роблемот со Република Грција
околу нашето уставно име Република Македонија, кое со години се провлекува
низ дипломатските кулоари во ООН во Њујорк, всушност е битка за националното
и културно наследство на македонскиот народ. Ако пред неколку години сами се
сопнавме во немоќта да изградиме подолготрајна, национална и конзистентна
надворешна политика, сега мораме постојано да ја сркаме горчливата чорба што
ни ја приготвија Грците. Затоа преговорите околу името мораат да се сфатат
дека се сериозен испит за опстанокот на Македонија, кој по се изгледа е
голем предизвик за македонската ровита дипломатија. Таа постојано се наоѓа
на удар меѓу апетитите на нашите шефови на дипломатијата и претседателот на
државата, кој по сила на законот ја кординира и креира надворешната политика.
Меѓутоа, рака на срце мораме да признаеме дека и покрај новите ветришта на
релација Влада-Претседател, кохабитацијата не е наштимана. Таа чкрипи. Уште
при првиот старо-нов дипломатски залак се произведуваат дисонантни тонови.
Потоа се е доцна.
ИГРИ
Ако досега ја голтнавме јадицата FYROM, а нешто подоцна "уживавме" во
економското ембарго сега не мора да се залетуваме во авантура која повторно
ќе не внесе во неизбежниот политички лавиринт на јужниот сосед, кој патем е
и влијателна членка на ЕУ. Затоа ако отвориме нов фронт во врска со спорот
со Грција не мораме да се влетаме со луда глава в ѕид. Нова стапица не ни е
потребна. "Босите луѓе" во македонската дипломатија ја направија лакрдијата.
Циркузантите не оставија на цедило и затоа сега се давиме во живиот песок.
Сегашните бранувањата се жешки и претешки за македонската дипломатија.
Тие укажуваат дека кохабитацијата меѓу Претседателот и Владата нема така
лесно да функционира. Дубиозите околу преговарачкиот тим се преголеми, а
заткулисните игри започнаа да се одвиваат. Кој во оваа дипломатска арена ќе
се снајде тој и ќе преживее. Но, останува дилемата дали сплеткарошите ќе се
најдат во позиција да ни ја дизајнираат судбината на Република Македонија.
Во тој контекст Кабинетот на претседателот се дистанцира од советникот на
"граѓанинот" Фрчковски. Но, не ја разреши енигмата кој ќе ја ужива довербата
на власта и на Трајковски. Досието околу преговарачкиот тим е отворено.
Кабинетот на претседателот Трајковски негираше дека шефот на државата го
именувал професорот по меѓународно право Љубомир Фрчкоски, за нов преговарач
во разговорите за разликите со името меѓу Република Македонија и Република
Грција. Според неговиот Кабинет, "Трајковски само формирал тим во рамките на
Кабинетот" за подетален пристап кон прашањето за разликите во врска со името,
но оти нема официјална изјава за тоа дали Фрчкоски ќе биде нов преговарач.
Во врска со ова веќе од поодамна се знае дека Кабинетот на македонскиот
претседател, преку "преговарачкиот тим во рамките на Кабинетот" понуди "двојна
формула" како единствено прифатливо решение за прашањето за разликите со
името меѓу Скопје и Атина. Инаку, се уште официјалниот македонски преговарач
Иван Тошевски, ја одбил понудата на Трајковски да му се приклучи на "Кабинетскиот
тим", со образложение дека тоа го сфаќа како прекин на својот мандат, поради
што и не отпатувал во Њујорк, на закажаната средба со грчкиот преговарач.
Затоа проблемот со Грција останува ист, "статус-кво". На она исто ниво како
што беше определено со Привремената спогодба меѓу Македонија и Грција, која
што беше потпишана во септември 1995 година, а по рокот од седум години тој
заврши во септември годинава. Двете инволвирани страни ги продолжуваат
разговорите, кои се одвиваат под покровителство на Обединетите нации.
Досегашните разговори што ги водеа амбасадорите Иван Тошевски и Илијас
Гунарис не постигнаа согласност за прашањето за разликите со името. Одредени
дипломатски извори во Скопје повторно ја афирмираа "двојната формула" како
компромисно решение, според кое Македонија ќе го користи уставното име во
меѓународната комуникација, а Грција самата да одреди име за комуникација
меѓу двете држави. Меѓутоа, Атина ја отфрли оваа формула. Затоа преговорите
ќе тапкаат во место. Се чека официјална реакција и на македонската и на
грчката влада.
