Меѓутоа, со површински премер на локалитетот во 1992 година се зафатил
Виктор Лилчиќ, професор на Институтот за историја на уметност со археологија.
Во таа година во рамките на проектите на Институтот за историја на уметност
и археологија на Филозофскиот факултет, професор Лилчиќ ја изработил
почетната документација за локалитетот "Градиште".
ИСКОПУВАЊА
Планот за локалитетот кој бил направен во 1992 година започнал со
изведување на површински истражувања на падините.
Истражувањата ги започнавме воглавно на јужната и југозападната падина,
вели професор Лилчиќ. Согледавме во тоа време дека имаме силен ѕид
изграден од бел варовен малтер. Формата на тврдината следи некаква
неправилна конфигурација на теренот со едно спуштање на југозападниот дел на
т.н. тераса којашто била населена. Површината на локалитетот е некаде околу
еден хектар што укажува дека имаме една силна тврдина, а можеби и градче. Со
истражувањата констатиравме дека тврдината започнала да прераснува во град
затоа што веќе се оформени едно подградие и две населби чијшто обем се уште
не можеме да го дефинираме, а тие се наоѓаат од двете страни на Вардар.

Монета со ликот на византискиот цар Лекапен (920 - 944
година)

Калап со илустрација на змеј

Оловен крст, железен клуч...

Бронзен прстен
Во организација на тетовскиот Музеј со директорот Среќко Јовановски и со
археологот Гордана Несторовска, професор Лилчиќ оваа година во месеците
септември и октомври ја продолжува втората фаза од истражувањата.
Оваа година веќе преминавме на археолошки ископувања. Извршено е
археолошко сондирање на акрополата - на највисокиот дел од тврдината,
додава професор Лилчиќ. Отворивме една сонда на највисокиот врв да видиме
за што може да станува збор, отворивме и уште три сонди на околу сто метри
северозападно од врвот на акрополата. Со тие сонди успеавме да
допреме до здравицата што значи до најстерилниот слој, така што ги
документиравме основните културни хоризонти на овој локалитет. Не можеме да
зборуваме за целосно дефинирање на просторот затоа што ископувавме само на
тие четири сонди.
НАОДИ
Од она што го откривме можеме да констатираме дека станува збор за
најстар културен хоризонт, најверојатно од бронзено време. Откривме делови,
фрагменти од специфична грнчарија, вази работени со рака, а не на грнчарско
колце со карактеристична оформени рачки, вели професор Лилчиќ.
Отприлика тоа се мали мешести садови со рачки некој вид праамфори. Немаме
некои поконкретни информации за почетокот на првиот милениум пред новата ера,
односно за железното време, како да настанал некој застој. Од античкиот
период немаме добро дефинирано архајски, класичен период, меѓутоа во
хеленистичкиот период и доцниот хеленизам е застапен со карактеристични
фрагменти од садова керамика со широки рачки. Откривме и едно копје кое
потсетува на македонските сарици, оние со кои Александар Македонски успеал
да го освои истокот. Наспроти неговите сарици кои биле издолжени со
централно ребро, откриената сарица е кусо лисесто копје, но најверојатно е
од тој временски период.
Покрај овие наоди, професор Лилчиќ говори и за една откриена
републиканска сребрена монета којашто на аверсот има претстава на една
женска фигура, можеби некоја божица, а на реверсот е една свештеничка -
божицата на огнот - која во рацете држи една луцерна - кандилце. Освен оваа
монета која е откриена во 1992 година, професор Лилчиќ ги наведува и другите
наоди.
Еден бронзен прстен, повеќе фибули (безопасни, игли), една од нив е од
словенсковизантиски тип со подвиткана нога од што може да се констатира дека
уште тогаш словените се присутни на тој простор, истакна професор Лилчиќ.
Исто така имаме ранохристијански крстови од олово на некои посиромашни
слоеви, потоа имаме мали клучиња од железо, копје итн. Имаме еден интересен
наод од таа доцна антика или пак од среден век, т.н. мрачен век, еден мал
приврзок од две полутопки на кои се вдлабени некакви фигури кои наликуваат
на змејови. Служел за калапење на мали украси. Откривме и повеќе монети од