Би ме радувало кога Пописот
во РМ би бил само статистички податок, но не и политички. Кај нас две работи
се мешаат во едно. Пописот треба да се третира како статистички податок на
една држава, односно со него покрај бројката на население треба да се утврди
и бројката на објектите што ги поседуваат домаќинствата, потоа, стопански
објекти, приватни објекти во државата, и.т.н... Меѓутоа, Пописот кај нас на
се личи, освен на статистички податок. Со Рамковниот договор потпишан оваа
година се брка бројката од 20 отсто на одредени малцински групи кои живеат
во Република Македонија. Ние како Македонци со исламска религија реагиравме
за некои неправилности кои се случуваат на терените каде што живеат
Македонците - Муслимани. Освен нашите податоци за неправилности во Дебар и
Дебарско, имаме сознанија за неправилности и во Струга и струшко и во други
делови на РМ каде што живее македонско - муслиманско население, особено во
скопската торбешка група во Долно Количани. Таму веќе традицинално осум до
девет години децата ги носат од Долно Количани во основното училиште "Тефеус"
за да учат турски јазик и се приспособуваат за една понатамошна асимилација
во еден друг етнос. Кој го врши таму Пописот. Како податок дека се вршат
неправилности со попишувачите е фактот што во исклучиво чисти етнички
средини со македонско-муслиманско население Пописот го вршат попишувачи -
Албанци. Пример во село Боровец, во село Лабуништа, во село Октиси.
Попишувачите во Октиси доаѓале од селото Лабуништа каде што знаеме дека тоа
село е општина на ДПА. Ова доволно говори кои членови биле попишувачи. Пред
започнувањето на Пописот беше разрешен единствениот наш член на Државната
пописна комисија, предложен од минатата Влада, господинот Љатиф Пајковски,
кој барем би имал некакви ингеренции и би согледал како се врши Пописот на
населението на територијата на РМ. Кога би имало наш претставник во таа
Комисија, тогаш Зоран Крстески кој е претседател на Државната пописна
комисија, би го повикал и заедно би отишле на терен да ги согледаат
неправилностите, односно да видат како се одвива Пописот.
Врз Македонците - Муслимани освен овие притисоци, се вршеа притисоци и за
време на војната. Тие најмногу настрадаа во Битола, Прилеп, кога се палеа
нивните дуќани и други објекти. Тоа се правеше за да се пренасочи вниманието
на народот кон други политички цели кои ја водеа војната, да речеме да се
води војна по исклучиво верска основа, односно да се каже дека во Македонија
војува исламот и православието. Тоа всушност беше војна за да продолжи
криминалот, шверцот на сите полиња. Немајќи како да се покрие таа војна, тие
сакаа да ја претворат во верско - политичка. Во оваа војна не беше поштедено
ни населението со исламска религија, односно се бараше начин како тоа да се
вклучи во војната. Одредени т.н хулигани ги уништуваа дуќаните. Независно
дали станува збор за дуќани на Македонци, Албанци, Турци, тоа е национално
добро за да се заработува. Хулиганите обоени во партиски бои почнаа да ги
кршат дуќаните, да пишуваат некои пароли кои не и доликуваат на една ваква
држава и нација која веќе трпеливо 50-60 години гради систем на доверба. Но,
во Македонија како да се избегнуваше вистината дека постојат
Македонци-Муслимани. Ние како Сојуз на Македонците со исламска религија
постоиме некаде 24 години и апелираме до сите институции, до народот, до
сите сегменти. Меѓутоа, се уште научно и политички не сме прифатени како дел
од македонското население.
ЗЛОУПОТРЕБА
МС: Кои други неправилности ги согледавте?
БОЈДА: Еве одговорно тврдам за себе и за Пописот на населението од
мојата вероисповед. Од Општина Центар, кај мене дома, беа испратени две
попишувачки. Едната Албанка, другата Турчинка. Според најавите од Заводот за
статистика, беше договорено во секоја група, еден или една од попишувачите
да бидат Македонци, без разлика дали семејството е албанско, турско или
македонско. Ме попишале дека сум македонски Муслиман. Македонски Муслимани
се сите оние кои имаат државјански статус на Македонија, а по религија се
Муслимани. Ние сме Македонци, а по религија сме Муслимани. Во графата треба
да стои националност - Македонец, а вероиповед муслиманин, или пак,
православен, протестант, католик. Македонија мора Пописот да го сфати како
статистички податок и никако поинаку. Јас бев член на Општинска пописна
комисија во Чаир во 1994 година и овие неправилности што ги прават
попишувачите и подготвените инструктури, ги видов. Но, проблемот е и во
населението што не го познава сегментот нација и религија. Тоа се два
различни правци кои никаде не можат да се сретнат. Морам да напоменам дека
додека Македонија има некоја почит во Европа и светот треба да го сфати овој
проблем и да го прифати македонското муслиманското население. Ние имаме
проблеми со македонските христијани и со МПЦ која не сака да прифати дека во
македонската национална припадност постојат Македонци со исламска религија,
такви какви што се. Во Комисијата за односи со верските заедници нема наш
претставик и затоа ни се случуват овие работи, со исламот да се албанизира
или турцизира. Но, ние никому не сме му важни. Важна им е само позицијата и
да не го кажуваат националното потекло. Ним се им е битно само не им е битна
Македонија и македонскиот народ.
МС: Вие тврдите дека во општината Жупа попишувачите населението го
попишуваат со молив, за подоцна, како што изјавивте на една
прес-конференција да вршат фалсификат и граѓаните да ги попишуваат како
Турци, но и Албанци. Имате ли докази за тоа?
