е приложиме и други докази во
полза на бесмисленоста на хипотезата за која досега пишуваме. Некои од
собирачите на македонски умотворби од 19 и 20 век оставиле прецизни податоци
за луѓето од кои ги бележеле овие умотворби.
Така, на пример, за Стефан Верковиќ се знае дека огромен дел од творбите
што ги објавил, самиот ги забележувал. Во врска со ова, неговиот современик
свештеникот Маџаров, за собирачката дејност на Верковиќ, сведочи:
"Тој собираше околу себе стари мажи и жени, секакви просјаци и
песнопојци и ги распрашуваше за едно или за друго и главно од нив запишуваше
стари песни и приказни" (М. Арнаудов: "Верковиќ и Веда Словена",
БАН, Софија, 1968, стр. 173).
Што се однесува до песните за Александар Македонски, Стефан Верковиќ
јасно запишал дека податоци за едната од нив добил од македонскиот овчар
Стојан Мечкаров (некаде во средината на 19 век). Понатаму, Верковиќ запишал
две песни за Александар Македонски и од страна на слепиот пејач Јован
Михаилов од село Броди, Серско (Кирил Пенушлиски: "Народната култура на
Егејска Македонија", Мисла, Скопје, 1992, стр. 120).
Верковиќ наведува податок и дека една македонска народна песна за
македонскиот митски лик Орфеј запишал од баба Злата Шопова од селото Крчово,
а неколку стихови од песна за Орфеј му кажала и Марија Шопова од селото
Црвишта. Сето тоа било во средината на 19 век.
Пак ќе го спомнеме сведоштвото на генералот Франсоа де Тот, според кое,
уште на крајот од 18 век, од група македонски градежни работници, била пеана
песна за Александар Македонски.
Постојат извесен број податоци и за раскажувачите на народните приказни
што ги запишал Марко Цепенков. Меѓу нив доминирале занаетчиите, меѓу кои
имало: безирџија, бербер, бојаџија, гајтанџија, градинар, грнчар, калапчија,
кантарџија, кафеџија, кондураџија, крпач, лебар, тенекиџија, фурнаџија,
чизмар и други (Марко Цепенков: "Во светот на приказните", цит. дело,
стр. 533).
Веќе ги спомнавме и браќата Хаџи Секови од селото Сосалија, кои пред
македонскиот преродбеник Исаија Мажовски испеале песни за
античко-македонскиот цар Каран за кои рекле дека ги запомниле од своите
предци.
И Кузман Шапкарев запишал дека од својот татко слушал приказни за
Александар Македонски. Несериозно е да тврдиме дека неговиот татко ги "измислил"
тие приказни, туку и тој исто така ги наследил од своите предци.
Овде секако е и рускиот учен Виктор Григорович кој за време на својата
посета на Македонија (1844 -1845 година) запишал народна приказна за
македонскиот цар Филип Втори.
КОЈ ГО ЧИТАЛ РОМАНОТ "АЛЕКСАНДРИДА"?
Знаејќи ги овие податоци, уште поапсурдна (па дури и помалку комична)
станува хипотезата според која античко-македонските елементи во македонскиот
фолклор биле изблик на "романтизам", настанат врз основа на романот "Александрида".
Едноставно, може ли некој сериозен истражувач да тврди дека, на пример,
почитуваниот овчар Мечкаров и слепецот Јован Михаилов (од кои Верковиќ
запишал вакви песни) биле полиглоти, кои своето познавање на неколкуте
европски јазици, го искористиле за читање и анализа на романот за Александар
Македонски, а потоа, инспирирани од тој роман, седнувале и создавале песни
за Александар Македонски!? Замислете си ги овчарот Мечкаров и слепецот
Михаилов како во 19 век седат еден до друг и заеднички го читаат романот "Александрида"
(и тоа на некој од европските јазици!), а потоа измислуваат песни за него
(!?). Дали е тоа можно? Одговорот е - да, но само во фантазијата на
поборниците на панславистичката теорија за исклучивото заткарпатско потекло
на денешната македонска нација.
Според фантазијата на овие субјекти, исто се случувало и со градежните
работници кои ги споменува Франсоа де Тот. И овие најверојатно неписмени
работници испаѓа дека го читале романот за Александар Македонски (иако тогаш
воопшто не бил објавен на Балканот во печатена форма), а потоа ја измислиле
и ја пееле песната за него!? Ако е така, тогаш сигурно дека такви биле и
браќата Хаџи Секови од селото Сосалија (најверојатно сточари, штом Евреинот
кој ги посетил од нив купил волна), кои немале друга работа, па откако добро
ја проучиле античката историја (посебно Херодот, кој пишува за царот Каран),
седнале и измислиле песни за овој македонски цар.
Исто така, страстен читател, не само на романот "Александрида",
туку и на повеќе други дела од античкото творештво испаѓа дека била и баба
Злата Шопова од селото Крчово, која врз основа на сознанијата до кои дошла,
подоцна ја измислила песната за Орфеј (!?). Експерт во познавањето на
античката историја и митологија испаѓа дека била и селанката Марија Шопова
од село Црвишта, која исто така знаела неколку строфи од песната за Орфеј, а
врвни познавачи на античката историја испаѓа дека биле и занаетчиите (кондураџии,
тенекиџии, фурнаџии и други), кои му раскажувале приказни на Марко Цепенков
во кои провејуваат елементи од антиката. Верен читател на романот "Александрида"
испаѓа дека бил и (веројатно неписмениот) татко на Кузман Шапкарев, а
стручњаци за античката историја и митологија испаѓа дека биле и сите
преостанати наши сонародници кои им ги кажувале македонските народни творби
со елементи од антиката на запишувачите од 19 и 20 век. Според логиката на
нашите поборници на теоријата за исклучивото словенско заткарпатско потекло
на македонската нација, сите овие наши сонародници не само што биле експерти
за античко-македонската историја (но и пошироко, на целата античка историја)
и не само што боледувале од "романтизам", туку биле и еден вид измамници,
затоа што самите измислувале творби под влијание на делата што ги читале, а
потоа ги подметнувале таквите творби како народни. Навистина нашите предци
не заслужуваат вакво понижување и омаловажување.
