ПОЛИТИКА

Оформена Комисија за спречување на корупцијата

НЕДОПИРЛИВИТЕ ПРЕД ДЕТЕКТОРОТ НА ЛАГИТЕ

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Просторот за докажување на малверзациите при стекнувањето на имотот е тесен, но и голем. Комисијата постојано ќе биде на удар и ќе работи под притисок на политичките партии и нивните "недопирливи персони" кои ќе се обидуваат да ја одбегнат стапицата што ќе им биде направена од државните органи.
  • Борбата против корупцијата ќе биде тешка. Таа на неколку пати во текот на последнава деценија беше најавувана, но често пати наидуваше на отпор кај политичките опоненти. Токму затоа корупцијата успеја да навлезе во сите пори на опшетството, а најмногу се чувствуваше кај државните органи и во царината.

Борбата против корупцијата во Република Македонија конечно тргна од мртвата точка. Барем така декларативно се изјаснија пратениците од новиот состав на Парламентот кои со полна уста говореа против неа. Меѓутоа, едно се желбите, а друго се реалните состојби во државава. Последниве десеттина години мафијата и корупцијата толку многу се инволвирни во структурите на власта така што голем дел од средствата што треба да бидат наменети за развојот и функционирањето на Македонија се одлеваа во приватни џебови. Затоа одеднаш многу политичари и нивни приврзаници преку ноќ изградија семејни палати, а нивното богатство стана немерливо. Нивната моќ на многу пати беше докажувана во практиката, купуваа фирми, фарми, печатници и разно разни фабрики кои ги добиваа за багателни пари. Во тој општ хаос, амбиент, грабеж на се и сешто, често пати залудни беа обидите "апашите" да се симнат на земјата. Не постоеше правна регулатива, не постоеше вистинска акција на јавното обвинителство. Никој не можеше да им ги скрати лепливите прсти. Затоа новата политичка гарнитура која што пред самото крунисување вети дека ќе ја формира Комисија за антикорупција ќе има многу работа. Но, и натаму меѓу обичниот граѓанин останува дилемата колку Комисијата ќе може да работи нормално во ловот на "вештерките", во ловот на недопирливите. Одговорот на ова прашање набргу ќе го добиеме.

ВРХОВЕН КОНТРОЛОР

Први на удар во новата еуфорија, по кој знае по кој пат во овие десеттина години, се бившите и сегашните пратеници, поранешните и сегашните политичари. Но, сега под притисок на јавноста и на меѓународната заедница стартуваат и со помали привилегии. Новата регулатива ги обрзува да ја прикажат целокупната имотна состојба. Имотната состојба, богатството на избраните или именуваните функционери во законодавната, извршната и судската власт, но и во државните институции во Република Македонија не би требало да биде тајна. Тоа значи дека сите пратеници, министри, директори на фондови, на јавни претпријатија, на други државни институции, по стапувањето на должност мораат да пополнат формулар во кој ќе дадат детален попис на недвижниот имот, на подвижните предмети од поголема вредност, на хартиите од вредност, побарувањата и долговите, како и на друг имот што е лична сопственост или се наоѓа во рацете на членовите од потесното семејство. Државните функционери се должни да поднесат и заверена изјава кај нотар со која се откажуваат од заштитата на тајновитоста на банкарските сметки во домашните и во странските банки. Меѓутоа, треба да ја пријавува секоја промена на имотот што го надминува износот од дваесет просечни плати. Ваквата обврска не само што се врзува за сопствениот имот, туку и за имотот на член од неговото потесно семејство, како на пример што е изградба на куќа или други објекти, купување недвижности, автомобил и.т.н...

Анкетниот лист и изјавата, како што е дефинирано во Законот за спречување на корупцијата, треба да се доставуват до Државната антикорупциска комисија, која на некој начин ќе биде врховен контролор и преку Управата за јавни приходи ќе го проверува стекнатиот имот.

Одлуката за содржината и формата на анкетниот лист ја донесе владата на Георгивески, на 25 јуни годинава, а применлива е од 4 јули кога е објавена во "Службен весник на РМ". Тоа е обврска што произлегува од член 33, став четири од Законот за борба против корупцијата. Меѓутоа, ваквата материја која пред се е од техничка природа може да се менува. Се зависи од потребите и од практичните искуства. Затоа не се отфрла можноста за нов изглед на техничкиот и содржинскиот дел од формуларот наменет за носителите на јавни функции. Се разбира доколку новата власт оцени дека има потреба од дополнителни проширувања.

