работените во Новинско
издавачкото претпријатие "Нова Македонија" по многуте реперкусии околу
продажбата на нивната куќа на контроверзниот словенечки газда, по
недобивањето на платите и најавите за расцепкување на нивниот имот, се
одлучија за генерален штрајк. Трпението и толеранцијата на вработените
исчезна по сознанијата дека на две сметки на "ЗООМ Промотион" (дел од
фирмата купувач "Југ сторитве"), преставништво Скопје и тоа една во Тутунска,
една во Радобанка, биле префрлени 88, односно 44 милиони денари, што според
вработените е доволно за четири-пет нивни плати.
Наместо тоа, газдите одат на тоа што може да распродадат, да грабнат и
куќата да ја стават во стечај. Тие земаат кредит да не купат, со наши пари
сакаат да го отплаќаат и згора го продаваат деловниот простор,
констатираат вработените.
Штрајкот е од синдикален карактер и бараме новите газди да си ги исполнат
обврските од договорот. Особено сме навредени од новиот предлог на
Словенецот да исплати пари, а Синдикатот да ги раздели средствата на оние
вработени за кои смета дека се социјално најзагрозени, изјави Љубица
Лешниковска, претседател на штрајкувачкиот одбор на НИП "Нова Македонија".
СИНДИКАТ
Првиот синдикалец во државава, Ванчо Муратовски им даде поддршка на
штрајкувачите на НИП-от за исплата на петте заостанати плати, придонеси и
хонорари. Тој во разговорот со Штрајкувачкиот одбор се информирал до каде е
штрајкот и изјавил дека избегнувањето на раководството на НИП "Нова
Македонија" да разговара со штрајкувачите е само изговор дека доколку дојде
до евентуално неизлегување на весниците "Вечер" и "Нова Македонија",
штрајкувачите би ја сносиле вината за тоа.
Ќе ги поддржиме вработените, бидејќи јасно е дека откако народот ќе
излезе на улица да штрајкува, барањата се исполнуваат. Ние направивме
стратегиски план како натаму да тече штрајкот, изјави Муратовски.
Тој најави дека разврска за нивниот проблем очекува од неговата средба со
премиерот Црвенковски.
Со назначувањето на нов директор на Агенцијата за приватизација ќе се
видат книгите и ќе се утврди кој е газда на куќата. Доколку тоа биде "Југ
сторитве" од него ќе се бара да ги исполни обврските во согласност со
договорот за купопродажба на фирмата, а доколку не е, куќата ќе си добие нов
газда. Синдикатот ќе се заложи, според Муратовски, да се изнајдат
приоритетни средства за оваа новинска куќа, со цел да се помогне во овој
период. ССМ исто така очекува да добие конкретни информации за тоа дали
Владата префрлила средства за плати на вработените во НИП "Нова Македонија"
и ако ги префрлила, каде се тие пари.
ГАЗДИ
Новите газди и нивните менаџери никако не наоѓаат време за разговор со
вработените кои штрајкуваат. Место разговор "очи во очи" тие комуницираат
преку писма упатени до медиумите. Во едно такво писмо потпишано од Бранко
Мајдач, директор во "Југ сторитве", нивната според него "добродушност" е
наплатена со штрајк. Според Мајдач, Владата им сугерирала да задржат само
600 вработени, но тие биле оние кои инсистирале да останат сите.
Вака секој ден има се помалку место за соработка и не може да се спроведе
санационен план, изјавил Мајдач додавајќи дека штрајкот е виновен што
тие не успеале да ги исплатат септемвриските и октомвриските плати.

Тоа што се случува во куќата во последниве неколку дена преставува
класичен пуч од страна на неколку луѓе од Штрајкувачкиот одбор. На
раководството, но и на вработените кои сакаа да бидат на работа беа спречени
нормално да ја извршуваат својата обврска, пишува Никола Тасев,
претседател на Управниот одбор на НИП "Нова Македонија", кој поднесе оставка
од својата функција, во соопштението упатено до медиумите.
ПРАШАЊЕ
Она што често се прашуваат вработените во НИП "Нова Македонија" е од каде
се дојдени оние 2,3 милиони евра за купување на нивната куќа? Прашањето за
оваа најголема Новинско-издавачка куќа исто така е приоритетна за Владата и
Собранието на Република Македонија кои мора да изнајдат решение за
понатамошното нејзино функционирање. Штрајкувачкиот одбор на НИП упати
барање до Амбасадата на Република Словенија во кое се бара да бидат
доставени информации за лицата: Душан Грабнар, Вито Комац, Лео Иванко, Мира
Поточник-Арсова, Петар Поточник, Антон Поточник, Марија Шоштир, Јожица
Крајник, Алеш и Јелка Рајтмајер, каде се вработени и со што се занимаваат и
дали досега против нив се водени кривични постапки за злоупотреба на
службена должност или други работи во земјата од каде што доаѓаат. Ова
оттаму што Штрајкувачкиот одбор смета дека истите лица имаат сторено
кривично дело при трансакцијата на НИП-от и од Министерството за финансии
бара да направи финансиски инспекциски надзор за да се утврди со кои пари "Југ
сторитве" го платил пакетот од 69,76 отсто акции, во висина од 2,3 милиони
евра. Истовремено се бара да се докаже потеклото на парите со кое е извршена
блок-трансакцијата за купување на НИП-от. Исто така од надлежните државни
институции се бара стопирање на сите активности поврзано со какви било
купопродажни активности во кои се вклучени словенечки и домашни фирми. Сепак,
главниот збор за проблемот со НИП-от ќе го имаат највисоките државни
институции кои би требало да стават точка на досегашната состојба.