ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Реконструкција на Храмот "Свети апостоли Петар и Павле" во скопската населба "Ѓорче Петров"

БОЖЈА ОАЗА КАКО СОБОРЕН ПАМЕТНИК

Пишува: Драган ЗАФИРОВ

  • Очите Господови преку овој втор Плаошник ќе го постелат бесмртниот дух на Свети Климент Охридски и Свети Вмч. Пантелејмон во просторот на оваа ѓорчепетровска парохија и скопското поднебје. Во оазата која се простира во ова свето место се раѓа и новиот македонски Ерусалим, обнижен со многу цркви и манастири.

Да забележиме: свештенослужителот, духовниот воспитувач, творецот и вљубеникот во Господа, човекот од адамовото образие, камен-темелникот на еден нов Плаошник, вљубеникот во својот храм, жизнен преобразител на своите верници, татко на еднохрамово братство кое цути кон небесата - тоа е тој кој живее за својата нова родена црква и умира за неа. Тоа е отец протојереј ставрофор, примерниот Господов служител, господинот Харалампие Ангелковски, роден во пазувите на Господовата убавица Шара, огреан од македонското сонце. Старешина и мислител на светиот храм на апостолите Петар и Павле, сега новородениот паметник кој се раѓа од пазувите на пресветлиот македонски и охридски Светиклиментов светилник, бесмртниот православен Плаошник.

Храмот на апостолите Петар и Павле набрзо ќе добие нов лик

Отец Харалампие Ангелковски, старешина на храмот "Св. апостоли Петар и Павле"

Постоеше црква, логички втора по големина во нашиот град, надворешно обична и скромна, а внатрешно драга и духовно топла. Сега таа иста црква преоблечена и преобразена ќе биде најубавата, вистински волшебен лотосов божји цвет. Таа ќе биде најубавата и вистинска приказна подарена за бога и нашиот православен христијански престолен бастион - македонско Скопје.

БОЖЈИ БЛАГОСЛОВ

Се почна со разговори, договарања, и тие се претворија во вистина. Проектите кои чудно мируваа се претворија во јаве. Воскресна една умна размисла. Вљубеникот со своите истомисленици ја бараше мошне трновито формулата да се биде или не. И бидна ден и ноќта се претвори во едно утро и мудрата размисла го турна каменет и пречката. Почнуваме, Господ е со нас. Почнуваме и ќе победиме и навистина победивме. Почнавме со малку, а таа се раѓаше во поентата љубов, а љубовта се роди во вистината, а вистината во божји благослов. Успеавме мачно, трновито, непоспано, во неизвесност загрижени и радосни за на крајот да го дочекаме нашето долгоочекувано воскресение подарено од Бога, од луѓето, од поентата на вистинскиот човек и нашата волја да успееме. Така не научи Светото Писмо, нашето Евангелие. Отец Харалампие не научи, и тој со нас, и тој сам како татко координатор со архитектите и смелите ангели, мајсторите од Мала Преспа победија и го турнаа тој тежок камен на пречка и размислување дали ќе успееме. Параболата човек победи. Црквата во својата реконструкција ја проектираа инженерите-архитекти, господинот Пане Равановски и господинот Јордан Јакасановски, кои со умност и успешно размислување успеаја со целиот свој пиетет да створат светол Проект во кој незаборавно и трајно ќе го запечатат своето дело, својата мудрост, своите имиња во душата на овој паметник, во кој ќе биде запечатено и името на координаторот, творецот, свештеникот, старешина на храмот, отец Харалампие Ангелковски. Мајсторите, каменорезбари со своите златни раце самопрегорно со восхит победија.

СОНЧЕВ СВЕТИЛНИК

Работите на реконструкцијата од која ќе излезе новооблечениот и новородениот храм паметник, се при крај и наскоро ќе биде надворешно осветен, свечено со присуство на Поглаварот на МПЦ, Неговото Блаженство, г.г. Стефан, кој е исто така влубеник во овој нововозобновен соборен паметник за "Ѓорче Петров" и неговата парохија. Тој е преубав, во стилот на пресветлиот Плаошник, и ќе биде гордост и верски волшебник не само за "Ѓорче Петров", туку и за нашиот главен град Скопје и целата наша земја. Поентата човек, и отецот духовник, татко и втемелувач, ќе го донесе факелот од своето родно огниште, гордото шарско село Печково од гостиварското поднебје. Венецот од овој цветен македонски крај на божјата слава и благодет ќе се вреже во камените образи на овој свет сончев светилник. Очите Господови преку овој втор Плаошник ќе го постелат бесмртниот дух на Свети Климент Охридски и Свети Вмч. Пантелејмон во просторот на оваа ѓорчепетровска парохија и скопското поднебје. Во оазата која се простира во ова свето место се раѓа и новиот македонски Ерусалим, обнижен со многу цркви и манастири. Вечноста на бесмртната Македонска православна црква осветлена од Милениумскиот крст кој се протега на скопско Водно ќе стане и основоположник на нашата света афтокефална Македонска православна црква.

Со благослов на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Амин.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"