повторно
правна, чесна и почитувана држава. Впрочем, ако се прошетате по чаршијатам
ова ќе го слушнете насекаде, народот тоа го очекува. Народот очекува тврди
столчиња за апашите.
ПС: Македонците се познати како наивен народ. Јас не би сакал да е
така, но нешто не ми е логично овие денови во однос на испитувањата што ги
врши господинот Леминг во однос на македонското античко потекло од
Александар Македонски. Има една теорија која во моментов се врти меѓу
народот и вели: Македонија ја доби битката за името, бидејќи целиот свет ја
ословува со уставното име или само Македонија, што е уште попозитивно и
новата власт околу таа работа има крајно олесната позиција за разлика од
Георгиевски кој се согласил со името Горна Македонија со своите грчки
бизнис-партнери. Има ли подобра шанса за враќање на позициите на грчката
страна од евентуалниот доказ на господинот Леминг дека Македонците т.е. ние
не сме потомци на Александар, туку тоа се Грците од Северна Грција?! По
автоматизам, грчката страна има нов решавачки аргумент и светски доказ за
кој ќе ечи светската пропаганда од нивна страна, бидејќи резултатите и
испитувањата биле прифатени од Македонците и тие се нуделе сами за
испитување со што самите сме си се наместиле. Со тоа ќе се докаже дека ние
сме Словени за што Георгиевски отсекогаш грчевито се држел, бидејќи тоа е во
доктрината на ДПМНЕ за историските корени со Бугарите, и тој ќе се покаже
како победник со својот договор за Горна Македонија како добра волја на
Грците кон него, бидејќи ние ќе имаме загубени позиции. Аргументите кои
велат дека ова е уште една голема игра која ние и Р. Македонија треба да ја
изгубиме, треба да знаеме што се прават Англичаните кои никогаш не биле
пријатели на македонскиот народ (единствени не ословуваат со референцата
токму поради Грција), а за тоа говорат фактите при прогонот на Македонците
во Егејскиот дел на Македонија, при сите делби на Македонија, при
формирањето на сегашна Грција со помош на Черчил, фактот дека коските на
Филип се токму во Англија каде што има голем дел од грчката оставнина, а
факт е и тоа дека Грција и Англија се земји кои секогаш имале заеднички
интереси. Затоа не треба да бидеме наивни како милион пати досега дека се во
животот е случајно и дека некој нема друга работа, туку сака да докаже дека
сме потомци на Александар. На Западот се се прави со причина или како што
пишува во англискиот Парламент: "Интересот е вечен".
Сокол Таневски, Скопје
Музичкиот гениј Тале Огненовски не е меѓу добитниците на наградата "11
Октомври"
Одборот за наградата "11 Октомври" од областа на уметноста наградата & ја
додели на првенката на Операта на Македонскиот народен театар, Славица
Петровска - Галиќ. Таа одлука би била исправна кога не би постоел друг
кандидат кој во сите области на компарирање има повеќе заслуги и тоа: во
должината на успешната професионална кариера настапи на светски
најпрестижните концертни сали, критики во угледни светски и наши весници,
издадени грамофонски плочи и CD
албуми…
Тој кандидат е музичкиот гениј Тале Огненовски, најголемиот
инструменталист на кларинет, кавалче, гајдарка и зурла на сите времиња во
светот и еден од најголемите композитори во светската музика, а потврда за
тоа е и CD албумот
на Тале Огненовски насловен "Џез, македонски народни ора и класична музика"
кој се продава во целиот свет преку светски угледната интернет компанија
"Amazon.com".
Фактите за Тале Огненовски се: Тале Огненовски оваа година наполни 80
години и одбележа 65 години брилијанта кариера на професионално свирење на
кларинет. Настапи како виртуозен солист со кларинет и кавалче со
македонскиот државен Ансамбл за народни игри и песни "Танец" на ЦБС
(Columbia Broadcasting System)
телевизиската мрежа (на 22.1. 1956 година, на програмот ОМНИБУС кој беше
виден од милиони Американци) и на светски најпрестижните концертни сали во
Северна Америка (66 концерти, Carnegie Hall,
Chicago Opera House..)
и Европа (186 концерти).
Зборовите "…извонредна музика на стандардни и нестандардни инструменти:
рапавото и незаборавно кавалче…" напишани од John
Martin во The New
York Times (28.01. 1956) се однесуваат и
за настапот на Тале Огненовски како солист на кавалче и кларинет во
Carnegie Hall на 27. 01.