СПЕЦИЈАЛНИ МЕТОДИ

Новоформираната Антикорупциска комисија има големи овластувања. Таа може да иницира постапка за разрешување, сменување, казнено гонење или други мерки на одговорност за одредени функционери, службени и одговорни лица што располагаат со државен капитал. Притоа, има можност да повикува лица осомничени за корупција на информативен разговор. Добива известувања од носителите на јавни функции кога се вработуваат нивни блиски роднини и кога се конкурира на тендерите за јавни набавки, при што се стекнуваат одредени акционерски права, или се користи државен заем. Исто така, државната Комисија има голема шанса да се докаже при контролата на материјално-финансиското работење на политичките партии, синдикатот и здруженијата на граѓани, а ќе разгледуваат и случаи кога постои судир на општиот и личниот интерес. Таа ќе постапува и по пријави од граѓани. Државната комисија за спречување на корупцијата ќе биде превентивно-контролен механизам во антикоруптивното дејствување во Република Македонија. Притоа ќе мора да соработува со Парламентот, со владините министерства, обвинителството, државните институции и цивилниот сектор. Меѓутоа, нејзиното работење ќе биде под лупата на јавноста бидејќи ќе се соочува со различни притисоци. Таа ќе мора автономно и независно да одлучува, а сигурно ќе очекува некакви притисоци, условувања и уцени при соочувањето со опасниот феномен, корпуција. Таа ќе биде еден вид вентилатор, кој постојано ќе им "дише во врат" на функционерите што се во позиција да се корумпираат.

Во врска со ова правните стручњаци предупредуваат дека корупцијата е криминален акт кој е еден од најтешките за докажување во судската и во истражната процедура. Таа коруптивност за да се докаже е потребна примена на специјални истражни мерки, вообичаени во светски рамки. Тоа подразбира следење на комуникацијата, прислушкување на телефонските разговори, контрола на преписката, фото и видеоснимање на осомничените лица, за кои има докази дека се занимаваат со корупција или со организиран криминал. Во таа тешка процедура ќе мора да се елиминира секаква можност за злоупотреба на овие специјални мерки и методи.

МОРАЛНИ ОСОБИНИ

Државната комисија за спречување на корупцијата е формирана. Во ова државно тело кое има исклучително големи надлежности во антикорупциската сфера фигурираат имиња на правници и економисти за кои на парламентарната говорница беше истакнато дека се докажани стручњаци во антикорупциското дејствување. Во неа се именувани: Слаѓана Тасевска од НВО "Транспарентност", правниците Вања Михајлова, Драган Малиновски, Јован Трпеновски, Сами Асани, економистот Нервет Хисмени и актуелниот заменик-јавен обвинител Михајло Маневски. Меѓутоа, нејзиното именување не мина така лесно туку со разни искри и провокации. Демократската партија на Албанците, партијата на Џафери, сега од позиција на опозиционер ја критикуваше "погрешната" процедура и начинот на предлагање кандидати за Антикорупциската комисија. Нејзините претставници побараа приматот во предлогот да го има опозицијата со четири спрема три, но тоа не беше прифатено. Пратеникот Тифун Костовски инсистираше да ги има на увид досиејата на сите предложени личности. Пратениците од владината коалиција во својата расправа укажаа дека личностите не смеат да бидат партиски препознатливи лица и дека инсистирањето на паритетна застапеност априори претставува партизација. Повеќето од народните избраници од коалицијата на СДСМ и од ЛДП истакнаа дека е лошо тоа што на стартот се дискредитира и се етикетира составот на државното антикорупциско тело. Апсурдно е да се избираат луѓе кои ги познаваме сите, сметаа пратениците од власта, додавајќи дека притисокот без никакви аргументи од оние кои претходно биле во власта било токму од причини да не се ѕирка во нивните џебови и да не се потегнува прашањето на корумпирани функционери. Ние добивме мандат да се бориме против корупцијата и затоа тука нема место за никакво одлагање, потенцираа пратениците од СДСМ.

Притоа, првиот меѓу еднаквите, спикерот Поповски се заложи прв да биде тестиран на "детекторот за лага".

Прв ќе дадам поддршка да ме контролираат. Тие мораат да имаат слобода и да работат без притисок, ги охрабрувам во тоа и секое јавување на некој што не сака да биде следен што ќе ми го пријават јавно ќе го соопштам. Власта во државата повеќе не може да чека опозицијата да се подготви и да се консолидира за борба против корупцијата. Со одложување опозицијата само бара алиби, манифестира скриен страв од последиците и затоа не очекувам искрена борба против корупцијата од нивна страна, бидејќи ќе ги засегне лично. Синоним за половина од бившите министри и директори беше корумпираноста. Затоа, ние мораме да се справиме со корупцијата во наредните 12 месеци, дотолку повеќе што за тоа добивме мандат на изборите, рече спикерот Никола Поповски.

Нејзината работа нема да биде лесна, бидејќи просторот за докажување на малверзациите при стекнувањето на имотот е тесен. Таа постојано ќе биде на удар на политичките партии и нивните "недопирливи персони" кои ќе се обидуваат да ја одбегнат стапицата што ќе им биде направена од државните органи. Затоа борбата против корупцијата ќе биде тешка. Таа на неколку пати во текот на последнава деценија беше најавувана, но често пати наидуваше на отпор кај политичките опоненти. Токму затоа корупцијата успеја да навлезе во сите пори на опшетството, а најмногу се чувствуваше кај државните органи и во царината. Според странските аналитичари митото и корупцијата се еден од најглавните проблеми во Република Македонија, поради што странските инвеститори ја одбегнуваа нашата земја.

Притоа, често пати посочуваа дека преку нашата граница се извезуваат илијадници тони цигари од чиј профит во приватните џебови на тутунски босови се влеваат милиони долари. Затоа досега нашите функционери ја одбегнуваа одговорноста и ја нашминкуваа сопствената имотна состојба.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"