Но, еве да претпоставиме дека (во склад со толкувањето на нашите
екстремни панслависти) овчарот Мечкаров, слепиот Михаилов, бабата Злата
Шопова и преостанатите горенаведени лица, во својство на полиглоти, и
навистина успеале да прочитаат некој од преводите на романот "Александрида"
на некој од туѓите јазици. Дури и да е така, останува без одговор уште едно
фундаментално прашање. Имено, податоци за постоење на песни за Александар
Македонски има неколку децении, па и векови, пред појавата на првиот печатен
превод на овој роман на Балканот (легендата што ја слушнал Белон во 16 век и
песната спомната од Франсоа де Тот од 18 век). Но, нашите панслависти молчат
пред овие податоци.
АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ - ПРЕНЕСУВАЧИ НА АНТИЧКИТЕ МОТИВИ
Ист е случајот и со елементите во античката митологија во нашиот фолклор.
Се поставува прашањето: врз основа на кои механизми овие елементи стигнале
од античката митологија до фолклорот на Македонците во 19 и 20 век? Доколку
се тврди дека и овие елементи во македонскиот фолклор биле производ на "романтизмот"
во 19 век, тогаш се поставува прашањето: како дошле нашите предци од 19 и 20
век до овие мотиви? Овде пак ќе потенцирам дека треба да се исфрли од
науката тврдењето дека ова се мотиви од "Грчката митологија", врз основа на
кои нашиот народ во 19 и 20 век наводно создавал творби. Како прво, веќе
докажавме дека терминот "Грчка митологија" апсолутно не одговара на
севкупната содржина на оваа митологија. Како второ, се поставува прашањето:
од каде среде нашите предци во 19 и 20 век во толкав обем "грчки мотиви"?
Зарем античките Грци имале времеплов, па доаѓале од антиката за да им ги
раскажуваат ваквите мотиви на нашите предци од минатиот и предминатиот век?
Факт е дека во 19 век (но и пред тоа) можеби единствени грчки субјекти со
кои нашиот народ доаѓал до помасовен допир биле свештениците, кои
дејствувале во Македонија. Па, дали можеби од нив нашиот народ ги прифатил
во својот фолклор елементите од античката митологија? Мислам дека такво
нешто не треба ни да се помисли. Замислете си свештеник во 19 век, кој за
време на својата проповед, им ја раскажува на Македонците, на пример,
легендата за грабнувањето на принцезата Европа од страна на Зевс, кој притоа
бил престорен во бик. Дали е тоа можно? Секако дека не. Веќе спомнавме дека
во македонскиот фолклор постојат низа елементи преземени од Библијата, но за
нив со сигурност може да се каже дека до Македонците стигнале преку Црквата
(главно преку усните проповеди на свештениците). Но, кој им ги проповедал на
Македоцните од 19 и 20 век античките митови, врз основа на кои тие подоцна
наводно "создавале" народни умотворби? Тоа не можеле да бидат ни Турците, на
кои оваа митологија им била речиси непозната. Одговорот се наметнува сам по
себе. Овие елементи тие ги наследиле од своите крвни предци - античките
Македонци за чие постоење во Македонија наведовме повеќе историски сведоштва.
Античките Македонци со векови пред својата христијанизација ја практикувале
античката митологија и сигурно дека нејзини елементи останале врежани во
нивниот фолклор, преку кој дошле и до Македонците од 19 и 20 век. Впрочем,
веќе рековме дека ова го признаваат и нашите фолклористи кои пишуваат дека
денешните Македонци имаат културно наследство од "староседелците" (античките
Македонци).
Сепак, и наспроти овие факти, некои субјекти и натаму тврдат дека наводно
"со сигурност се знаело дека песните со античко-македонски мотиви биле
создадени во 19 век", што значи дека пред тоа вакви песни во македонскиот
фолклор "немало" (!?). За да ја разобличиме ваквата невистина ќе потсетиме
на ноторниот факт дека досега не е откриен ниту еден интегрален запис на
текст од македонска народна песна од 17 и 18 век! Од 16 век, пак, останал
запис на само една единствена македонска народна песна (со љубовна содржина)
и таа се смета за најстарата откриена запишана македонска народна песна (д-р
Томе Саздов: "Македонската народна книжевност", цит. дело, стр. 15).
Значи, ако се има предвид фактот дека од 17 и од 18 век не постои ниту еден
запис на текст од македонска народна песна, тогаш со кое право
горенаведените субјекти тврдат дека "со сигурност се знаело дека песните со
античко-македонски мотиви се појавиле во 19 век" (што автоматски значи дека
такви творби немало во 17 и во 18 век)? За да се тврди такво нешто треба да
се познава целиот македонски фолклор од 17 и од 18 век, но тоа не е можно
затоа што од ова време не постои ниту еден запис на целосен текст од
македонска народна песна! Конечно, по којзнае кој пат ќе го спомнеме
сведоштвото на Французинот Франсоа де Тот за постоење на песна за Александар
Македонски уште од крајот на 18 век, што дефинитивно ги побива тврдењата
дека наводно овие песни биле создадени во 19 век.
(Продолжува)