ИНТЕРВЈУ

Љупчо Костадиноски, кандидат за пратеник на парламентарните избори во Викторија-2002, Австралија

ПОЛИТИКАТА ВО МАКЕДОНИЈА НАЛИКУВА НА КАРНЕВАЛ!

Разговарала: Жаклина МИТЕВСКА

  • Како Македонец мои приоритети ќе бидат да ги бранам интересите на жителите од македонско потекло, а со парламентарните привилегии да лобирам за македонското име и историјата на Македонија да не биде изманипулирана.
  • Македонштината во мене живее од моето раѓање во градот Охрид, РМ. Далечината само ги прави појаки чувствата за патриотизам.

Време е да се каже дека е дојден крајот на нашите делби! Ние Македонците мора да го завршиме ова распарчување на македонскиот народ и нашиот идентитет. Ние и само ние можеме да ги афирмираме белезите на нашата култура и сложно да почнеме да го браниме нашиот македонски јазик, нашата македонска вера, нашата македонска култура и нашиот македонски идентитет, вели госдподинот Лупчо Костадиноски.

МС: Господине Костадиноски, како Македонец кој долги години живее и работи во Австралија имате мошне богата кариера. Вие сте претставник на федералната Либерална партија на Австралија со седиште во Скулин и претставник на викториската Либерална партија чиј центар се наоѓа во Мил Парк. Зошто влеговте во политиката и од каде идејата да се кандидирате на следните парламентарни избори во Викторија- Австралија?

КОСТАДИНОСКИ: Поради грижата за социо-економските права во Викторија, како и обезбедување на основните човекови права, како што се образованието, економски средства за социјална безбедност, инвалидски и старачки пензии, обезбедување здравствени услуги, секому без оглед на финансиската состојба, (односно лекови и лекување на болните), влегов во политиката. Како Македонец државјанин на Австралија особено сум загрижен за основните човекови права на граѓаните од македонска националност. Идејата да се кандидирам за пратеник дојде од разни причини, но прво од предходните неуспешни кандидирања на нашите Македонци. Една од тие причини е што македонскиот народ се уценува како работничка класа. Поголем дел од Македонците се уште останаа верни на австралијанската Лабуристичка партија, мислејќи дека оваа партија ги брани македонските интереси. Меѓутоа, оваа партија е истата онаа партија, која во мај месец 1994 година, под притисок на грчкото лоби овде во Австралија, не прекрсти како Славомакедонци.

БОРБА

МС: Кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат Македонците во Викторија, односно Австралија? Доколку ја освоите довербата на македонскиот електорат во Викторија кои ќе бидат вашите приорити за решавање на проблемите на Македонците?

КОСТОСКИ: Основен проблем е префиксот Славомакедонци, кој за жал и Киро Глигоров го подржуваше. Меѓутоа, и покрај нашиот добиен спор во главниот суд во Викторија, овој префикс се уште постои. Вториот проблем овде е бројот на Македонците. Според институциите во Австралија бројката на Македонците е многу мала, иако вистинската бројка на жители од македонско потекло е многу поголема. Како Македонец мои приоритети ќе бидат да ги бранам интересите на жителите од македонско потекло, а со парламентарни привилегии да лобирам за македонското име и историјата на Македонија. Таа не треба да биде изманипулирана како во Калифорнија од страна на нео-грчки организации, како пан-македонска организација која лобираше против македонскиот народ! Исто така ќе лобирам да се даде финански помош за градење македонски православен колеџ во Викторија, каде што македонските родители ќе имаат можност да ги пуштаат нивните деца да го изучуваат македонскиот јазик, македонската историја и да се запознаат со македонската географија. Секако многу важно е да си ја слават нивната православна вера и за тоа да ги учат идните генерации. Со добивање на австралиски парламентарни привилегии ќе можам да лобирам за одбрана на состојбите во Република Македонија!

МС: Колку Македонци живеат во Австралија? Какви се нивните права? Дали тие се интергирани во тамошните општествено-политички структури на власта?

КОСТОСКИ: Во Австралија живеат над 400. 000 Македонци. Овој број, благодарение на многу лошата организација од нас Македонците овде, а исто така и од лошата организација во Република Македонија, секогаш се прикажува помал отколку реалниот. Македонците на многу ниско ниво се интегрирани во општествено-политичките структури на власта, но само како симпатизери. Сето тоа овде е поради грчкото лоби кое е многу силно во Лабуристичката партија.

МС: Како ќе се борите во обидите на некои за прекрстување на македонската нација во славомакедонци, што веќе беше видено во Викторија?

КОСТОСКИ: За жал, како што претходно ви одговорив, терминот Славомакедонци и ден денес постои. Затоа многу е важно да бидам член на Парламентот во Викторија каде што ќе имам можност да ги бранам македонските интереси, да ги афирмирам македонските права како што и следува на секоја националност овде во Австралија, како мулти- културна земја и заедница. Исто така поради неограничената доверба што Македонците и ја покажуваат на Лабуристичката партија, самите си дозволија да бидаат влечени како овци низ нивите. Сега имаме двајца македонски кандидати од Либералната партија на Викторија. Тоа сме: јас, за Мил Парк, и исто така Линда Ристевска од седиштето на Лара. Ова се големи чекори за нашата заедница како Македонци и како државјани на Австралија.