ОТПОР
Според дворските сплетакароши блиски на Кабинетот на претседателот
Трајковски и на премиерот Црвенковски, за местото шеф на преговарачкиот тим,
за спорот околу името со Грција, неформално беше "инаугуриран" советникот на
претседателот Љубомир Фрчкоски. Во тимот, неофицијално беа вклучени во огнот
и: Виктор Димовски, Луан Старова, Тодор Џунов, Сашко Георгиевски и Никола
Кљусев.
Меѓутоа, промоцијата во Њујорк пропадна. Но, сепак енигма беше
вклучувањето на академикот Кљусев кој требаше да ја размрда заспаната
убавица МАНУ. Академската елита, како по традиција во последниве неколку
години спиеше за горливите национални прашања, односно премногу скромно и
премногу задоцнето реагираше со своите ставови. Името на Старова само беше
соодветен амортизер за албанскиот блок чиј удел во преговорите за ваков
важен спор околу името на државата постојано беше контроверзен и
контрапродуктивен. Меѓутоа, според истите шпекуланти, Луан Старова не ја
прифатил примамливата позиција на тимски играч во "дипломатската патка".
Инаку, промената на преговарачот Иван Тошевски и проширувањето и
засилувањето на тимот, според соодветните извори, било само сигнал дека ќе
се настојува на квалитативен чекор во спорот со името, бидејќи нема
расположение проблемот во државата да се развлекува и натаму. Таквиот сигнал
упатува на констатацијата дека идниот нов преговарачки тим ќе настојува
преговорите за спорот да завршат успешно во текот на наредната година. Но,
ако тоа не се случи тие би требало да привршат што може поскоро, односно
доколку дојде до прекин на преговарањата, би се покренала правна процедура
пред Меѓународниот суд, политичка процедура во Советот за безбедност, или
нешто слично. Затоа се додека прашањето останува отворено не постои можност
за користење на овие процедури, освен таа што е договорена со Обединетите
нации во Њујорк.
За овие принципиелни начела во македонската дипломатија и меѓу Владата и
Претседателот постојат исти ставови. Затоа кохабитацијата меѓу претседателот
Трајковски и новата Влада се чувствува дека е морална, национална и
државничка работа. Но, таа е и сериозен тест за издржливоста и трпението
меѓу одредени личности во Кабинетот на претседателот и Владата на
Црвенковски. Ставот на Владата дека таа има директни надлежности и
одговорности во надворешната политика и дека овластени преговарачи во спорот
со името ќе бидат оние за кои таа ќе се согласи, се толкува како отпор кон
Љубомир Фрчкоски, кој требаше да биде формализиран и прогласен како главен
преговарач во спорот околу името.
Првичните епизодни искричења меѓу двата Кабинета само се предигра за
натамошните реперкусии кои се надеваме дека нема негативно да се одразат во
преговорите. Кој во иднина ќе ги контролира преговорите останува да видиме,
бидејќи како стојат работите најверојатно амбасадорот Тошевски ќе биде
сменет од позицијата, а Претседателот кога тогаш ќе мора да исфрли нов играч
од ракавот. Во моментов спорен е само контроверзниот и амбициозен професор
на Правниот факултет во Скопје Фрчкоски, кој секогаш имал сопствени
мотивации наспроти важноста на општествените интереси. Затоа ако досега се
опипуваше пулсот на јавноста нема да не зачудува ни фактот да се исфрлат
нови пиони во преговорите.
Можеби на некому му одговара ваквата пат позиција, односно некој сака да
држи тензија, иако во главните сегменти и во Кабинетот на претседателот и во
владата не постојат драстични разлики. Недоразбирањата моментално се
смирени, но сепак соработката на која се повикува Владата е потребна и не е
спорна воопшто. Сепак за спорот е потребна сеопфатна координација од која ќе
зависат идните потези во надворешната политика.
Сегашните реакции по тивкиот наметлив пуч во македонската дипломатија
круговите што се блиски до Претседателот велат дека немаше потреба од
толкава остра интонација во соопштението на Владата, бидејќи Фрчкоски ниту
бил формализиран како преговарач, а постоеле политички механизми за негова
контрола во водењето на преговорите во спорот со Грција.
За разлика од нив надворешно-политичките аналитичари оценуваат дека што
побргу треба да се дефинира одредена стратегија кој какви ингеренции ќе има
околу преговорите за името, кој за што решава, кој за што одговара. Но,
бидејќи не постои никаква платформата зад која се застанува затоа се
случуваат ваквите дисонантни тонови на релација влада Кабинетот на
претседателот.