КОМЕНТАР

Македонски плурализам

МОЖЕ ДА НИ СЕ СЛУЧИ НАРОД

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Црвенковски доби втора шанса која не смее од морален и етички аспект да ја злоупотреби. Во спротивно небрзо може да се збогува со политичката сцена како човек кој и во два наврата не успеал да стори нешто добро за својата земја и за својот народ.
  • Достигнувањата ги креираме самите ние. Некој однадвор не може да ни го донесе просперитетот и благосостојбата, мирот и соживотот ако за тоа не се избориме самите.

Новата Влада почна да работи. Смело. Коренито. Ќе ги кастри девијациите на претходниците. Чекор, по чекор да се неутрализираат последиците од ризичните потези на "реформистите". Криминалните структури не сакаат да седнат на фотелјите кои треба да ги поткинат корените на корупцијата и арамилакот. Така ќе се самоубијат. Ова е новото македонско политичко патешествие. Се развива во прифатлив, неизбежен и единствено алтернативен правец доколку ја сакаме иднината во нормални рамки. Но, процесот да се стигне до неа е многу долг и суров, неизвесен, оспоруван. Некого ќе го здоболи. Без тој процес не можеме да бидеме држава, без тој процес ќе ги немаме институциите, ќе го снема и народот.

Овој зафат треба да ја порази мафијашката структура од политичките кругови на партиските асамблеи, да ја порази корупцијата која пак на своевиден начин го изроди тероризмот на овие простори. Многумина ќе прашаат зошто корупцијата се доведува во корелација со модерниот тероризам, но тоа е факт. Синџирест спој и врска на две зла. Државата и од двете пропати како од едно. Дојде времето некако да се средат работите, да се преиспитаат нештата, да се ревидираат пропустите и незаконитите дејанија на уживателите на власта. Да се утврди кој и зошто го правел сето тоа на сметка на својот народ, зошто и како ја злоупотребувал позицијата на која некој го поставил. Опоненти на ваквиот процес не треба и не смее да има. Тие личности ќе застанат во одбрана на поимот корупција и само ќе докажат дека на директен или индиректен начин биле учесници во матните зделки и бизнис договори во периодот што одмина. Се е јасно. Ќе има и бегање од одговорноста, ќе има и вештачко сопирање на акциите, ќе се долева масло на огнот.

ВРЕМЕ Е ЗА ОТЧЕТ!

Задолжителните ресори и комисии задолжени за расчистување на ваквите прашања во ниеден момент не смеат да покажат степен на колебливост, плашливост и нерешителност. Истрајност ќе мора да има. Големината на новоизбраните во извршната и законодавната власт ќе се согледа токму тука. Пред лицето на правдата да се изнесат сите грешници и егзекутори за да му се покаже на граѓанинот дека правната држава се уште постои, дека не исчезнала. Во касите е празно. Како вземи да пропаднале и парите и документацијата, а се удира в гради за домаќинлакот, за рентабилноста и профитабилно работење. Новите министри најдоа хаос. Впрочем не најдоа ништо, апсолутно ништо. Бегањето од суровата вистина и одолговлекување на работите новите опозиционери како од македонскиот така и од албанскиот политички блок може многу скапо да ги чини. Никола Груевски беше истакнуван за најдобар во последниве години, дури и некои анализи надвор од земјава го потврдуваа тоа. Гошев пак деновиве како негов наследник информираше за хаосот и пустошот што неговиот колега го оставил зад себе. Затоа зачудува оценката на врвната професионалност на егзекуторите на македонското стопанство и економија. Оттука се прашуваме: кој е во право, кој ја зборува вистината? Секако не оние кои бегаат од реалноста и одговорноста. А, за да се дојде до реалноста и до професионалната одговорност на секој поединец во ова општество неминовно е да се следи расчистување и отстранување на непрофесионалците и залутаните личности од позициите на кои моментно се уште се наоѓаат. Да се сопре процесот на целосна деградација на секоја пора во институциите на системот со луѓе кои ќе знаат и умеат, искрено и чесно да го спроведат тоа. Во наредните шест месеци Македонија мора безусловно да излезе од агонијата во која западна последниве години, да ја реши безбедносната сфера, да ги подигне економските показатели, да го застане на цврсти нозе уништеното стопанство. За сето ова постојат извесни предуслови и надежи, ги нема повеќе персоните кои намерно или случајно пустошеа се пред себе и зад себе. Тие луѓе без никакви ограничувања треба да се најдат пред судот на правдата како втора фаза од нивната казна (првата беше судот на народот на 15 септември). Секоја дефанзива и амнестија за стореното од органите на новите власти, ќе ги поттикнат се уште обемните структури на политичката мафија во земјава да продолжат со започнатото темпо по патот кој ги носи кон неограниченото и безмерното богатство. Народот очекува безмилосна акција. Ако добро се сеќаваме, промените во деведесетиосмата настапија токму поради тоа, отсуството на стратегија за соборување на криминалните дејства на поединци и групи во тогашните владеачки структури. Промените и во 2002-та дојдоа поради тоа. Прекумерната лакомост на "патриотите" граѓаните знаеја да ја казнат. Има ли уште простор и време за манипулации, за поигрување со чувствата и нервите на обесправените, понижените и сиромашни народни маси. На последните избори над 500 000 граѓани со право на глас довербата им ја дадоа на луѓе кои ветија дека ќе сторат многу. Црвенковски доби втора шанса која не смее од морален и етички аспект да ја злоупотреби. Во спротивно небрзо може да се збогува со политичката сцена како човек кој и во два наврата не успеал да стори нешто добро за својата земја и за својот народ.

