КОМЕНТАР

Сито и Решето

ПОПИСНА АСИМИЛАЦИЈА

Од Редакцијата

Државните органи задолжени за извршување на Пописот во Република Македонија велат дека тој успешно завршил. Но, веднаш потоа самите се демантираа оти попишувачите од гостиварско и од село Танушевци не го предале пописниот материјал на статистичарите. Истовремено во кичевското село Зајас, родното место на лидерот на ДУИ и на т.н. ОНА Али Ахмети, коалиционен партнер во Владата, не може да се спроведе постпописното истражување. Слична песна, или битка среќаваме во кумановското село Отља. Двата бастиона на албанскиот национализам и радикализам не дозволуваат Република Македонија да ги спроведува своите функции.

Зарем ова не се доволно аргументи дека Пописот не мина така лесно. Во волчјите дупки се случуваа многу инкриминирани политички работи.

Прво, на територијата што не е под контрола на македонската полиција, или тоа фиктивно ни се прикажува, не се знаеше кои лица го вршеа попишувањето. Потоа, на "ангро", на големо се впишуваа лица што со години не дошле во своите домови, бидејќи работат во странство. Тоа го правеја со фотокопирани документи, пасоши и други манипулации. Што подоцна беше докажано и од самата Државна пописна комисија, а и од меѓународните посматрачи. Да не зборуваме и за украдениот пописен материјал што се случи во Тетово. Тоа не се изолирани примери како што сакаат одредени политички кујни да ги прикажат, туку говорат за сериозноста на проблемот што впрочем на неколкупати во последнава деценија ни се провлекува и ни се наталожува. Пописите во Македонија станаа кантар за национално "поткусурување", односно самодокажување. Притоа, и едните и другите фрлаа со дрвја и со камења во подготвителниот период, но затоа ја ескивираа својата одговорност од најголемата, најскапата и најсложената статистичка операција во земјава. Лесно им е на лесноумните, но што ќе правиме со неразумните и мошне паметните политичари? "Статистичката крв" вода не пие! Таа е егзактна наука.

ПРОБЛЕМИ ВО ПОПИСНИОТ РЕОН БР. 22

Најголемите забелешки од теренот пристигаат од Македонците со исламска вероисповед кои се обидуваа да ги "прекрстат" дека се Албанци, Турци, иако тоа неселение чисто го говори македонскиот јазик. Оваа класична"револверашка" војна со бројки всушност зборува за асимилација на македонското население чија вероисповед е слична со други етнички малцинства во Македонија. Меѓутоа, оваа опасна политика има друга цел. Бркање на поголема процентуална застапеност, односно борба за докажување на квази-тезите што ги слушаме од Албанците, а во последно време и од политичарите од турска националност во Македонија. Ваквите лоши примери најмногу биле застапени во пописниот реон број 22 од општина Дебар и во Центар Жупа каде што концентрацијата на Македонците со исламска вероисповед е најголема. Затоа инволираноста на политичките фактори во земјава фрла сенка врз регуларноста на Пописот на населението, становите и домаќинствата. Ако се суди според реакцијата на нивните претставници тогаш молкот на државните органи уште повеќе ја докажува реалноста на теренот што во последниве петнаесетина денови ни се случуваше. Оваа мошне лукава и итра асимилациона игра носи голема тежина со далекусежни негативни последици. Затоа неажурноста на официјалните државни органи носи хаос и безредија. Нови тензии и нови меѓунационални перипетии.

ТРОМБ ВО КРВОТОКОТ

Битката со процентите не е наивна детска игра во кал, туку подла и валкана политичка ујдурма. Во неа страда обичниот свет кој не умее да се избори за сопствените лични и национални чувства, бидејќи нема никаква потпора. Затоа, ова не е само битка со манипулаторите, туку беспоштедна борба против калкулантите и недостојните политички емисари. Македонија памети вакви примери, но најмногу пати од лажните душегрижници и нивните марифетлуци. Лесно им е на нив да боцкаат, кога нема некој да ги казни. Но, затоа постојано стапот го јадат нашите браќа, Македонците со исламска вероисповед. Затоа мора да му се застане на патот на поделбата. Сите се Македонци. И оние во земјава и оние што се надвор од неа.

Верата и националното чувство не треба да се мешаат, туку да се приближат до современите културошки и граѓански придобивки. Меѓутоа, нас не газат некои други фактори т.е. македонските имбецили. Тие се тромб во нашиот крвоток. Постојано го уриваат националниот столб.

СПЛОТЕНОСТ

Пописот ќе заврши, странските демографски стручњаци ќе си заминат, но останува прашањето дали ќе умееме да живее меѓу себе, а да не се касаме? Веруваме дека подјадувањето, пребројувањето и асимилирањето ќе продолжи. Тоа не е борба што може денес да заврши. За тоа е потребна македонска национална сплотеност. Но, тоа е стара болка која што се провлекува со стотици години и не се лекува така лесно. Ние сме единствената нација која сме душмани и постојано ги бркаме нашите Македонци со исламска вероисповед. Но, тоа не е единствената традиционална грешка. Досега ниту еднаш не сме се обиделе да го заштитиме нивниот национален интергитет. Притоа, моравме да им овозможиме економска, социјална и секаква друга помош. Затоа одделни нивни претставници се одродуваат од македонското национално ткиво, или потклекнуваат пред асимилаторските притисоци кои континуирано се случуваат на просторите каде што живеат. Во тој контекст се збиднувањата со Пописот во Македонија.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"