| |
Неправилности во попишувањето
Меѓународната набљудувачка мисија оцени дека попишувањето во РМ е
изведено во добра атмосфера. Сепак, како што потенцира претседавачот на
Меѓународната набљудувачка мисија за пописот во нашава земја, Халгримур
Снорасон од Исланд, биле забележани неколку инциденти и неправилности во
попишувањето, како на пример, проблеми со идентификацијата на документите и
колебливост како да се справат со нив, несигурност на населението дали и
како треба да бидат вклучени во пописот луѓето коишто живеат во странство.
Тој наведе дека во некои области е регистрирана употреба на фотокопии од
документи и тенденција во домаќинствата да се вклучат лица кои се во
странство повеќе од 12 месеци. Според него тоа може да влијае во некои
општини, но не и на вкупниот исход од пописот во целата земја. Државниот
завод за статистика информираше дека во кичевското село Зајас и во Отља,
Кумановско, не може да почне постпописното истражување, а од Гостивар и од
Танушевци, кое е дел од пописниот реон Чаир, статистичарите се уште не ги
добиле пописните материјали.
МОСАД во Скопје
Одредени македонски медиуми објавија дека агенти на израелската
антитерористичка служба МОСАД неколку дена беа во Скопје и се грижеа за
обезбедувањето на нивната фудбалска репрезентација, која оваа недела го
одигра пријателски меч со Македонија. Портпаролот на МВР, Воислав Зафировски,
не можеше да потврди дали агенти на МОСАД биле во Скопје.
Неколку припадници на МОСАД биле во Скопје уште минатата среда, кога се
играше кошаркарскиот натпревар Фершпед Работнички - Хапоел Ерусалим. Двајца
од нив, биле во салата во Градскиот парк, облечени во костуми, и
комуницирале со радио врска.
Службен автомобил само за екс- премиерот
Од сите функционери, само тој што бил премиер ќе има право на лично
обезбедување, на возач и на службено возило во период од една година по
истекот на мандатот, реши Владата.
Таа ја укина одлуката на претходниот владин кабинет, кој предвиде
заштитата и службените привилегии на премиерот, претседателот на Собранието
и на министрите за внатрешни работи и за одбрана да продолжи уште четири
години откако ќе им престане функционерскиот мандат.
Ахмети ќе ги почитува државните симболи
На тркалезната маса на тема "Албанците и соседите", што се одржа во
швајцарскиот град Луцерн, лидерот на ДУИ Али Ахмети, рекол дека се
заинтересирани за независна и стабилна Македонија и дека се подготвени да
сторат се во насока на целосно исполнување на Рамковниот договор, како и да
ја ослободат Македонија од стравот за какви било војни, или за каква било
промена на границите. Ахмети изјавил дека Албанците во Македонија треба да
ги почитуваат државните симболи и дека постои подготвеност тоа да го прават.
Формиран Комитетот за односи меѓу заедниците
Собранието на Република Македонија на последната седница основа Комитет
за односи меѓу заедниците, што е обврска од член 78 од Уставот, со што
фактички отвори пат за законодавни активности кои се однесуваат на
регулирање прашања што произлегуваат од Рамковниот договор во делот за
остварување на реформите во локалната самоуправа и децентрализацијата на
власта во државата. Комитетот за односи меѓу заедниците ќе биде составен од
19 члена, по седум од пратеничкиот состав ќе бидат Македонци и Албанци, а со
по еден претставник ќе партиципираат народните избраници, етнички Турци,
Власи, Роми, Срби и Бошњаци. Доколку некоја од заедниците кои живеат во
Република Македонија немаат пратеници, тогаш народниот правобранител, по
консултации со релевантни претставници на тие етникуми, ќе предложи и други
членови на Комитетот.
Опстанокот на Владата зависи од мирот
За опстанок на Владата е потребна добра волја на учесниците, но и
релативен мир, особено во поранешните кризни подрачја, каде што Албанците
доминираат над Македонците, кои остануваат ранливи. Се проценува дека 31.795
Македонци живеат во области каде што Албанците се мнозинство
- пишува во најновиот извештај на Меѓународната кризна група.
Кризната група оценува дека ако дојде до напад врз етничките Македонци,
во овие кризни подрачја, или врз полицијата распоредена таму, може да се
јават повици за полициски одговор. МКГ оценува дека македонската полиција се
уште не е способна да изврши солидна полициска операција во овие краишта.
Македонија во следниот круг проширување?
На самитот на НАТО, кој започна во четвртокот во Прага и е оценет како "историски",
Македонија очекува Алијансата да ја продолжи политиката на отворена врата.
Според најавите, во Прага покана за членство ќе добијат Естонија, Летонија и
Литванија, Словачка, Словенија, Романија и Бугарија. Македонија ќе се
претстави со концептот за регионална соработка заеднички со Албанија и со
Хрватска, земји што се гледаат како најсериозни кандидати за членки во
следниот круг од проширувањето.
НБМ "арбитрира" меѓу две банки
Народна банка на Македонија, како што информираат медиумите, од засега
недефиниран интерес се јавува како странка и арбитер во судскиот спор за
кредитни побарувања меѓу "Македонска банка" и "Експорт-импорт банка", тешки
околу два милиони евра. Гувернерот Љубе Трпевски деновиве од министерот за
внатрешни работи Хари Костов побарал засилено обезбедување поради закани за
неговата безбедност.
|