НЕМА БЕГАЊЕ ОД РЕАЛНОСТА

Народот веќе не чека и нема да чека цел четири годишен циклус за да ги собори лидерите кои наместо да му го даваат, му го земаат лебот. Народот брзо цени и преценува, брзо и експресно реагира на секоја девијација. За тоа се свесни речиси сите политички структури и поразените и победниците. Новите конјунктури на македонскиот политички профил почнаа да се исцртуваат. Најважниот сегмент од сето тоа е што Европа и нејзините официјални институции стојат зад сите неовозапочнати проекти на македонските владини ресори. Само борбата со ракот во економијата, корупцијата може да ја врати државата на патот кон практичната реализација на целите и задачите пропишани во Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, од минатата година, и полноправно членство во северноатланската алијанса. Европа мора во нас да препознае сериозен партнер со кој ќе гради безбедносна и економска рамнотежа на балканските простори. Сигналите кои последниве недели се пуштаат до официјален Брисел даваат искра надеж дека во скоро време и покрај последиците од минатогодишната воена криза сепак можеме да се вратиме во врвот на земјите од регионот по позитивните, а не по негативните поени. Достигнувањата ги креираме самите ние. Некој однадвор не може да ни го донесе просперитетот и благосостојбата, мирот и соживотот ако за тоа не се избориме самите. Секое поинакво размислување и презентирање на аргумените би дошло само од оние луѓе и поединци кои како по обичај вината секогаш ја бараат во другиот од спротива. Точно, вината ја сноси и другиот, можеби соседот, можеби меѓународниот фактор, но дали за секое зло не даваме и ние повод со нашата дезориентираност, дезорганизираност, политичка и национална поделеност. На тој начин бевме лесен и вкусен плен за противникот и непријателот. Е сега ќе речат времето на поделбите поминало и се свртела нова страница кон иднината и перспективноста. Да, но македонското ткиво е се уште раслоено, разјадено, омразено. Лекот за тоа не е најден, не е ниту на повидок. Времињата одминуваат и се менуваат, луѓето пак следејќи ги општествените промени се полнат со негативна енергија и песимизам мислејќи дека убавото доба е веќе зад нив и никогаш како порано нема да се врати. Реално е точно, таков е животот денес. Можеби никогаш нема да биде како порано. Но, што со песимизмот доколку го задржиме и чуваме во себе. Дали со него ќе зачекориме во иднината? Дали со омразата и меѓучовечкото нетрпение без разлика дали е на база на меѓуетничка или партиска основа ќе градиме просперитет за нашите идни поколенија? Секако не. По малку груб и неконзистентен е терминот "помирување" бидјеќи тој во својата основа содржи сосема поинакви претпоставки за негово значење. Потребно е да се врати меѓучовечкото разбирање и толеранција, меѓусебно почитување. Голема заслуга доколку се случи тоа ќе има и новиот кабинет на Црвенковски, но истовремено и народните маси. Колку тие ќе бидат подготвени да го прифатат предизвикот на новото време ако може да се нарече предизвик. Колку ќе бидат подготвени да се вратат на стариот колосек? Веќе тогаш работите ќе можат поинаку да врват по патот по кој ќе ги насочиме. Почетокот на ангажманите и активностите на новиот владин кабинет се концентрираа кон утврдување на фактичките состојби во соодветните ресори. Се изгуби доста време. Речиси три месеци поминаа во кампањи, избори, па следуваше оној неполарен вакуум период на примопредавање на власта, па формирањето на владата и сега расчистување на сметките. Бавно оди навистина. Почетокот на новото време е тежок. Се осоколуваат екстремните теренско политички елементи од обете страни. Власта неизбежно мора да се справи со нив. Граѓаните треба да пружат безрезервна поддршка во границите на нормалата. Секоја влада го заслужува тоа барем во првите сто дена. После тоа поддршката ќе зависи од стореното, ќе биде според заслугите. Никој нема добиено мандат, без разлика дали е поединец, или политичка партија и натаму да манипулира со граѓанските маси, да ги злоупотребува и искористува. Трпението може да потрае уште месеци, два или три, уште половина година. Што потоа? Отсуството на резултатите и задлабочувањето на бунарот полн со проблеми ќе го предизвика домино ефектот на циклусни неволји по стуктурите на власта. Да очекуваме дека до тоа нема да дојде. Да се понадеваме дека овојпат избраните ќе го имаат изострено слухот и чувствата за граѓанинот, за работникот, за земјоделецот, административецот, селанецот, студентот. Стоте дена почнаа да течат. Времето безмилосно ги одбројува секундите. Сега чекаме локомотивата да тргне. Владата од "соништата" ќе мора да ги остварува желбите на потценетите граѓани. Во спротивно набрзина може "да ни се случи народ" како што милува да рече некогашниот опозиционер Црвенковски.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"