Ако имаме можност да имаме двајца претставници на македонскиот народ ќе имаме шанса за мошне појако лоби во Парламентот на Викторија, а со тоа тоа ќе имаме влијание дури и во Федералниот парламент на Австралија.

Кога ние Македонците ќе имаме претставници од македонско потекло во Парламентот, ќе се слуша и нашиот глас за состојбата и правата на Македонците во Викторија и Австралија.

ПАТРИОТИЗАМ

МС: На кој начин ја афирмирате македонштината во Австралија?

КОСТОСКИ: Македонштината во мене живее од моето раѓање во градот Охрид, Република Македонија. Далечината само ги прави појаки чувствата за патриотизам. Македонштината ја афирмирам како Македонец - секретар на Обединети Македонци на Австралија, председател и фудбалер на фудбалскиот клуб Охрид, тренер и председател на јуниорските екипи на ФК Охрид, како поранешен председател на Ф.К. "Престон" Македонија. Исто така сум поранешен председател на КУД "Танец", секретар на македонскиот дел на Австралискиот црвен крст и член на други наши македонски зруженија.

МС: Каков беше односот на поранешната влада на Георгиевски кон вас Македонците во Австралија и што очекувате од новата Влада?

КОСТОСКИ: За жал, односот од поранешната Влада кон нас Македонците, беше многу слаб. Во историјата на дијаспората останаа само празни ветувања.

МС: Како и секој Македонец, ширум светот Вие длабоко сочувствувате со семејствата на загинатите борци во минатогодишното крваво сценарио во Р Македонија. РМ, во интерес на мирот и стабилноста како што најави новиот премиер Црвенковски, доби нова законодавна и извршна власт во која влезе партијата на Али Ахмети ДУИ, односно припадници на т.н ОНА, оние кои ги окрвавија рацете во минатогодишното крвавото сценарио. Какво е вашето мислење за оваа Коалиција меѓу СДСМ и ДУИ?

КОСТОСКИ: За жал, поради грешките на владата во Македонија, и ние овде во Австралија ги чуствувавме истите маки и солзи што минатата година се пролејаа во Македонија. Тогаш без никаква причина загинаа млади бранители на македонскиот народ, на македонскиот дух и бранители на македонскиот идентитет и интегритет. Далечината " крвта не ја прави вода ". Покрај тој коментар, мислам дека сите Македонци ширум светот сочуствуваат со семејствата на македонските хероји, кои со својот живот ја бранеја својата татковина, нивниот мајчин јазик, нивното семејство.

Моето мислење е дека Коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ е преголемо изневерување на македонскиот национален интерес. Се поставуваа прашањето какви потези му се дозволени на поранешен терорист, кој што нема никакво знаење за македонскиот јазик и како што дознавам нема, ни македонско државјанство! Каков е тоа пример каде што се дозволува убијец на нашите македонски бранители да добие највисока позиција во македонското Собрание. Со вакви грешни потези ги наградуваат наречените терористи, кои со крв и солзи го зацрнеја македонскиот народ.

Јас мислам дека ниту оваа, ниту поранешната влада го реши проблемот со озогласените терористи. Како во Либан и во северна Ирска оваа слика веќе тешко е да се исчисти. Длабоко сум убеден дека решението на проблемот не може да се реализира се додека не постои стратегија за одбрана на македонскиот национален интерес и држава и обединување на сите Македонци ширум светот. Само на тој начин сите заеднички ќе можат да придонесат за спасување на државата и одбрана на Македонија од тероризмот.

МС: Безбедносната состоба во државава е кревка. Бомбите- кашикари и експлозиите станаа наше секојдневие. Во кризните региони Албанците ги менуваат имињата на македонските училишта, учениците не можат да ја посетуваат наставата и секојдневно протестираат. Дали, според Вас, може да ни се повтори минатогодишната војна?

КОСТОСКИ: Ова Влада наместо да влезе во коалиција со ВМРО, влезе со ДУИ, (каде што постојат органи на ОНА или ОВК. итн). За жал, би рекол, не знам што да очекувам. Се надевам дека оваа Влада ќе се разбуди и дека нема да дозволи распарчување на Македонија. Сметам дека ќе се погрижи за уште поголема заштита на македонската нација.

МС: Во нашава држава веќе одамна е познато дека Албанците добиваат се што ќе посакаат, само прашање на време е кога ќе ги остварат своите цели. Сега тие бараат преиспитување на договорот за разграничување меѓу Македонија и Југославија, но и ново македонско знаме. Постои ли можност да добиеме ново македонско знаме?

КОСТОСКИ: Се знае кое е македонското знаме. Тоа е Кутлешовото сонце, а не вентилаторот, ниту некоја си фантазија од терористите. Би и порачал на македонската влада да земе пример од вистински лидер и тоа од австралискиот премиер Џон Хауард и неговата Влада на Либералната партија. Ако се користеа неговите потези, не ќе им се дозволеше на безбројните бегалци од Косово да влезат во Македонија и ден денес не ќе постојеа овие проблеми во Македонија. Идејата за ново знаме, е за во лудница или за во циркус, а секојдневната политика во Македонија наликува како некој карневал.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"