| |
ПОГЛЕДИ
Огледалце, огледалце
МАКЕДОНИЈА ОД БОГ СОЗДАДЕНА, ОД ЧОВЕКОТ - ИЗГАЗЕНА
Гог ма Гог
А бдула Гул, новиот претседател на
владата на Турција, во името на освојувачот на Истанбул, покрај другите
реформски главоболки во закостеното турско општество, мора да "изведе" уште
една: на Европа и Валери Жискар Д'естен да им докаже, дека на Турција
местото и е во Европа.

Приказната е многу стара и поучна. Во неа ја видов Македонија, оспорувана
и освојувана, негирана и потчинувана, и од туѓи и од свои, земја од Бога
создадена, а од човекот - изгазена... Пред да падне Византија, еден генерал
сакал да го чуе мислењето и на поповите. Ќе го изгубиме ли Константинополис,
прашал? Лицемерните почнале да се туткаат, додека едно младо попче де да
каже, де да не каже, се одлучил да кажи. Да, рекло попчето, ќе го изгубиме.
Генералот не го прашал зошто, ами наредил веднаш да го стават в зандана.
Не одело долго време, Византијците навистина го изгубиле Константинополис.
Сега дошле Османлиите во Стамбол. Султанот како и секој освојувач, сакал да
чуе, ќе го задржи освоеното? Неговите од верата му кажале што кажале, ама му
рекле, има едно попче в затвор, не е лошо и него да го праша. Донесете го,
наредил првиот човек на царштината. Кажи бе ти попче, ќе го изгубам Стамбол
или не? Честити Султан од кај тебе одовде и од затвор кај што бев ништо не
можам да кажам. Дај ми еден месец, да прошетам, да видам па ќе ти кажам.
Одело попчето по царштината, гледало, слушало и забележувало... Еден ден,
оди на суд, и во дворот гледа врзан коњ за дрво и двајца како се расправаат.
Коњот не ме бендиса, му вели едниот на другиот. Не те бендиса, откако три
месеци го служеше, со него ораше, дрва носеше...
Ќе кажи судијата, рекол другиот. Чекале саат, чекале два саати, судијата
го нема, имал некоја работа, задоцнил. По долго чекање коњот пцовисал.
Разочаран сопственикот тргнал да си оди. Рекол, нема правда: коњот не ми го
платија, судијата не дојде да пресуди, јас во оваа држава нема што да барам.
Арно ама баш тогаш стасал судијата. Чекај, кај одиш, му рекол!? Коњот умре,
тој што не ми плати си отиде, кому ќе судиме и зошто ќе судиме, одговорил
селанецот сиот потиштен.
Врати се, судењето сега почнува, рекол судијата, и дал наредба неговите
луѓе да појдат на пазар и да прашаат колку чини еден средно добар коњ. Десет
лири, му кажале луѓето. Пеки, се сложил судијата и буричнал во џебот,
извадил десет лири и му ги дал на селанецот.
Турците со Стамбол владеат и денеска. Колку ќе владееме ние со Македонија?
Нашето судство не е само мрзеливо, во лој од невиден комодитет зараснато,
туку и многу корумпирано, подмитливо и неефикасно. Господ душа зема и душа
дава, сите судии не се исти. Има од чесни пречесни, но толку се малку што се
губат во шумата од лоши и некадарни.
Нема поголем столб на кого може да се потпри граѓанинот на една земја, од
- судскиот ... Што ќе му е владарот, оттуѓен и скриен во неосвоиви тврдини.
Тој сака да биде заштитен од оној што го лажи, што го кради, што го
навредува, што му се заканува. Какво ни е судството, доволен е само овој
податок: инфлација од незавршени судски предмети. Има судии кои не знаат да
"напишат" судска пресуда, а камо ли да ја донесат. Тоа се заскитани судии во
испреплетените коридори на правдата. Но, има и такви кои вешто пливаат во
спрега со власта, да и се допаднат, да искористат, да останат иако не
заслужуваат. Тоа се судни манипуланти, добри играчи да го изиграат правото и
правдата.
Интересно е прашањето: дали вакви судии ни регрутира образованието, или
приликите во општеството? Зошто нашите судии мора да бидат зависни од власта
и моќниците во власта, која во сите "наши" времиња има резервен "Дамоклов
меч" да им го скине вратот на оние што не слушаат како треба да судат.
Да ја завршам недовршената приказна. Попчето отишло кај Султанот и му
рекло: "Ќе го имаш Стамбол, додека имаш вакви судии!".
|