1956 година. Најголеми пофалби во најугледните американски весници доби
македонското народно оро "Шопска подрипнувачка" во кое Тале Огненовски беше
виртуозен солист на кларинет и аранжер на музиката, бидејќи тој додаде свои
сопствени импровизации во ова оро. "...Публиката што го наполни
Carnegie Hall до врвот,
радосно извикуваше и му аплаудираше на големиот ентузијазам на народните
игри, како да беше сведок на изведба од класичен сценски балет во неговиот
најсовршен раскош..." New York Herald Tribune
(Walter Terry,
28.01. 1956 година). "…Заедно тие прават силен приказ на игри каков што
Соединетите Американски Држави, никогаш не виделе",
Life (09.04. 1956 година).
Најголем придонес од музичкиот дел на Ансамблот "Танец" за овие прекрасни
коментари има Тале Огненовски. "Сите што го виделе 'Танец' во Париз и во
другите градови во 1959 година кога вашиот Ансамбл престојуваше нешто повеќе
од два месеца беа фасцинирани… Тоа што 'Танец' го игра верувајте ниеден
Ансамбл на светот не може да го исполни затоа што вашите девојки и момчиња
го инвестираат срцето во играта, а како пример за тоа е кларинетистот Тале
Огненовски…" - рече Raymond Guillier,
продуцент на интернационални спектакли во Париз во интервјуто за "Вечер"
(14.09. 1964 година). На 20 септември 1959 година во Париз Тале Огненовски
со Ансамблот "Танец" два пати настапи во најпопуларните програми на
француската телевизија кои се следени од околу 20 милиони гледачи.
Тале Огненовски компонираше 150 македонски народни ора, концертот "Тале
Огненовски концерт за кларинет бр. 1", и повеќе џез композиции. Неговите
композиции се снимени за дискографските куќи РТБ, Југотон, РТС, МРТ и
Inedendent Records. Тале
Огненовски настапуваше со сите три оркестри на Македонската радио телевизија,
а беше раководител на Народниот оркестар. На угледни универзитети во светот
како што е и "Универзитетот во Вашингтон" од државата Вашингтон во САД
("University of Washington")
се проучува музиката на Тале Огненовски. Тале Огненовски ја доби првата
награда кларинет, како најдобар кларинетист на првиот Републички македонски
фестивал на народни игри и песни во Скопје од 6 до 10 октомври 1948 година.
На југословенскиот (поранешна Југославија) Фолклорен музички фестивал во
Опатија, Хрватска, од 9 до 13 септември, 1951 година, Тале Огненовски со
фолклорната играорна група од битолското село Нижополе ја освои првата
награда во конкуренција на 85 фолклорни играорни групи. Овој фестивал беше
специјално аранжиран за членовите на конференцијата на Меѓународниот совет
за музички фолклор од Лондон. За програмата на Македонската радио телевизија
Тале Огненовски како солист на кларинет ги сними: Концертот
"FIORI ROSSINIANI" од
Cavallini (во
придружба на Ладислав Палфи на пијано, 19.05. 1970 година), "Концертот во А-дур
за кларинет К. 622" од Моцарт и "Adagio for Clarinet"
од Вагнер (во придружба на Тања Шопова на пијано, 18.07.1987 година) кои беа
повеќе пати прикажувани на Македонската телевизија. Неговата музика
беше презентирана на Интернационалната фолклорна конференција во Инстанбул,
1977 година, што предизвика голем интерес кај делегатите.
Биографијата на Тале Огненовски е објавена во книгата "Тале Огненовски
виртуоз на кларинет и композитор" од м-р Стеван Огненовски (книгоиздателство
МАТИЦА МАКЕДОНСКА) и на Интернет-страницата:
www.taleognenovski.com.mk
Ги повикувам пратениците од Собранието на Република Македонија кои
сметаат дека Тале Огненовски ја заслужува наградата, на следната седница да
побараат да се разгледа работата на Одборот за доделување на наградата "11
Октомври".
м-р Стеван Огненовски
Апел за помош
Ние сме тројца во семејството. Се викаме Александар, Анета и Јованче. Ние
сме редовни читатели на "Македонско сонце". Бараме преку вашето списание ако
е можно да ни се помогне.
Ние сме социјални случаи. Бевме во Скопје и баравме помош и никој не
сакаше да ни помогне. Само со ветување, ни бараа 300 евра за запишување во
Заводот за ментално здравје. Каде да ги најдеме тие пари? Ние сме деца без
родители, без никаква помош од никаде. Социјално земавме, а сега и тоа ни го
укинаа и немаме ни да јадеме, ни пари како да живееме во Македонија.
Три месеци бев во Армијата на Македонија. Не знам за кого одев! Треба да
ни помогне државата. Ама, нас никој не не гледа. Секој си мисли за себе. Ако
сакате да ни помогнете, а не ни верувате, дојдете каде што живееме сега, па
ќе се уверите дека немаме ни малку пари за живеење. Ви се молиме како на
Господ да ни помогнете.
Нашата адреса е:
Александар Кузмановски
Населба "Билјаник", Горно Оризари
7000 Битола
Тел. ++389 47/261-399
|