поред најновите истражувања,
првичните ревизии во работењето на Електростопанство на Македонија, говорат
дека е констатиран прекумерен вишок на работна сила, односно вработени во
ова претпријатие. Констатацијата на новиот менаџерски тим е дека најголем
процент од вработувањата се реализирани во изминатиот период од една година.
Во моментов има многу повеќе работна сила од потребите и можностите на ЕСМ,
што го потврдува и фактот дека износот што се издвојува за плати е поголем
во однос на претходната година и изнесува 1,6 милиони евра. Платите што се
исплаќаат на вработените претставуваат директни трошоци во работењето на
фирмата. Поаради значителното зголемување на трошоците во работењето, ЕСМ
работи под нивото на рентабилност.
НЕИЗВЕСНА СУДБИНА
Новото раководство смета дека најоптимален начин за решавање на
прекумерната вработеност е да се ослободи од вишокот на вработени кои се
голем товар врз работењето на компанијата. Според првичните информации до
кои дојде менаџерскиот тим во изминативе четири години вработени се 2.127
нови лица. Во последниот месец имало 117 нововработени, а во последните три
месеци 597 лица, или вкупно во последните шест месеци 745 лица. За една
година во постојан работен однос се примени 1.100 работници. Бидејќи ова се
првични податоци, Златко Симоновски, помошник на генералниот директор за
правни и општи работи, констатира дека постои голема веројатност оваа бројка
да не е конечна. Исто така менаџментот поднесе барање до сите подружници, да
се преиспита начинот на приемот на сите овие лица и да се достават податоци
за нивната соодветна стручна подготовка за местото кое го завземаат во
организацијата. Со преиспитување на систематизацијата, онаму каде што ќе се
утврди несоодветност во постапката за вработување, односно каде што ќе се
констатираат малверзации, ќе се преземаат соодветни законски постапки.
Доколку легалната постапка е запазена, работниците и натаму ќе останат во
работен однос и ќе ја делат судбината на сите вработени во ЕСМ.
Раскинувањето на договорите на оние кои работат под договорот за дело е
неминовно, објасни Симоновски, за што е испратена информација до сите
подружници.
ТЕЛЕФОНСКИ СМЕТКИ
Симоновски истакна дека во 1995 година Управниот Одбор на ЕСМ донел
одлука за почеток на структурните реформи во претпријатието, кое тогаш
располагало само со 8.590 вработени. На почетокот од реформите компанијата
се заложи за одвојување на деловите кои не биле во производствена функција.
Тоа е случај со хотелите "Бисер" од Струга, "Молика" од Битола и мотелот од
Крушино. Потоа се одвоиле деловите за исхрана, одделни работилници и слично.
Ова, според Симоновски, овозможило премин кон наредната фаза во која на
одредени работници им била понудена испратнина. Така бил намален број на
вработените за 1.114 работници. Меѓутоа, сиот овој напор е девалвиран со
новите вработувања.

Ламбе Арнаудов користел десет "мобилки" на трошок на ЕСМ
Новото раководство се уште не располага со информации за конкретната
финансиска состојба во која се наоѓа ЕСМ. За оваа цел е распишан тендер за
избор на реномирана консултантска куќа која треба да направи ревизија на
целокупното досегашно финансиско работење. Во меѓувреме се стопирани сите
активности за распишување на тендери, избори по веќе распишани тендери,
потпишување на договори и плаќање на стасани обврски, службени патувања во
странство и слично. Исто така, раскинат е и договорот со "МобиМак" за
користење на мобилните телефони, заради пречекорување на дозволените лимити
и направени прекумерни трошоци, а не се знае кој се на сметка на ЕСМ ги
користел телефоните. Познато е дека само досегашниот директор, Ламбе
Арнаудов, имал дури десет мобилни телефони, за кои немал никаков лимит, а
само за месец септември има направено сметка од 3.500 евра. Вкупните трошоци
за мобилни телефони на ниво на претпријатието за месец септември изнесувале
30.300 евра, а во месец август 31.600 евра.