БОЈДА: Како претседател на Сојузот на Македонците со исламска
религија реагирам по најавите од теренот. Луѓето кои се членови на
претседателството на Сојузот на Македонците со исламска религија ги кажуваат
неправилностите. Според нив во селото Боровец попишувачи биле Албанци. Во
Центар Жупа на еден дел од попишаните кои се изјасниле како Македонци -
Муслимани одредни луѓе им ги копирале пописниците за да подоцна им вршат
притисок. Во куќите каде што луѓето не се образовани, односно не се
еманципирани, или пак се постари и незапознаени со националниот статус,
попишувачите попишувањето го вршеле со молив, за подоцна да ги попишат како
Турци или Албанци. Факт е дека има податоци за такви неправилности. Кој е
тој што ќе може да ги одземе пописниците попишани со молив и да ги чува, за
да нешто докаже. Тоа би било кражба и тогаш ќе го бркаме тој што ги земал
пописниците. Во Заводот за статистика има машини и средства со кои може да
се види каде се бришани пописниците, каде е поправано, бришено.
МС: Во јавноста проструи информација дека на територијата на Гостивар е
забележано попишување со фотокопии од лични документи кај лицата од албанска
националност кои живеат и работат во странство. Ваш коментар за ваквите
информации?
БОЈДА: Не можам да тврдам дека тоа навистина се случувало
во Гостивар. Но, штом нешто ќе излезе во јавноста, значи дека е така. Но,
факт е дека такво нешто се случувало и порано. Во 1991 и 1994 година
македонските аеродроми беа преполни со Албанци кои доаѓа од Швајцарија,
Австрија да се попишуваат и тоа само да се добие зацртаната бројка. Сега тие
се обидуваат да се прикажат околу 700.000. Веројатно бројката им е важна за
поголемо учество во власта во државата.
ОДНАРОДУВАЊЕ
МС: Според Вас овие чекори се прават со цел македонското-муслиманско
население да стане што помалубројно. Како да им се спротивставиме на ваквите
чекори?
БОЈДА: Како на друг начин да ги дефинирам овие чекори, освен дека
сето тоа се прави за да се намали македонското муслиманско население во
државава. Еве еден податок. По војната ние имаме три преселби, но од 1950 до
1965 година под бајракот на исламот, како Муслимани ние бевме изгонети од
сопствената држава во Република Турција. Селата во Македонија со македонско
- муслиманско население скоро се испразнија. Само да ви го споменам селото
Болетен во Западна Македонија, нема ни една куќа. Ова население од Горно и
Долно Врановце- велешко под име на исламот целосно се исели во Република
Турција. Да го напоменеме и оној сегмент кога ние се појавивме како
Републичка заедница на културно-научни манифестации на Македонци - Муслимани.
Некому му сметаше да се кажеме Македонци- Муслимани. Тие велеа диктирајте со
песни, игри, но немојте со наука. Ние напишавме и книги, правевме изложби,
но ни кажуваа дека не е време за наше дејствување. Во некогашна Југославија
беше дозволено да постои националност Муслимани. Сега во Југославија таму
каде што се роди националноста Македонците - Муслимани ги претставуваат како
Бошњаци. Би било во ред одредени субјекти да ги тргнат рацете од нив и да
речат ова население навистина е македонско. Во Гора сега имаме четиригодишен
застој на образованието бидејќи не можат да се договорат на кој јазик да се
образува тоа население. Тука е запоставен процесот на едукација. Но, и
Штајнер и кој било друг треба да сфатат дека таму во тој дел на Србија тие
не се Бошнаци и не го говорат бошњачкиот јазик. Се разбира, има и такви кои
заведени од некаков профит се изјаснуват како Бошњаци, кои пак наредните
генерации ќе ги осудат.
МС: Најавивте дека ќе се обратите до Државната пописна комисија, од која
ќе инсистирате сите неправилности да бидат отстранети. Дали ќе барате од
Државната пописна комисија во постпописниот период да го провери
долнореканскиот регион?
БОЈДА: Ние најавивме и ќе побараме прием кај директорката на Заводот
за статистика за да се договориме она што е сега пропуштено, да не се
пропушта во иднина. Ние не сме некој субјект во државава за да можеме да
речеме дека го признаваме или не Пописот и да предизвикаме вонреден попис на
населението. Меѓутоа, сме невладина организација која секогаш ќе сугерира на
исправноста и вистинскиот однос на Заводот за статистика кон ова населението.
Но, и секаде каде што треба. Ние неколку пати баравме прием кај Ван дер Штул.
Тој ни одговори дека не може да не прими поради неговата зафатеност,
најверојатно тогаш со Штуловиот или не знам кој друг универзитет. Ние по се
изгледа се повеќе стануваме минорен дел и никому не му е грижа за нас.
МС: Ја запознавте ли меѓународната заедница со овој проблем?
БОЈДА: Мислам дека преку средствата за јавно информирање
меѓународната заедница веќе е запознаена со овој проблем. Мене не ме
изненадува фактот што Крег Ретклиф и Ирена Ѓузелова кажаа дека Пописот е
многу добар. Јас не му се чудам на Ретклиф, но сум изненаден од Ѓузелова
која не најде начин да не побара, да не праша кои се болките кои му се
нанесуваат на ова население. Таа не може да тврди дека Пописот е направен
како што треба кога тој во мојата куќа не е направен како што треба. Да не
зборуваме за случувањата надвор од мојата куќа, и за некој кој се плашел да
реагира.
МС: Да позборуваме за една друга тема. Безбедноста во државава и
секојдневните инциденти. Постои или опасност од ново крваво сценарио?
БОЈДА