Ова беше воедно и најголем собир досега на една шаховска олимпијада која
беше карактеристична по две работи: освен репрезентацијата на Русија која и
пред самиот турнир беше најголем фаворит за освојување на првото место,
другите репрезентации беа со горе-долу изедначен квалитет, така што за сите
други места кои носат медал се водеше голема борба. И, вториот настан кој го
привлече вниманието на светската шаховска јавност беше појавувањето во
рускиот национален тим на доскорешниот светски шаховски првак и убедливо
светски шахист со најголем рејтинг на денешницата, живата легенда, Гари
Каспаров. Една таква Русија која го има големиот Каспаров во своите редови,
неприкосновено го освои првото место и уште еднаш покажа дека уште долго ќе
владее со шаховскиот свет.
ИЗНЕНАДУВАЊЕ
Она што со посебно интересирање го очекувавме во Македонија беше настапот
на нашата шаховска репрезентација која појде со една тешка задача, а тоа
беше да го потврди големиот успех постигнат на минатата Олимпијада кога се
промовира како најпријатно изненадување со тоа што го освои високото седмо
место. Токму на оваа Олимпијада нашите репрезентативци имаа за задача да
докажат дека таквиот успех не беше ниту изненадување, ниту пак случаен.
Но, имајќи го предвид квалитетот на репрезентациите кои зедоа учество на
оваа Олимпијада, некако не остави со резерва и нашите очекувања беа да се
најдеме во горниот дел од табелата. Но, надежите дека сепак можеме да
успееме ги базиравме на засилената репрезентација која настапи таму. Имено,
нашата репрезентација настапи со засилен состав со велемајсторите Кирил и
Владимир Георгив кои со својот рејтинг не сместија во горниот дел од
првичното рангирање. Други репрезентативци кои ги бранеа боите на Македонија
беа велемајсторите Никола Митков и Трајко Недев, како и интермајсторите
Дејан Стојаноски и Звонко Станојовски.
Натпреварите ги почнавме одлично и по првобитните успеси навистина се
надевавме на висок пласман, а можеби потајно посакувавме да се бориме и за
медал, меѓутоа кон средишницата на турнирот нашата форма стагнираше и
направивме неколку резултати кои не ни беа планирани, така што високиот
пласман беше доведен во прашање. Но, нашата вистинска сила се покажа на
крајот кога е и најпотребно, кога со неколку добри резултати го освоивме
одличното осмо место со што речиси го повторивме успехот од минатата
Олимпијада. Тоа беше најдобар начин да докажеме дека сите наши резерви во
однос на пласманот беа неосновани и дека навистина вредиме во шаховскиот
свет. Навистина вреди да им се оддаде признание на сите наши шахисти затоа
што со својот успех на најдобар можен начин ја презентираа и афирмираа
нашата земја.
НЕУСПЕХ
За разлика од машката репрезентација, женската комплетно разочара. Иако
бевме свесни за квалитетите на нашите репрезентативки, сепак потајно се
надевавме дека ќе успеат да изненадат на оваа Олимпијада и ќе го подобрат
својот пласман од минатата Олимпијада. Но, со резултатот кој го постигнаа
тие се пласираа во вториот дел на табелата што секако се смета за неуспех на
оваа Олимпијада. Тоа пак треба да ни говори дека шаховскиот сојуз на
Македонија треба да поведе особено внимание на развојот, промоцијата и
афирмацијата на македонскиот женски шах.
Кај мажите, пак, можеме да забележиме дека се промовира една нова
генерација од која секако очекуваме многу повеќе успех на наредните големи
натпреварувања. Дека вредиме во шаховскиот свет покажуваат не само
резултатите на последните две Олимпијади, туку и резултатите кои нашите
екипи ги постигнуваат во шаховската Лига на шампиони. Исто така треба да се
поздрави и потегот на селекторот на нашата шаховска селекција кој за оваа
Олимпијада го зеде и младиот и екстра талентиран Дејан Стојаноски кој треба
да се искали токму преку вакви тешки натпревари.
ОДБОЈКА
Одбојкарска Европа во своите натпреварувања на клупски план ќе има
можност да види и македонски екипи. Имено, на претквалификационите турнири
нашите шампиони во машка и женска конкуренција успеаја да постигнат добри
резултати и машката екипа на работнички влезе во најквалитетното
натпреварување Топ Тим купот, додека пак женската екипа на "Кометал студент",
и покрај тоа што не избори пласман во женскиот топтим, ќе игра во ЦЕВ купот.
Натпреварите на овие две екипи ќе овозможат популаризација на овој
атрактивен спорт во Македонија, а нашите играчи ќе се стекнат со поголемо
искустви со што со право можеме да очекуваме и подобри резултати на нашата
репрезентација.